Гласот на учениците играл важна улога во постигнувањето на компромис меѓу Владата и Синдикат за образование, наука и култура (СОНК), според првиот човек на македонските средношколци, Лука Павиќевиќ.
„Повеќе институции за време на штрајкот, постојано излегуваа со соопштенија дека треба интересот на учениците, а со тоа и интересот на средношколците, да бидат ставени на прво место. А вчера, на прес-конференцијата, претседателот на СОНК излезе и со извинување кон ученците и родителите за тоа што било изгубено и пропуштено. Така што, според овие изјави јасно е дека гласот на учениците играл важна улога во постигнувањето на компромисот“, изјави Павиќевиќ за РСЕ.
Како да се надополни изгубеното?
„Продолжувањето на учебна година би било многу тешко, од аспект на матурантите, бидејќи тие ќе треба да полагаат матура на почетокот на јуни и потоа да одат уште десет дена на настава. Тоа е нелогично и воопшто нема смисла. Ако матурата се полага во јули кон август, тогаш ќе се судри со роковите за аплицирање на странските факултети. Па затоа, моментално тимовите во Сојузот прават анализа на наставните програми, гледаат можности за некаков компромис, а знаеме дека има сличен став и од СОНК. Меѓутоа, бараме од Министерството за образование и наука и ние да бидеме директно вклучени во тие одлучувања, бидејќи учениците беа тие коишто најмногу изгубија со изминативе десет работни дена“, истакна претседателот на Сојузот на средношколци.
На почетокот на штрајкот во основното и средното образование и детските градинки кој почна на 11 април, Сојузот на средношколци молчеше, но потоа, пушти глас.
„Во знак на солидарност со професорите, рековме дека првата седмица од штрајкот ќе ја одмолчиме јавно и затоа не дававме медиумски изјави, за да не излезе дека им правиме притисок - да постигнат решение што е спротивно од нивните интереси и да направиме колку-толку неутрална сцена во однос на нивните барања, односно да ги оставиме да се изборат за тоа што го сакаат и бараат од државата. Но, кога видовме дека работите излегуваат од контрола, вечерта на 20-ти кон 21-ви април излеговме со итно соопштение кадешто рековме: „Луѓе, дајте, што побрзо да го решите овој проблем, бидејќи сепак учениците како најголемата засегната страна во образованието се тие коишто најмногу губат.“ Во претходните денови, медиумскиот етер беше секојдневно бомбардиран од соопштенија на институциите, политичките партии, различни федерации и синдикати... Излезе Сојузот на средношколци со едно соопштение и два дена потоа, бидејќи беа празници, Велики петок и Велигден, се донесе решение“, вели Павиќевиќ.
Според него, случувањата во образованието поврзани со штрајкот беа најстресни за матурантите кои се подготвуваат за уписи на факултети се обврзани со законски рокови да ја положат државната матура. Вели, имаше ризик евентуалното поместување на роковите дома, да направи најголем проблем за матурантите кои сакаат да се запишат на универзитет во странство, а да не можат тоа да го сторат во предвидениот рок.
„Во најкус можен рок треба да се вратиме на настава за да не го уништиме сонот на ниту едно дете“, додава средношколскиот лидер.