Најавите дека сметот од струшката дива депонија и охридската на Буково, како и од други југозападни општини ќе се носи во нова регионална депонија во Новаци, ја разбранува Битола. Одлуката ја донесе Советот на Југозападниот регион, а дека ќе биде лоцирана на територијата на Новаци, потврди струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Дел од битолчани реагираат дека доста им е загадување од РЕК, кој исто така е на територијата на Новаци, па сега уште и цело ѓубре од регионот да се транспортира таму. Други граѓани пак, коментираат дека ќе биде решение за дивите и градски депонии кои не се санитарни и загадуваат.
„Не ми се верува што слушам. Па доста, цела Пелагонија е отруена и загадена со РЕК Битола 50 години, сега треба да стане главна депонија за скоро пола Македонија. Прв сум против оваа идеја и прв ќе ја бранам Пелагонија со сите демократски средства“.
„Ако е по сите стандарди изградена, може да се постави таму. Сегашната постојна депонија ја загадува животната средина, па оваа ако е изградена според ЕУ-стандарди, ќе го реши проблемот. Порано Мегленци се палеше и до населените места доаѓаше смрдеа и чад“.
„Доста РЕК е таму, па сега и регионална депонија сакаат да прават, цел смет од регионот да го носат таму“.
„Треба да си го активираме мозокот што е доброто за општо добро“, велат анкетираните битолчани.
Струшкиот градоначалник Мерко вели дека на отворањето на депонијата ќе се работи со забрзани чекори.
„Веќе имаме претставници од сите општини што ќе работата на проектот. Предност му се дава на Новаци, таму да биде седиштето на Јавното меѓуопштинско претпријатие кое ќе управува со сметот“, рече тој.
Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, вели дека ова е решено уште пред пет години, кога новачани на јавна расправа дале зелено светло за депонијата.
„Во овие пет месеци од кога сум јас градоначалник од мене не се бара согласност од Министерството, само соработка. Депонијата во суштина би требало да биди фабрика што ќе го селектира и рециклира отпадот. Органскиот отпад ќе биде подложен на анаеробна ферментација од што би се добило биогас за производство на електрична енергија. Другиот отпад ќе се селектира и пренасочува на финална рециклажа онаму каде што е наменет“, вели тој и додава:
„Регионалната фабрика за рециклирање на отпадот треба да ги задоволува сите ЕУ-регулативи за модерна депонија. Загадувањето ќе биде сведено на минимум за разлика од она што сега се случува со депонијата Мегленци која не задоволува никакви стандарди и услови и екстремно ја загадува животна средина во Пелагонија“, вели Стевановски.