Достапни линкови

Рестораните отворија, угостителите заминаа на работа во странство


По две години од стартот на ковид кризата, угостителството кое беше еден од најпогодените сектори полека се враќа во „нормала“. Но овој сектор сега се соочува со нова криза, недостиг на кадар. Се поголем број на угостители заминуваат на работа во странство за повисока плата, но и други бенефиции

Угостителството беше еден од најпогодените сектори за време на пандемијата. По две години мерките конечно се олабавуваат, но токму кога треба да работат со полн капацитет, голем дел од рестораните и кафеаните сега се соочуваат со недостиг од кадар.

Угостителите кои за време на пандемијата беа најзагрозени и во страв дека ќе ги изгубат работните места поради антиковид мерките, сега откако се отворија границите, се најмногу барани и на Балканот и во Европа.

Од независната угостителска комора велат дека за време на пандемијата кога угостителските објекти беа затворени голем дел од вработените, плашејќи се за своето работно место, се преквалификувале и смениле професија, а сега откако се отворија и границите голем дел заминуваат на сезонска работа во странство.

„Факт е дека и угостителската индустрија не е имуна како и другите индустрии и дека поради појавата на пандемијата и смалениот обем на работа угостителската индустрија и бројот на вработени континуирано паѓаше. Тој недостиг и наглата побарувачка за вработувања во угостителството ширум Балканот и Европа придонесе цените на угостителските работници значително да се зголемат и нормално да луѓето бараат решенија за своите вработувања се со цел да може да стекнат искуства и нормално да прошетаат и да заработат некој денар плус“, вели Здравко Јосифовски од Независната Угостителска Комора (НУК).

Кога државата не нуди ништо истата работа ќе ја работам во друга - за повисока плата

Меѓу многуте келнери кои се подготвуваат да заминат е и триесет и четири годишниот Иван од Скопје. За време на летната сезона ќе работи во Хрватска.

Ќе зема повисока плата, а ќе има и здравствено и пензиско осигурување за разлика од Македонија каде што во последниве четири месеци работел без осигурување.

„Мотивацијата за заминување ми беше финансискиот дел кој не го добивам тука, заслужениот финансиски дел кој не го добивам од моите работодавачи кои што сум ги имал досега и за поголема сума на пари ќе ја работам истата работа во Хрватска“, вели Иван.

Процедурата за вработување била брза и лесна. Хрватските работодавци за кратко време ги подготвиле сите потребни документи и виза за да може да почне да работи таму.

„Работата ја добив по препорака од пријатели кои што ме препорачаа кај работодавците. Тие веднаш ми се јавија, беа многу ажурни, за два дена ми дадоа договор, работна виза, така што беше многу лесно и едноставно. Договорот за работа ми е до октомври“, додава младиот скопјанец.

Иван е разочаран од условите за работа тука, па вели дека доколку му се пружи шанса воопшто не би размислувал за враќање назад во Македонија.

„Ако имам можност ќе останам таму комплетно, бидејќи мојата земја не ми нуди ништо“, вели Иван.

Агенциите полни со огласи за работа во странство

Висока заработувачка, легална работа, евидентиран работен стаж, проверени работодавци, платена прекувремена работа, ова стои во огласите на дел од агенциите кои посредуваат за работа во странство.

Според огласите, најмногу се бараат келнери, готвачи, собарки и општи работници во хотелиерството и угостителството, голема побарувачка има и за магационери како и за работа во маркети, а Хрватска е меѓу земјите кои најмногу бараат ваков профил на работници.

Работните договори најчесто се на 6 месеци, платата се движи од 800 до 1000 евра плус бакшиш, во поголем дел од случаите обезбеден е еден оброк за време на работните часови, а прекувремената работа се плаќа дополнително.

Од независната угостителска комора предупредуваат дека индустријата останува без работници и дека државата мора да преземе некакви мерки.

Претседателот на комората Јосифовски вели дека веќе предложиле неколку мерки до Владата со кои би се подобриле состојбите.

„Проблемот е дискутиран и на повисоко ниво, а и во однос на владата и министерствата со цел да се укаже дека по кратки постапки треба да се извршат промени во законот за труд, со цел да се овозможи на лица кои се порано пензионирани а имаат искуство во угостителската индустрија или на млади лица кои што поради која било причина не ја напуштаат државата, а сакаат сезонска работа или дополнителни вработувања - да се овозможи со помали проблеми да се вработуваат краткорочно се со цел да се обезбеди потребната работна сила за угостителските објекти останат во функција“, вели Јосифовски од НУК.

Во спротивно, додава тој, дел од угостителските објекти нема да можат да најдат соодветен кадар и ќе дојде до ситуација едноставно да бидат приморани да ги затвораат своите угостителски објекти.

Ивана Стојкова

XS
SM
MD
LG