Достапни линкови

Пандемија, онлајн, па штрајк - учениците изгубија навика за учење


илустрација
илустрација

Штрајкот во детските градинки, основното и средното образование продолжува. СОНК смета дека предлогот на Владата не води кон подобрување и со него се врши силен притисок врз штрајкувачите. Но, останува прашањето како ќе се надомести изгубената настава и дали матурските испити ќе бидат одложени?

Штрајкот на наставниците продолжува и оваа недела откако синдикатот и владата не постигнаа договор за покачување на платите. Владата понуди покачување од 10% СОНК одби.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека Советот на СОНК смета дека предлогот на Владата за зголемување на платите од 10 насто со цел да биде прекинат штрајкот во образованието не водат кон подобрување на состојбите и со нив се врши силен притисок врз штрајкувачите.

„СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот, доколку владата ги почитува законите, и до септември односно по изминување на 6 месеци од донесувањето на минималната плата истата да се усогласи со гранските колективни договори, како што е впрочем предвидено во законот за минимална плата, а за волја на вистината до денешен ден, ниту еднаш не е испочитуван“, изјави Неделков.

СОНК-Владата врши притисок, штрајкот продолжува

Додека владата и Синдикатот на Образованието се расправаат учениците наместо во училиште останаа дома и главно прашање е како ке се надомести изгубената настава.

Најпогодени се матурантите кои во јуни треба да го полагаат матурскиот испит кој бара поголема подготовка и учење на материјалот. Дел од матурантите велат дека веќе ги фаќа паника како ќе полагаат со оглед на тоа што изгубиле доста часови од настава.

Ева Стојанова која што е четврта година во велешката гимназија „Кочо Рацин“ се уште ги нема одбрането ниту проектните задачи, а уште повеќе вели загриженост и создава полагањето на матурскиот испит.

„Проектните матурски задачи се уште не ни се одбранети. Требаше да ги одбраниме на 11-ти, но токму тогаш започна штрајкот и малку не фаќа паника во овој дел, затоа што мислам дека законски треба до 30-ти да бидат одбранети и не знаеме како што ќе биде. Се надеваме дека и тој датум ќе биде одложен, а во врска со матурата мислам дека се чувствува мала доза на паника затоа што и со онлајн наставата веќе мислам дека многу се изгуби“, вели матурантката Ева.

Образованието изминативе две години се соочи со низа предизвици, поради ковид пандемијата која покажа многу недостатоци во системот.

Тие недостатоци учениците веќе ги чувствуваат на своја кожа. Ева вели дека и самата забележува дека изгубена е навиката за учење, а онлајн наставата оставила сериозни „дупки“ во знаењето.

„Како генерација која бевме погодени и од короната и онлајн наставата што се спроведуваше морам да забележам дека кај нас учениците се забележува преголемо губење на навиката на учење, еве и годинава кога се вративме во септември во училиште мислам дека од сите наставници беше тоа забележано - дека ние на некој начин имаме изгубено навика за учење и дека не се споредува како сето тоа се одвиваше пред короната и сега откако се вративме во училиште, еве сега и ова со штрајкот мислам дека секако негативно влијае кај нас“, вели Стојанова која како што потенцира - се надева дека што поскоро ќе се врати во училиште.

Како ќе се надоместуваат изгубените часови?

Од министерството за образование и наука не добивме одговор кој е планот на надлежните. Што доколку штрајкот продолжи и понатаму и како учениците ќе го надоместат материјалот и часовите кои ги изгубија.

Дополнително нема информации ниту дали училишната година ќе биде продолжена и дали матурските испити ќе бидат одложени.

Дел од родителите со онлајн петиција „Да ги вратиме децата во школо и градинка“

И додека дел од родителите ги поддржуваат наставниците во нивните барања и правото на штрајк, друг дел веќе подготввија онлајн петиција со која бараат децата да се вратат во училиштата и градинките.

„Местото на децата е во школо и градинка, бабите и дедовците се веќе уморни, а мама и тато пред отказ. После Ковид изолациите, штрајкот на образовниот систем не дотепа. Поддршка имаат штрајкувачите, сите се бориме за подобро утре, но ние, родителите, немаме никаква поддршка единствено што ни остана се закани за отказ. Ова се очајни потези, ниедна институција не сака да не ислуша, следно е ние да искочиме на улица“, пишува во онлајн петиција на социјалните мрежи.

Неделков: Заканите од Владата нема да не поколебаaт

Од синдикатот за образование и наука порачаа дека тие ја разбираат загриженоста кај родителите и кај учениците, но истовремено велат дека дојдено е времето кога мора да се подигне социјалниот статус и враќањето на дигнитетот на професијата наставник во земјава.

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков за РСЕ вели дека штрајкот ќе продолжи и дека заканите од Владата дека наставниците кои ќе штрајкуваат нема да добијат плата нема да ги поколебаат.

„Сметаме дека Владата не треба да ги заплашува колегите кои што штрајкуваат да се откажат заради тоа што ќе им биде намалена платата, ние сигурно нема да се колебаме додека не добиеме понуда која што ќе одговора на сегашните состојби со инфлацијата“, вели претседателот на СОНК.

За изгубената настава Неделков претходно рече дека може да се надомести со скратена настава, а пропуштениот материјал учениците да го изучуваат во позбиена форма и со побрза динамика, како што било и досега во вакви случаи.

Ковачевски - СОНК ги ставаат личните пред интересите на децата

Премиерот Димитар Ковачевски пак одлуката на СОНК да ја одбие понудата за покачување од 10% на платите ја оцени како ненадоместлива штета која ја прават членовите на синдикатот во образованието на учениците и отежнување на секојдневието на родителите.

„Зошто СОНК смета дека покачувањето на платите од 2 500 денари е малку: Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок, со што евидентно е дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата“, порача премиерот Ковачевски.

Од стартот на штрајкот владините претставници постојано ги повикуваат наставниците да продолжат со наставата, а решение за платите да се бара преку социјален дијалог.

СОНК го започна штрајкот минатиот понеделник со барање за зголемување на платите и нивно усогласување со минималната плата, која од март изнесува 18.000 денари.

Ивана Стојкова

XS
SM
MD
LG