Достапни линкови

Битола остана без ингеренции врз детските градинки


Детска градинка во Битола.
Детска градинка во Битола.

Министерството за труд и ги одзеде ингеренциите на Општина Битола да именува членови во Управните одбори на двете јавни детски установи „Естреја Овадија –Мара“ и „Мајски цвет“ под кои се наоѓаат 16 градинки со околу 1. 400 деца. Со градинките управуваат директори од СДСМ и ЛДП, а локалната власт сега предводена од ВМРО- ДПМНЕ не ги изгласа годишната програма, извештаите за работа и не назначи ченови на Управните одбор во установите за градинките да можат нормално да функционираат.

Политичките опструкции меѓу локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Битола и централната од СДСМ стигнаа дотаму што државата направи чекор назад во децентрализацијата, па Министерството за труд и социјална за првпат ѝ ги одзеде ингеренции на Општината врз сите јавни детски градинки во Битола.

Ова се случи откако општинското советничко мнозинство не ги изгласа Годишните програма за работа, извештаите и не именува претставници од установите како членови во Управните одбори на градинките каде директорите се кадри од СДСМ и ЛДП.

Министерството им ги одзеде ингеренциите на Советот и градоначалникот Тони Коњановски да именуваат членови во Управните одбори на двете јавни детски установи „Естреја Овадија –Мара“ и „Мајски цвет“ под кои се наоѓаат 16 градинки со околу 1. 400 деца.

„Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ најпрво не ги изгласа завршните сметки и програмите на детските градинки уште на првите седници, без никакво образложение. Потоа три пати ја поставија и три пати ја тргнаа точката од дневен ред за избор на претставник на вработените во управниот одбор на „Естреја Овадија Мара“. Без ронка одговорност ги оставија градинките три месеци парализирани, без функционален Управен одбор“, обвини Борче Корлевски, советник од СДСМ која на локално ниво е опозиција во Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека централната власт продолжува со опструкции, директно удирајќи по воспитниот процес.

„Група вработени, реагираа на начинот на одржување и избор на член во Управниот одбор на установата од редот на вработените, опишувајќи го како нерегуларен, спроведен без присуство на сите членови и во недостаток на гласови, дополнет со глас на директорката. Нелегално избраниот член, не беше изгласан од Советот на Општина Битола. Како локална самоуправа, не можеме да дозволиме ваков начин на функционирање, па целата документација ја доставивме до Министерството за труд. Наместо преземање на соодветни мерки се соочуваме со одземање на ингеренциите“, рече Коњановски.

Од Министерството за труд и социјална политика возвратија дека целосно и докрај го спроведуваат Законот за заштита на децата, со цел детските градинки да ја извршуваат својата основна функција, згрижување на децата од предучилишна возраст.

Во двете јавни детски установи направиле инспекциски надзор при што утврдиле дека Советот на Општината не ги има спроведено законските одредби и им дале рок да го направат тоа. Откако овие не постапиле, Министерството одлучи да им ги одземе надлежностите. Сега тие ќе именуваат членови во Управните одбори на градинките.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG