Достапни линкови

И Вучиќ и Орбан прогласија убедлива победа на изборите


Српскиот претседател Александар Вучиќ прогласи победа на претседателските и парламентари избори
Српскиот претседател Александар Вучиќ прогласи победа на претседателските и парламентари избори

Популистичките лидери на Србија и на Унгарија, Александар Вучиќ и Виктор Орбан убедливо водат на изборите во своите земји што се одржаа денеска. Во Унгарија се одржаа парламентарни избори, додека во Србија истовремено имаше претседателски, предвремени парламентарни и делумни локални избори.

Националистичкиот премиер на Унгарија Виктор Орбан вечерва прогласи убедлива победа на неговата партија Фидес на парламентарните избори во земјата. Орбан, кој е на власт од 2010 година, освои четврти мандат на чело на унгарската влада.

Првичните резултати од изборите, по пребројани 70 отсто од гласовите, покажуваат дека Фидес освоила 135 пратенички места во 199-члениот парламент, опозициската коалиција од шест партии има 57 пратеници, а 7 пратеници освоила крајно десничарската партија Ми Хазанк (Нашиот дом) која го надминала изборниот праг од 5 отсто и за првпат влегува во парламентот.

Во 10-минутниот говор пред симпатизерите и поддржувачите во Будимпешта, Орбан прогласи „голема победа“ за неговата партија.

„Освоивме победа толку голема што може да се види од Месечината, а сигурно може да се види од Брисел“, рече Орбан.

Домашните теми во кампањата паднаа во втор план зад војната во Украина која се граничи со Унгарија. Иако Орбан генерално ја поддржува Украина, тој не дозволи оружјето од НАТО за Украина да се испорачува преку унгарска територија, велејќи дека Унгарија треба да остане надвор од војната.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан прогласи победа на изборите
Унгарскиот премиер Виктор Орбан прогласи победа на изборите

На предизборен митинг на 1 април, Орбан предупреди дека ако опозицијата победи протокот на оружје кон Украина ќе почне „следниот ден“ додека увозот на енергија од Русија ќе биде прекинат, што ќе им наштети на Унгарците и на унгарската економија.

Победа на претседателските и парламентарни избори во Србија прогласи актуелниот претседател и лидер на Српската напредна странка Александар Вучиќ.

Тој рече дека СНС на парламентарните избори освоила 44 отсто од гласовите. Според нивните прелиминарни резултати, опозициската коалиција „Обединети за победа на Србија“ освоила 13,6 отсто, Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ, кој е коалиционен партнер на Вучиќ, 11,4 отсто, десничарската коалиција НАДА 5,3 отсто, коалицијата Мораме 4,7 отсто и дека по 3,8 отсто од гласовите освоиле коалицијата на Двери и партијата Заветници.

Според резултатите на СНС, на претседателските избори Вучиќ освоил над 59 отсто од гласовите, а неговиот главен противкандидат Здравко Понош има 17,7 отсто. Останатите кандидати имаат под 6 отсто од гласовите.

Вучиќ е претседател од 2017 година, а претходно беше премиер. Неговата партија е на власт од 2012 година.

Тој рече дека на изборите излегле над 3,8 милиони гласачи, што е најголема излезност во последно време и дека „освен бесмислените тензии“ сè поминало во најдобар ред и мир.

Тој им честиташе на сите противници и рече дека „влијанието на украинската криза било огромно за резултатите на изборите и дека „Србија драматично се поместила во десно“.

Според проекциите на невладината организација за мониторинг на изборите ЦеСИД, по обработени 55,6 отсто од гласовите, Вучиќ на претседателските избори освоил 59,8 отсто, додека неговиот главен опозициски противкандидат Здравко Понош освоил 17 отсто од гласовите. На претседателските избори учествуваат осум кандидати.

Многу гласачки ливчиња, малку изненадувања на изборите во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

На предвремените парламентарни избори, пак, според обработени 62,5 отсто од гласовите, ЦеСИД проценува дека владејачката Српска напредна странка ќе освои 43,6 отсто, опозициската коалиција Обединети за победа на Србија има 12,8 отсто, Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ, која исто така е дел од власта, има 11,6 отсто, десничарската коалиција НАДА 5,4 отсто, коалицијата Мораме има 4,3 отсто, десничарската коалиција на ДВЕРИ има 4 отсто и десничарската партија Заветници има 3,9 отсто. Останатите партии се под изборниот праг од 3 отсто.

За парламентарните избори имаше 19 коалициски и партиски листи.

Во исто време се одржуваат локални избори во градовите Белград и Бор и во уште 12 општини – Медвеѓа, Дољевац, Лучани, Севојно, Аранѓеловац, Кула, Мајданпек, Књажевац, Сечањ, Смедеревска Паланка, Кладово и Баина Башта. Во Србија се гласа за општински советници, а потоа тие избираат градоначалник.

Опозициските партии пријавија низа инциденти пред избирачките места во Белград и во другите градови. Републичката изборна комисија (РИК), пак, оцени дека изборниот ден поминал без поголеми проблеми.

РИК одлучи дека нема да соопшти прелиминарни резултати во текот на ноќта и оти понатаму вечерва нема да одржува прес-конференции. Ова е првпат РИК да не ги соопштува резултатите. Рокот за објавување конечни резултати е 7 април.

Сепак, РИК објави линкови на кои граѓани во живо може да го следат пребројувањето на гласови, но официјално има обработено само 15 отсто од избирачките места.

Во меѓувреме, опозицијата прогласи победа на локалните избори во Белград.

Шефот на белградскиот изборен штаб на коалицијата „Обединети за победа на Белград“ Бане Кузмановиќ вечерва соопшти дека опозицијата има мнозинство во Белград.

„Кога велам опозиција, мислам на коалицијата „Обединети за победа на Белград“, коалицијата Мораме и коалицијата НАДА“, рече Кузмановиќ.

Тој рече дека на некои гласачки места во Белград изборите траеле скоро до 22 часот, зашто во текот на денот „луѓето биле запирани и не можеле да ја извршат својата граѓанска должност“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG