Достапни линкови

Пет трендови поврзани со Кина што треба да се следат во 2022 година


Односите меѓу Москва и Пекинг стануваат сѐ посилни додека нивните ривалства со Вашингтон се интензивираат, претседателите на Русија и на Кина Владимир Путин и Си Џинпинг
Односите меѓу Москва и Пекинг стануваат сѐ посилни додека нивните ривалства со Вашингтон се интензивираат, претседателите на Русија и на Кина Владимир Путин и Си Џинпинг

Каква разлика прави една година. Кина веќе се чувствува триумфално во борбата со пандемијата на ковид-19 кога забележа геополитичка победа кон крајот на декември 2020 година со потпишување голем трговски договор со ЕУ. Меѓутоа, 2021 година имаше поинакви планови за Пекинг.

Договорот за инвестирање беше суспендиран на неодредено време во мај по размената на санкции меѓу Кина и ЕУ за кршење на правата на Ујгурите и припадниците на другите муслимански малцинства во западната провинција Ксинџијанг.

Оттогаш, Тајван ги подобри своите врски низ Европа, а тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву тргна на значајна турнеја низ неколку земји од Централна Европа во октомври.

ЕУ предлага нова мерка за трговска одбрана

Литванија, мала балтичка земја со 2,7 милиони жители, беше во центарот на кинеско-европските односи, повлекувајќи се од самитот меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа во февруари, а потоа влезе во долг спор со Пекинг за неговите врски со Тајван. Кина започна жестока пропагандна кампања, економски санкции и дипломатски конфликт што доведе до тоа Вилнус да ја затвори својата амбасада во Пекинг на 15 декември.

Додека на Европа сè уште ѝ недостасува кохезивен план за Кина, настаните во 2021 година ги охрабрија официјалните претставници и владите на ЕУ да бараат построг став кон Пекинг, а целата епизода е поширока мешавина на дипломатски можности и стратешки грешки што ја дефинираа кинеската политика од Централна Европа до Јужна Азија.

Тензиите меѓу Русија и Западот помогнаа да се развијат уште потопли врски меѓу Кремљ и Пекинг, додека хаотичното повлекување на САД од Авганистан, што доведе до враќање на Талибанците на власт, ја отвори вратата за нови можности, кои, сепак, носат нови ризици.

Од друга страна, следната година се очекува да дојде до еден клучен момент во современата кинеска историја. Имено, многумина предвидуваат дека претседателот Си Џинпинг ќе ги укине ограничувањата на својот мандат и ќе побара владеење на еден човек.

Еве пет големи трендови што треба да се следат додека Кина го продлабочува своето влијание низ Евроазија.

1. Ширење на кинескиот безбедносен отпечаток

Загриженоста за безбедноста на границите, екстремистичките групи и безбедноста на кинескиот персонал низ Централна и Јужна Азија се зголемија оваа година откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август, како и серијата напади врз кинески државјани кои работат во Пакистан.

Пакистан и Кина побараа хуманитарна помош за Авганистан

Пекинг долго време е загрижен за тероризмот во регионот, особено за заканите од ујгурските екстремистички групи и почна да работи на зајакнување на безбедносните односи со сите свои соседи - од владите на Централна Азија до Талибанците - поврзувајќи го апаратот за внатрешна безбедност на Кина со други земји.

„Досега Пекинг покажа дека внимателно ги следи своите безбедносни интереси за прашања за кои се плаши дека може директно да влијаат врз Кина“, вели Рафаело Пантучи, виш соработник во Кралскиот институт, за РСЕ. Многу од овие партнерства продолжија да се развиваат во 2021 година.

Во октомври беше објавено дека Кина ќе финансира и изгради полициска база во Таџикистан за таџикистански персонал, а истрагата на РСЕ покажа дека присуството на Кина долж границата продолжува да се зголемува.

„Кина покажа дека претпочита чувствителен пристап и би сакала да се фокусира врз градење односи со локалните власти со цел да се решат безбедносните проблеми“, вели Пантучи. Пекинг продолжува да инвестира во обуката на многу од своите соседи, а Кина, наводно, потпишала 59 договори за екстрадиција со други земји во последниве години.

2. Нова ера за Пекинг и Москва?

Си и рускиот претседател Владимир Путин ги истакнаа нивните врски на 15 декември за време на 90-минутниот видео повик во кој тие се обидоа да покажат обединет фронт среде притисокот на Западот и врз Кина и врз Русија.

Москва и Пекинг не се формални сојузници, иако за време на разговорите Путин рече: „новиот модел на соработка меѓу нашите земји е формиран врз принципи како што се немешање во внатрешните работи и почитување меѓусебните интереси“.

Путин и Си ќе разговараат за тензиите во Европа

Си пак, му се заблагодари на својот колега за силната поддршка на напорите на Кина да ги заштити нејзините клучни меѓународни интереси.

Нивните односи стануваат сѐ посилни додека нивните ривалства со САД се интензивираат, со заеднички воени вежби, па дури и нудење меѓусебна политичка поддршка за низа прашања, од критиките на Путин на воениот сојуз АУКУС (составен од Австралија, САД и Британија) и поддршката на Москва за безбедносни гаранции за ограничување на влијанието на Западот низ целиот поранешен Советски Сојуз.

„Тие се зближуваат и иако не сакаат да го официјализираат сојузот, тие се сè поподготвени меѓусебно да се поддржуваат за прашања кои не го засегаат другиот“, оценува Пантучи.

До каде ќе напредува овој однос останува да се види, особено додека Русија нервозно го следи растечкото безбедносно и политичко влијание на Кина низ Централна Азија и додека регионалните економски модели на двете земји - Евроазиската унија предводена од Москва и Кинеската иницијатива „Појас и пат“ - се соочуваат со високи царини и проблеми со координацијата и покрај оптимистичката реторика.

Меѓутоа, бидејќи тензиите со Западот може само да се зголемат во 2022 година, треба да се очекува Путин и Си уште повеќе да се потпираат еден врз друг. „Гледаме како оваа врска се трансформира во реално време. Треба да го промениме нашето размислување, бидејќи оваа динамика продолжува да се менува и потенцијално станува нешто потрајно, “, вели Пантучи.

3. Полирање на Појас и пат

За помалку од 10 години, иницијативата „Појас и пат“ ја позиционираше Кина во центарот на меѓународниот систем, со нови железници и мостови, оптички кабли и 5G мрежи, цевководи и пристаништа кои помогнаа да се прошири финансиското, технолошкото и политичкото влијание на Пекинг преку стотици милијарди долари инвестиции и проекти од Латинска Америка до Југоисточна Азија.

Сепак, овој надворешнополитички проект неодамна наиде на многу пречки, вклучително и загриженост за долгови поврзани со кинеските проекти и обвинувања за корупција, супстандардна работа, лоши работни практики и негрижа за животната средина.

Кина ги користи инвестициите за да купува политичко влијание во Европа

Нивото на инвестиции, исто така, постојано опаѓа од 2016 година, бидејќи „Појас и пат“ почна да го префрла својот фокус врз нови области, како што се уметноста и културата, системите за е-плаќање и сателитите. Исто така, ја отвори вратата за нови конкурентни иницијативи од Јапонија, САД и Европската унија.

„Тоа беше намерно дизајнирано да биде апстрактно и нејасно. Поентата беше дека секој кинески актер може да дојде и да направи каков било проект и тоа може да се нарече дел од иницијативата „Појас и пат“, вели Нива Јау, висок истражувач на Академијата на ОБСЕ во Бишкек, додавајќи:

„Треба да престанеме да размислуваме за Појас и пат како на една работа. Постојано се менува и на крајот се работи Кина да го зголеми своето влијание во сите аспекти на глобално ниво“.

Гледајќи во 2022 година, главниот проект на Си ќе продолжи да се развива, а Јау вели дека тој веќе става поголем акцент врз меката моќ и додворувањето на јавното мислење преку медицинска помош, извоз на кинеска култура и создавање работни места, а не само со придобивање на политичките елити.

„Иницијативата „Појас и пат“ сѐ повеќе е насочена кон јавноста. Се разбира, таа не е секогаш ефикасна, но не е важно во моментов. Ако продолжат да инвестираат во мека моќ и да посветуваат ресурси на неа, на крајот ќе имаат некакви резултати“, вели Јау.

4. Волк-воините сѐ уште ќе бидат присутни

Додека Иницијативата „Појас и пат“ продолжува да бара нови начини за зајакнување на кинеското глобално влијание, Пекинг ќе мора да се справи со сѐ понегативниот глобален став кој минатата година ги оштети и меката моќ и дипломатијата на Кина.

Анкетата на Пју во јуни во претежно западните развиени земји покажа дека неповолните ставови кон Кина достигнаа нови нивоа, при што повеќето испитаници само во Грција и Сингапур имаат поволен поглед на кинеската политика.

Долгот на Црна Гора кон Кина и кредибилитетот на ЕУ на Балканот


„Неспорно е дека имиџот на Кина е во лоша форма и се чини малку веројатно дека наскоро ќе се подобри значително“, изјави за РСЕ Чарлс Данст, соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Ковид - дипломатијата на Пекинг, која постигна некои мали победи на почетокот на пандемијата во земји како Србија и Италија, почна да бледнее.

Кинеските дипломатии, таканаречени „волк воини“, усвоија агресивен стил на напади врз влади, компании и поединци кои ја критикуваат Кина, ќе ја продолжат својата практика и во некои случаи дури се заканија дека ќе ја прекинат помошта или пристапот до вакцини и лични заштитна опрема.

Многумина, исто така, шират дезинформации за потеклото на коронавирусот, а Пекинг почна да наметнува ограничувања и тарифи на некои од најпопуларните извозни производи во Австралија, откако Канбера повика на истрага за потеклото на ковид-19.


„Земјите ширум светот се најмногу загрижени за подготвеноста на Пекинг да ги користи економските врски за политички цели. Тешко е да се види дека Кина ќе го менува овој тренд во 2022 година, со оглед на јасните преференции на Си за агресивна надворешна политика и популарниот кинески национализам“, вели Данст.

5. Трговски ограничувања со политиката „нулта ковид“.

Кина е една од ретките земји во светот што ја продолжи строгата стратегија на „нула ковид“, што понекогаш подразбира затворање на цели градови доколку се открие еден случај.

Сега, дури и со ширењето на сојот омикрон, се чини дека оваа политика ќе се задржи. Ова е лоша вест за многумина низ Централна Азија кои се потпираат врз прекуграничната трговија, која доживеа нагло опаѓање за време на пандемијата поради крутите гранични контроли и ограничувањата на луѓе на кои им е дозволен влез во Кина.

„Кина и Централна Азија ќе имаат многу потешкотии во нивните трговски односи не само следната година, туку и во иднина, во зависност од развојот на пандемијата“, изјави за РСЕ Темур Умаров, експерт за Кина во Московскиот центар Карнеги.

Повеќето од трговијата на Кина со регионот е фокусирано врз природните ресурси, особено нафтата и гасот, но притисоците врз трговијата поради ограничувањата на кинеските граници станаа политичко прашање во некои земји.

„Се разбира дека тоа ќе ја фрустрира Централна Азија. Но, во исто време ним им е потребна Кина економски, така што ќе мора да ги преземат овие дополнителни чекори и да преговараат што можат да направат за прекуграничниот сообраќај“, вели Умаров.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG