Кина и Русија шират дезинформации и вршат пропаганда за потеклото на ковид-19 и за ефикасноста на вакцините со цел привлекување странска публика и сеење недоверба кон западните влади. Тие ова го прават од појавата на смртоносниот вирус во кинескиот град Вухан пред две години.
Стратегиите што ги користат кинеските и руските политичари и како нивните државни медиуми ги спроведуваат овие кампањи се во фокусот на новата студија од Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА).
САД: Русија води онлајн операција за дезинформирање за коронавирусот
Студијата покажа дека иако Кина и Русија имаат централна улога во ширењето на дезинформации поврзани со ковид-19, тие следеле главно одделни стратегии.
Додека Пекинг ја мобилизираше својата мрежа на повеќејазични државни медиуми, социјални платформи и владини претставници за да се обиде да го убеди светот дека не треба да се обвинува за пандемијата, руските мрежи за дезинформации во голема мера се обидоа да ја поткопаат вербата во борбата на Западот против ковид-19 и да ги зголемат тензиите, открива студијата во која се наведува:.
„Русија во голема мера ја следеше својата постоечка игра за користење кризи за да ги разгори тензиите во странските општества. Кина позајми некои алатки од Русија, но ги користеше за различни цели, санирајќи го сопственото досие и ширејќи теории на заговор на глобално ниво“.
„Кина селективно позајмува од книгата за игри на Русија, но тоа има свои граници“, изјави за РСЕ Едвард Лукас, еден од авторите на извештајот, додавајќи: „Кина се обидува да испрати порака за самодоверба и да истурка конзистентна порака за способностите на Комунистичката партија, додека руските кампањи се повеќе фокусирани врз создавање хаос без разлика дали тоа е во спротивност со официјалната верзија на Кремљ“.
Од 2016 година, Русија нашироко се сметаше за водечки странски актер кој шири дезинформации, на пример во напорите да се влијае врз важни национални избори. Меѓутоа, со ковид-19, Кина го презеде водството на глобално ниво, зголемувајќи ги своите напори да шири заговори за потеклото на вирусот и да го полира сопствениот имиџ.
Кинеската пропаганда и дезинформации варираат, од критикување на западните напори во борбата против вирусот до одбрана на сопствените политики за спречување на вирусот и промовирање на нејзините напори да ги снабдува земјите со заштитна опрема и вакцини.
Но, во последно време кинеските државни медиуми и официјални лица, вклучително и портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, ги засилија напорите за ширење заговори за потеклото на вирусот, вклучително и рециркулирање на дезинформации од почетокот на пандемијата за Форт Детрик, американска воена лабораторија во Мериленд.
Форт Детрик долго време беше во фокусот на руските кампањи за дезинформирање, но кинеските напори помогнаа да се турне во помејнстрим дискусија низ Западот.
Во февруари, АП објави 9-месечна истрага која откри дека Кина започнала глобална кампања за дигитално дезинформирање, користејќи го своето растечко присуство на западните социјални медиуми за да шири приказни кои имплицираат дека САД го создале ковид-19 како биооружје.
Руските напори за дезинформирање, вели Лукас, биле поинакви, од поттикнување сомнежи и сомневања за западните вакцини за ковид-19 до одбрана на ефикасноста на руската вакцина Спутник V.
На пример, инфлуенсери на социјалните медиуми во Франција и Германија во мај објавија дека група со седиште во Лондон, контролирана од Москва, понудила да им плати за да шират дезинформации за вакцината на Фајзер.
Во друг случај, руските државни медиуми и функционери започнаа кампања, обвинувајќи ги западните медиуми дека се контролирани од фармацевтските корпорации за негативно покривање околу вакцината Спутник V.
Фармите на тролови со лажни вести „предвреме“ го убија Ковид 19
„Наспроти Кина, руските дезинформации ретко се однесуваат на обидот Русија да изгледа добро пред странската публика. Станува збор за искористување на неединството и поларизацијата што веќе постои на Запад и ова е нешто што руските актери добро го дотеруваа низ годините“, вели Лукас.
Развиени тактики
Кампањите за дезинформирање поврзани и со Пекинг и со Москва продолжуваат. Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, на 1 декември соопшти дека отстранила повеќе од 600 сметки поврзани со операција на кинеско влијание во која се тврди дека САД вршеле притисок врз Светската здравствена организација (СЗО) да ја обвини Кина за ковид-19.
Лукас вели дека иако има ограничени докази за експлицитна соработка, Кина и Русија ќе продолжат да си позајмуваат тактики и да ги засилуваат меѓусебните пропагандни и дезинформативни кампањи.
Една област што треба да се следи, вели тој, е поголемото фокусирање врз земјите во развој, особено низ Африка, наместо врз Запад. Кина со години инвестира во своите медиумски операции низ континентот, а Русија исто така почна да гледа во тој регион.
Со појавата на нови варијанти на коронавирусот и недостатокот на пристап до вакцини во земјите во развој, Лукас вели дека Африка е „плодна почва“ за кинеската и руската пропаганда и дезинформации.
„Постои вистинска огорченост во делови од Африка и Азија поради бавното глобално вакцинирање и поради тоа што Западот го контролира пристапот до вакцините. Тоа е вистински проблем и кога работите некаде одат лошо, луѓето се поподготвени да слушаат пораки и наративи кои доаѓаат однадвор“, вели Лукас.