Вести
ОН бараат посета на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина

Нуклеарната гарда на Обединетите Нации побарала дозвола за нејзините експерти да ја посетат нуклеарната централа Запорожје во Украина, која што е под контрола на Русија, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на првиот човек на руската нуклеарна агенција Росатом.
Запорожје падна во рацете на Русија на почетокот на март, откако руските проектили го погодија објектот за обука на локацијата, предизвикувајќи голема паника.
На почетокот на конфликтот Русија го освои и Чернобил, но во вчерашниот извештај се наведува дека непријателските трупи се повлекле од тоа место.
Претходно, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) рече дека заминувањето е „чекор во вистинската насока“, додавајќи дека агенцијата планира да ја посети „многу, многу наскоро“.
Генералниот директор Рафаел Гроси изјави: „Општата ситуација со радијацијата околу електраната е сосема нормална. Имаше релативно високо ниво на локализирано зрачење поради движењето на тешките возила за време на окупацијата на централата, што очигледно е така на почетокот ".
Украинската државна енергетска компанија соопшти дека руските војници примиле „значителни дози“ на радијација од копањето ровови во зоната на исклучување околу централата.
Но, Гроси рече дека „нема потврда“ дека војниците биле погодени.
види ги сите денешни вести
Културата нема да молчи и да се плаши, порачаа културните работници

Неисплатените плати и непочитувањето на колективниот договор беа главните причини поради кои културните работници денеска (22 април) одржаа протестен Совет пред Министерството за култура. Тие побараа почитување на колективните договори и законите, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола.
Бараат и стратегија за развој на културата и закон за култура во чие подготвување ќе учествуваат токму тие, како и соодветни унапредувања на вработените и валоризација на нивните звања.
„Денеска стоиме овде не затоа што сакаме, тука затоа што мораме. Мораме затоа што веќе предолго трае ова лудило што секоја година во март и април повторно не доведува овде, на работ на трпението и достоинството. Групата од само 5 супер херои кои себеси гордо се нарекуваат министерството и оваа година никако не пропуштија да не разочараат. Храбро се бореа да ја зачуваат традицијата на протести во март и април на културните работници“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура.
Таа додаде дека над 3000 вработени останале со празни трпези за Велигден и потсети дека овој проблем се провлекува со години.
Иронијата, порачаа културните работници, е што ова се случува во „министерството кое постои токму поради културните работници“.
„Сега кога конечно постои колективен договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард и кога постојат јавни правила на игра, одеднаш имаме проблем. Тоа не е само административна измама, тоа е правно и морално предавство. Ова е удар врз достоинството на секој вработен во културата“, порача Атанасовска.
Министерот за култура Зоран Љутков, пак деновиве на фејсбук, им се извини на вработените за настанатиот проблем, уверувајќи ги дека „таквите ситуации никогаш повеќе нема да се повторат“.
Неговите колеги порачаа дека културата нема да молчи и дека ако државата не сака да ги слушне преку институциите, ќе ги слушне од улица.
Од Министерството за култура и туризам претходно соопштија дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена после празниците, а доцнењето било заради усогласување на платите.
„Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии“, информираа од Министерството за култура и туризам.
Од опозициската СДСМ побараа оставка од министерот за култура Љутков поради, како што наведоа, хаосот што го направил во културата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираа дека СДСМ не треба да глумат дека се загрижени за културата, бидејќи според нив токму оваа партија ја претворила културата во партиско богатство и платформа за криминал.
Според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат платата до 10-ти односно до 15-ти во месецот.
Покрај вработените во културата, без плата останаа и голем дел од вработените во јавниот и во приватниот сектор.
Украинска делегација ќе оди во Лондон на преговори за прекин на огнот

Сојузниците на Украина утре (23 април) ќе се сретнат во Лондон на разговори за прекин на огнот, изјави за АФП висок функционер од Киев, додека САД и европските сојузници се залагаат за крај на војната, по повеќе од три години од руската инвазија.
Изворот, кој зборуваше под услов да остане анонимен, не кажа кој од Украина ќе присуствува на средбата што претставува продолжение на разговорите во Париз минатата недела каде што американскиот државен секретар Марко Рубио го презентираше планот на Вашингтон за завршување на војната.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги притиска сите страни да прифатат прекин на огнот, но засега не успеа да извлече никакви големи отстапки од Кремљ и покрај повторените преговори и краткото примирје објавено од рускиот претседател Владимир Путин за Велигден.
САД и Европа побрзаа да ѝ помогнат на Украина кога Русија изврши инвазија во февруари 2022 година, обезбедувајќи оружје и финансии за да ѝ помогнат да се одбрани од московската армија.
Но, Трамп долго време се спротивставуваше на таа поддршка, а накратко го прекина и споделувањето разузнавачки информации и снабдувањето со оружје на Киев.
Тој се залага за спогодба за која многумина во Украина стравуваат дека би можела да ја награди руската агресија.
Франција и Велика Британија се обидоа да ја обединат Европа да ја зголеми својата поддршка за Украина откако Трамп се врати во Белата куќа.
Тие ги предводат напорите за составување „коалиција на оние што се подготвени да испратат војници во Украина за да спроведат какво било идно примирје“.
Се чини дека разговорите доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин фрли сомнеж врз предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за запирање на воздушните напади врз цивилната инфраструктура.
Путин го обвини Киев дека користи цивилни објекти за воени цели, но ја остави отворена можноста за билатерални разговори со Киев за да се разговара за идејата.
Двете страни објавија намалување на борбите за време на велигденското примирје, во кое, според Зеленски, немаше воздушни предупредувања за претстојните руски напади.
Киев и неговите сојузници го обвинија Путин дека го користи примирјето како пропагандна вежба и велат дека Кремљ нема вистинска желба да ја запре инвазијата.
Во меѓувреме, Военото воздухопловство на вооружените сили на Украина соопшти дека во текот на ноќта Русија лансирала 54 беспилотни летала, од кои 38 биле соборени, додека останатите 16 не стигнале до целите. Нападнати биле регионите на Одеса и Киев.
Се наведува дека нападот од воздух е одбиен со помош на авијација, противвоздушни ракетни единици, опрема за електронско војување и мобилни огнени групи на украинската одбрана.
Папата Франциск ќе биде погребан в сабота

Папата Франциск ќе биде погребан в сабота, на 26 април, во 10:00 часот. Ватикан веќе ги објави првите фотографии од телото на папата.
Еден ден откако почина од последици од мозочен удар, телото на папата Франциск сè уште се наоѓа во Домот Света Марта, каде што закрепнуваше по повеќе од еден месец поминат во римската болница Гемели, поради пневмонија.
Според планот, телото утре ќе биде пренесено во базиликата Свети Петар, за верниците да можат да му оддадат почит.
Во согласност со неговата желба изразена во тестаментот, папата Франциск ќе биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре.
Папата Франциск почина вчера на 21 април во 7:35 часот на 88-годишна возраст. Причината за неговата смрт, како што објави Ватикан, се мозочен удар и срцева слабост.
Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.
Осми ден блокада пред РТС

Блокадата на зградите на Радио-телевизија на Србија (РТС) од синоќа (21 април) влезе во осмиот ден и како што е најавено, ќе трае се додека не се распише нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) или додека РТС не „згасне“.
Студентите во блокада и граѓаните кои ги поддржуваат и утрово се пред зградите на РТС во центарот на Белград, на улицата Таковска и на Кошутњак.
Jавниот медиумски сервис сe уште не емитува редовна програма. Утринскиот дневник повторно беше реализиран како серија снимени прилози, без спикер во студио, а содржеше и избрани снимки од други телевизиски станици.
Претседателот на Српската напредна партија и поранешен премиер, Милош Вучевиќ, рече дека повеќедневната блокада на РТС претставува насилство и посочи дека мора да се покрене кривична постапка против секој што може да се идентификува, за да се покаже дека постои владеење на правото.
Коментирајќи ги студентските блокади на РТС, Вучевиќ изјави дека оние кои учествуваат во тоа мора да добијат кривична пријава.
„Ова што се случува околу РТС е насилство. Обвинителството и полицијата мора да поведат кривична постапка против секој што може да го идентификуваат. Мора да добијат кривична пријава“, рече Вучевиќ и додаде дека е загрозена државата, а не само РТС.
„Парадокс е што РТС беше наклонет кон оние кои блокираат. Нивниот број опаѓа, но има луѓе кои ја радикализираат ситуацијата. Според мене, вистинскиот одговор е кривично-правна одговорност за секој што го прави ова“.
Министерот за евроинтеграции во Владата на Србија, Немања Старовиќ изјави дека блокирањето на РТС е апсолутно неприфатливо и такво нешто би било незамисливо во ниту една европска земја - да се врши притисок врз повеќе од 1000 вработени и новинари и технички лица и да им се ускратат основните човекови и економски права. Тој додаде дека загрижувачки се реакциите на професионалните новинарски здруженија во овој случај.
„Загрижувачки се млаките реакции од професионалните здруженија, зборувам за Здружението на новинари на Србија и за независното здружение на новинари на Србија, а благите реакции што доаѓаат од самата Европска комисија се многу разочарувачки. Се знае како се спроведуваат протести, а тоа не е блокирање на луѓето и создавање нешто што, за жал, не потсетува на заложничка криза во која се наоѓаат работниците на РТС“, посочи Старовиќ.
Студентите во блокада од Филозофскиот факултет одговорија дека не спорат дека на работниците на РТС им се ускратени основните човекови права, но не поради блокадата.
„На Старовиќ му укажуваме на следново: не се ускратуваат со блокирање на зградите на јавниот медиумски сервис, туку со ускратување на елементарното право на достоинствена работа што со децении им е ускратено на работниците во оваа компанија“, наведуваат студентите во објавата на социјалната мрежа X.
Тие додаваат дека со негирање на можноста за критичко размислување и постапување, бројни малверзации, заплашување и изложување на големи притисоци на вработените во јавниот медиумски сервис, се крши тоа основно човеково право.
Вработени во Радио телевизијата на Србија (РТС) собрани околу неформалната организација „Наш протест“ соопштија дека ги загрижува фактот што никој од раководството на јавниот сервис официјално не им се обратил од почетокот на блокадата на медиумот. Тие бараат утврдување одговорност за навреда кон студентите во програмата и оставка од одговорните за тоа.
Вработените во РТС во соопштението потенцираат дека немаат никакви упатства како да го остварат своето право на работа во оваа кризна состојба.
„Зошто менаџментот дискриминира со тоа што само мал дел од вработените ги кани на работа, а другиот поголем дел се игнорира? Зошто ни се ускратува правото на работа? прашаа од „Наш пРоТеСт“ во соопштение.
Тие го повикаа раководството итно да ги контактира со јасни упатства.
Студентите во блокада ги блокираат влезовите на РТС во центарот на Белград и на Кошутњак од минатиот понеделник.
Новиот српски министер за информации Борис Братина во својата велигденска честитка ги повика надлежните органи да ја деблокираат РТС, бидејќи нејзиниот „пад“ е исто како и државен удар.
„Пад на РТС под притисок на блокаторите би имал значење на „државен удар“, односно пад на општествениот поредок“, се нагласува во соопштението потпишано од новиот министер за информации Борис Братина.
РТС, поднесе кривична пријава во петокот до Првото основно јавно обвинителство во Белград против непознати лица кои се претставуваат како студенти во блокадата, кои од 14 април блокираат објекти на медиумот во главниот град на Србија.
И српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот нагласи дека државата ќе има сила да го заштити уставниот поредок.
Новинари, сниматели, уредници и продуценти со големи напори реализираат телевизиски програми и покрај незаконската блокада на зградата, студијата, техниката и прогонот на новинарите и снимателите на терен“, соопшти РТС на својата веб-страница.
Трамп со надеж за договор меѓу Украина и Русија „оваа недела“

Велигденскиот прекин на огнот меѓу Русија и Украина се чинеше дека намали некои воздушни напади врз украинските градови, но Киев налутено тврдеше дека силите на Москва го прекршиле примирјето речиси 3.000 пати, додека Кремљ не ги послуша повиците за продолжување.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп изјави доцна на 20 април дека „се надеваме дека Украина и Русија ќе постигнат договор оваа недела“.
„Тогаш и двајцата можат да прават добар бизнис со Соединетите држави, кои се во пораст, и да заработат богатство“, додаде тој на својата платформа „Truth Social“.
Рускиот претседател Владимир Путин објави едностран прекин на огнот на 19 април, од 18 часот. тој ден до полноќ на 20 април.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за државната новинска агенција ТАСС изјави дека Путин не издал наредба за продолжување на прекинот на огнот по полноќ.
Се чини дека воздушните напади продолжија рано на 21-ви април.
Неколку часа по закажаното завршување на велигденскиот прекин на огнот, низ Киев се огласија сирени за воздушен напад, додека градоначалникот на Миколаев извести дека се слушнале експлозии низ градот на југ. Детали не беа веднаш достапни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предложи - со оглед на очигледното одбивање на Русија да прифати подолг, целосен прекин на огнот - двете страни се согласија да ги прекинат воздушните напади врз цивилната инфраструктура најмалку 30 дена.
„Украина предлага да ги прекине сите напади со помош на беспилотни летала и ракети со долг дострел врз цивилната инфраструктура за период од најмалку 30 дена, со можност за продолжување. Доколку Русија не се согласи на таков чекор, тоа ќе биде доказ дека има намера да продолжи да ги прави само оние работи што уништуваат човечки животи и ја продолжуваат војната“, рече Зеленски.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха рече дека активностите на Москва по полноќниот прекин на огнот ќе укажат на вистинскиот став на Кремљ кон какви било иницијативи за ставање крај на војната.
„Во врска со таканаречениот „велигденски прекин на огнот“, сè уште не го слушнавме одговорот на Москва на нашиот предлог да го продолжиме на 30 дена“, напиша тој на X.
„Руските дејствија по полноќ, утре и во текот на целата недела ќе го откријат вистинскиот став на Русија кон мировните напори на САД и предлогот за целосен 30-дневен прекин на огнот. Тие ќе покажат дали Русија е сериозна за мир или изјавите на Путин од вчера беа само манипулации“, додаде Сибиха.
Американскиот Стејт департмент претходно соопшти дека ќе го поздрави продолжувањето на велигденскиот прекин на огнот.
„Ги видовме најавата на претседателот Путин за привремен прекин на огнот за Велигден. Остануваме посветени на постигнување целосен и сеопфатен прекин на огнот“, рече портпаролот на Стејт департментот во изјавата испратена преку е-пошта до медиумите.
„Иако ја оценуваме нивната сериозност во овој случај, би поздравиле продолжување по недела“, се додава во соопштението.
Во раните утрински часови на 21 април, Зеленски ја обвини Русија за 2.935 прекршувања на примирјето што Путин го објави за Велигден, иако додаде дека немало „никакви предупредувања за воздушен напад“ во тој период.
„Или Путин нема целосна контрола над својата армија, или ситуацијата докажува дека во Русија немаат намера да направат вистински чекор кон завршување на војната“, напиша Зеленски на X на 20 април.
Не беше можно самостојно да се потврдат тврдењата на бојното поле.
Видеото испратено до Радио Слободна Европа од украинска хуманитарна организација, наводно, покажува напад со дрон врз возила кои евакуираат цивили во близина на Костијантинивка во регионот Донбас.
Повреден е Јевхен Ткачев од организацијата Пролиска и една цивилка.
Зеленски објави на социјалните мрежи на 20 април дека „највисокото ниво на руска борбена активност овој Велигден е во правец на Покровскоје“, кој се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Костјантинивка.
„Зборовите на Путин за „прекин на огнот“ исто така се покажаа како празни во регионот Курск, насоката Сиверск и другите насоки во регионот Доњецк“, додаде Зеленски.
Украинскиот Генералштаб објави гранатирање и напади со беспилотни летала.
Руските власти објавија најмалку три експлозии во руската окупирана област Доњецк во Украина рано на 20 април. Министерството за одбрана тврди дека Киев извршил 48 напади со беспилотни летала во текот на ноќта врз цели во Русија и Украина окупирана од Русија.
Зеленски рече дека украинските сили дејствуваат „на целосно симетричен начин“ кон Москва.
Во меѓувреме, како дополнителен знак на зголемени меѓународни тензии откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во 2022 година, британското Министерство за одбрана објави неодамнешно пресретнување на руски воени авиони над Балтичкото Море.
Тој наведува два инцидента, на 15 и 17 април, во кои британски авиони биле испратени да пресретнат руски авиони. Министерот за вооружени сили Лук Полард на 20 април изјави дека „руската агресија“ расте и дека британските авиони работат со шведските воздухопловни сили за одбрана на воздушниот простор на НАТО.
Реакции по упокојувањето на папата: Во ова време на бруталност, тој имаше чувства за другиот, за најкревкото

Претседатели, премиери, дипломати и државници упатуваат последен поздрав и зборови на сочувство за денеска починатиот поглавар на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Папата Франциск, 266-иот поглавар почина на Велики Петок, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст соопшти Ватикан.
Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.
Макрон: Тој имаше смисла за другиот, за најкревкото
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека во текот на неговиот понтификат папата Франциск секогаш застанувал на страната на најранливите и најкревките и дека тоа го правел со многу понизност.
„Во ова време на војна и бруталност, тој имаше смисла за другиот, за најкревкото“, им рече Макрон на новинарите.
Меѓу првите кои објавија на социјалните мрежи за смртта на папата беше и холандскиот премиер Дик Шуф, кој на Х напиша дека „Папата Франциск на секој начин беше човек на народот“.
„Глобалната католичка заедница се збогува со водачот кој ги препозна горливите прашања на нашето време и го привлече вниманието на нив. Со својот трезвен начин на живот, чиновите на служба и со сочувството, папата Франциск беше пример за многумина – католици и некатолици. Ние го паметиме со голема почит“, напиша Шуф.
Американскиот претседател Доналд Трамп се прости од поглаварот на Католичката црква со објава на својата социјална мрежа Truth Social.
„Почивај во мир, папа Франциск! Нека Бог го благослови него и сите што го сакаа“, напиша Трамп.
Џо Бајден, вториот католички претседател во американската историја по Џон Ф. Кенеди, на X напиша дека Франциск „ќе биде запаметен како еден од најважните водачи на нашето време“.
„Тој беше поинаков од своите претходници. Тој беше народен папа, светлина на верата, надежта и љубовта“, напиша Бајден.
Мерц: Неуморна посветеност на најслабите
Германскиот канцелар во очекување Фридрих Мерц изјави дека папата Франциск ќе биде запаметен по неуморната посветеност на најслабите членови на општеството.
„Тој беше воден од смиреноста и вербата во Божјата милост“, се вели во објавата на Мерц на X.
На молитвите на Франциск се потсети и израелскиот претседател Исак Херцог.
„Папата Франциско беше човек со длабока вера, мир и сочувство, кој негуваше врски со еврејскиот свет. Човек со длабока вера и безгранично сочувство, тој го посвети својот живот на издигнување на сиромашните и повикување на мир во еден проблематичен свет. Навистина се надевам дека неговите молитви за мир на Блискиот Исток и за безбедно враќање на заложниците (во Газа) наскоро ќе бидат одговорени“, рече во понеделникот израелскиот претседател Исак Херцог, во пораката на сочувство до христијанскиот свет и неговите заедници во Светата земја, пренесе Ројтерс.
Полскиот претседател Анджеј Дуда, пак, го нарече папата апостол на милоста.
„Тој беше голем апостол на милоста, во него го видовме одговорот на предизвиците на современиот свет“, рече Дуда.
Од Московската патријаршија објавија дека „Папата Франциск играше значајна улога во активниот развој на контактите меѓу Руската православна црква и Римокатоличката црква“, пренесе ТАСС.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс објави дека неговото срце е со милионите христијани ширум светот
„Штотуку дознав за смртта на папата Франциско. Моето срце е со милионите христијани ширум светот кои го сакаа“, објави Венс.
Мелони: Имав привилегија да уживам во неговото пријателство
Италијанската премирка Џорџа Мелони изјави дека веста за смртта на папата Франциско е причина за голема тага поради заминувањето на „голем човек, голем пастир“.
„Ја имав привилегијата да уживам во неговото пријателство, неговите совети, неговите учења, кои никогаш не престанаа дури и за време на искушенија и страдања. Со срце полно со тага се простуваме со Светиот Отец“, рече Мелони во изјавата.
Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст во неговата резиденција во Ватикан, Каса Санта Марта.
Тој беше 266-тиот папа на Римокатоличката црква, првиот од Америка, првиот језуит и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум.
Избран за папа во 2013 година, по оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти, тој го избра името Франциск во чест на Свети Франциск Асишки, што ја одразува неговата посветеност на смирението и сиромашните.
Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.
Почина папата Франциск

Папата Франциск, првиот понтиф од Америка и првиот језуит на чело на Римокатоличката црква, почина на 88 години. Неговото папство беше обележано со реформски напори, посветеност на социјалната правда и еколошката заштита, како и со значајни меѓуверски иницијативи.
Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст во неговата резиденција во Ватикан, Каса Санта Марта.
Тој беше 266-тиот папа на Римокатоличката црква, првиот од Америка, првиот језуит и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум.
Бергољо, син на италијански имигранти, работел како хемиски техничар пред да влезе во језуитите во 1958 година.
Тој беше ракоположен за свештеник во 1969 година и од 1973 до 1979 година стана провинциски надреден на језуитите во Аргентина.
Во 1998 година, тој беше назначен за надбискуп на Буенос Аирес. Три години подоцна, тој беше издигнат на Колеџот на кардинали од папата Јован Павле Втори.
Избран за папа во 2013 година, по оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти, тој го избра името Франциск во чест на Свети Франциск Асишки, што ја одразува неговата посветеност на смирението и сиромашните.
Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.
Во 2015 година, папата Франциск ја издаде енцикликата „Laudato si“, повикувајќи на глобална акција за климатските промени и грижа за животната средина.
Тој, исто така, го нагласи меѓуверскиот дијалог, особено потпишувањето на Документот за човечко братство со големиот имам на Ал-Азхар во Египет, Ахмед ел-Тајеб, во 2019 година, историски договор кој промовира мир и соживот меѓу различните вери.
Папата Франциск беше познат по својот пасторален пристап, залагајќи се за „сиромашна црква за сиромашните“ и посегнувајќи по маргинализираните заедници.
Тој направи напори да ги реформира финансиските системи на Ватикан и да се справи со наводната сексуална злоупотреба на свештениците во црквата.
Во 2025 година, тој ја објави својата автобиографија „Надеж“, нудејќи увид во неговиот живот и папската мисија.
Во подоцнежните години, папата Франциск се соочи со неколку здравствени предизвици. Во 2021 година, тој беше подложен на операција на дебелото црево за да се справи со дивертикулитис, а во 2023 година имаше абдоминална операција за поправка на хернија.
Тој, исто така, имаше хронична болка во коленото и грбот, често користејќи инвалидска количка за мобилност.
И покрај овие прашања, тој одржуваше ригорозен распоред, продолжувајќи ги своите пастирски должности и меѓународните патувања.
На почетокот на 2025 година, папата Франциск беше хоспитализиран со полимикробна инфекција на респираторниот тракт, која прерасна во двострана пневмонија. Неговата состојба остана сложена, и му беше потребен продолжен престој во болница.
Украина и Русија со меѓусебни обвинувања за кршење на Велигденското примирје

Се чини дека 30-часовниот прекин на огнот во борбите меѓу Русија и Украина не се одржува, а двете страни се обвинуваат меѓусебно за прекршување на договорот.
Едностраниот прекин на огнот го прогласи рускиот претседател Владимир Путин во саботата, почнувајќи од 18 часот тој ден и завршувајќи на полноќ во недела.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја ќе се придржува до прекинот на огнот и предложи негово продолжување за 30 дена.
Сепак, двете страни пријавија континуирани напади на Велигден, иако тврдењата од фронтот не можеа независно да се потврдат.
Руските власти во неделата рано наутро известија за најмалку три експлозии во регионот Доњецк, кој е под руска окупација.
Зеленски тој ден на социјалните мрежи објави дека „руската армија се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, додека во некои области сè уште се обидува да напредува и да и нанесе загуби на Украина“.
Како што рече, цитираше утрински извештај од украинскиот Генералштаб.
„Помеѓу 18 часот во саботата и полноќ, забележани се 387 случаи на гранатирање и 19 напади од руските сили. Русите користеле беспилотни летала 290 пати“, напиша Зеленски.
Во Киев, додека свештениците ги посипуваа верниците со света вода, меѓу граѓаните имаше длабок сомнеж за искреноста на велигденското примирје.
„Навистина се надевам, но не верувам. Тие (Русите) велат едно, а го прават спротивното“, рече Дмитро (37), експерт за ИТ.
„Никој не верува во тоа“, вели Олха Малашук (40), која работи во продажба. „[Путин] веројатно сака повторно да ја вооружи армијата, затоа никој повеќе не му верува.
Сомнежите може да се слушнат и меѓу цивилите во Москва, каде што функционирањето на Радио Слободна Европа е практично забрането.
Бесмислено е затоа што не и верувам на Украина“, изјави Евгениј Павлов (58) за АФП. „Не треба да им даваме пауза. Ако веќе ги притискаме, треба да ја завршиме работата.
„Мораме да ставиме крај на ова - или да или не. Или траен мир или воопшто нема мир“, беа зборовите на Марија Горанина (85).
Сличен став искажа и портпаролката на ЕУ за надворешни работи, Анита Хипер.
„Русија може да ја заврши оваа војна во секое време, ако навистина сака. Ние продолжуваме да ја поддржуваме Украина во постигнувањето траен, праведен и сеопфатен мир“, рече таа по објавувањето на прекинот на огнот во саботата.
Русија започна сеопфатна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Се проценува дека стотици илјади луѓе - главно војници - се убиени или ранети од сите страни.
Соединетите Држави водат директни разговори со Русија како дел од нивните напори за ставање крај на војната, но се соочуваат со тешкотии во постигнувањето брз напредок.
Москва минатиот месец го отфрли предлогот за целосен и безусловен прекин на огнот поддржан од САД и Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот предупреди дека Вашингтон ќе се „одмине“ од понатамошните преговори за ставање крај на војната во Украина доколку наскоро не се постигне напредок.
Тој ги даде забелешките откако државниот секретар Марко Рубио рече дека САД „нема да ја следат оваа иницијатива со недели и месеци“, бидејќи имаат „други приоритети на кои треба да се фокусираат“.
Здравева: Властите се навикнати дека граѓаните молчат
Се додека некакви тесни партиски интереси не се вмешаат во текстот за реформи во судството, од моментот кога ќе излезе од работната група до моментот дека се објави во службен весник, шансите за успех се големи, вели Неда Здравева, професорка на Правниот факултет и претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Во интервју за РСЕ зборува и за протестите по трагедијата во Кочани и промените кои ги носат младите.
Трагедијата во Кочани отвори многу болни точки. Истрагата е во тек, но јавноста, пред се семејствата на настраданите, а и новиот вд градоначелник на Кочани, изразуваат сомневање и бараат истрагата да не биде селективна. И опозицијата обвинува дека не се апсат актуелни функционери. Постои ли селективност во постапката на обвинителството и полицијата?
Генерално ние се соочуваме изминатите години, децении, би рекла со селективна правда. Така што не зачудуваат и перцепциите на јавноста дека селективно се водат истраги, селективно се покренуваат обвиненија, селективно се суди, се избира кому ќе се суди, селективно се определуваат висините на казните, кога станува збор за кривичните постапки. Хелсиншкиот комитет за човековите права најави веднаш по трагедијата, дека активно ќе ги следи сите случувања. Ги собираме податоците за тоа како се води истрагата, колку лица се приведени, колку лица се вклучени во истрагата. Во овој момент не можам да ви потврдам, бидејќи станува збор сепак за истрага која што е во тек, дека се оценува некаква особена селективност, меѓутоа да, забележително е дека фокусот е ставен повеќе носителите на јавни функции во на изминатиот период отколку во јавниот сектор од изминатата година, десетина месеци. Продолжуваме да го следиме овој процес и секако ќе ја известиме јавноста, но и ќе алармираме доколку ваквата тенденција на невклучување на сегашни функционери продолжи.
Веднаш по пожарот во дискотеката во Кочани во кој досега има 61 жртва, многу граѓани изразија револт и гнев за причините кои доведоа до несреќата. Протестите продолжуваат, и во Кочани на семејствата и во Скопје, но учесниците на овие протести се мета на напади на на социјалните мрежи, од медиуми, зошто?
Не е прв пат луѓето кои што излегуваат со барања за системски промени, бидејќи од она што го следиме, иницијативите кои што се појавија во Скопје, кои бараат системски промени, кои не бараат решенија денес за утре, не бараат правичност во конкретни случаи, туку бараат правда која генерално ќе се однесува или систем кој што ќе овозможи праведно општество, општество за сите. Ова е тенденција која што ние исто така, за жал, ја имаме со години, со јавно линчување на неистомислениците на определена политичка опција. При што оваа ситуација, знаете, многу е интересна. Вие имате една група на луѓе кои протестираат, барајќи го она за која што владата се залага. Протестите се насочени против системот воопшто и против сите чинители во системот и бараат еден степен на одговорност и будност во општеството, нешто што бараат декларативно го бараат и носителите на извршната власт. Истовремено од медиуми кои што се блиски на политичките опции на власта или поединци во тие медиуми, се жестоко напаѓани.
Зошто кога никој не бара смена на власт од овие протести, ниту избори, ниту очекуваат дека тоа би променило нешто, а сепак се мета на напад?
Заради тоа што, знаете, ако го префрлиме на некој поширок општествен контекст, заради тоа што властите по правило кај нас се научени дека граѓаните молчат. Дури и кога се избори дека молчат, дека излегуваат на оние партиски митинзи во предизборните периоди да аплаудираат и да викаат да така е, а не и да бараат навистина одговорност во работењето. Од тука претпоставувам дека е прилично нелагодна позицијата кога вие навистина треба да го сработите оно што сте ветиле дека ќе го сработите и некој будно гледа дали и како тоа го правите. Не се нашите власти генерално научени на отчетност и на одговорност.
Во некоја демократска, поразвиена држава би следувала некаква морална или политичка одговорност за овој случај. Тоа не е случај кај нас.
Да, освен што конкретно за овој случај градоначалникот поднеса оставка 24,48 часа по настанот или така нешто. Ден потоа. Не се појави кај своите граѓани. Јас верувам дека тој лично бил сериозно погоден заради тоа што Кочани е мал град и практично нема семејство кое што не е засегнато со трагедијата, но кога сте се нафатиле да носите едно бреме на таква функција, тогаш сте се нафатиле и во најдобрите и во најтешките моменти. Кај нас правната одговорност се доведува во прашање на начинот на кој што функционираат институциите кои го спроведуваат правото. За морална, етичка, политичка одговорност, тоа се некои работи кои, за жал, во овие повеќе од 30 години начелно демократски систем или на хартија демократски систем, па воопшто не успеавме да ги изградиме.
Како професорка на Правниот факултет бевте и на собирот на платото на УКИМ, кога неочекувано се појави, говореше министерката за образование. Тоа внесе раздор меѓу студентите. Има ли бунт кај студентите или тие се замолчени?
Искрено ќе ви кажам дека пострашна слика од таа слика, аулите на факултетите и платото на факултетот со толку многу млади луѓе во црнина, јас не имам видено на Универзитетот, ниту некогаш во нашата средина, иако сме имале ние страшни и трагични настани. Не беа само студенти, беа и средношколци, беа и нивни родители. Ние мораме да се навикнеме на фактот дека промените доаѓаат од младите луѓе. Мојата генерација, некоја генерација пред мене, некоја генерација по мене, ние народски кажано, го отпеавме своето и за жал не се истакнавме. И на овие деца не им оставивме ништо подобро од тоа што ние го имавме, а тоа требаше да го направиме. И тука ја имаме таа одговорност. Оттука ја имаме одговорността да им овозможиме се што им е потребно, нивната бунтовност, нивната потреба за промени, начинот на кој што тие сакаат да го видат ова општество, да може да го искомуницираат. Без директна вклученост на партиското, бидејќи станува збор сепак за политички прашања за кои што тие дискутираат, сфатено во најширок поим. На партиите тука не има место активно да се вклучат во процесот, освен да слушаат и да купуваат памет народски, што би се рекло. Дали е стишан бунтот? Да, би кажала, заради тоа што после тој понеделник имаше неколку обиди за некакви собирања, кој завршија така, би рекла, несреќно.
Огромна е недовербата во системот, правосудството е дел од тоа, како граѓанска организација која го мониторира со децении, сметате ли дека во моментот се реформира?
Ние сме во вечни реформи. Константа е кај нас, се се менува, константно се реформираме. Постојат иницијативи и работни групи кои што работат во моментот да предложат законски измени кои ќе овозможат ефективност, ефикасност и отчетност во судството, особено одговорност. И сметам дека се додека некакви тесни партиски, повторно интереси не се вмешаат во текстот, од моментот кога ќе излезе од работната група до моментот дека се објави во службен весник, шансите за успех се големи. Но прашањето е дали овие парцијални реформи кои што се прават е всушност реформа на целокупниот систем. Правосудството или судската власт е една од трите власти, заедно со законодавната и со извршната власт. Помеѓу нив нема ниту надреденост, ниту подреденост над едната и над другата. Но, она што кај нас константно се случува е дека извршната власт се смета всушност за власт. Се ова друго е помалку важно. За функционирање на системот, она што е потребно е секоја од овие власти точно да знае каде и е местото и што може, што смее да направи.
Кои се практично последиците кога судството не се менува во секојдневниот живот, конкретно во економијата?
Заради тоа што ние сме научени правосудството да го гледаме најчесто за кривичната правда. Дали соодветно е осудено лице за вакво кривично дело или за онакво кривично дело. Огромен дел од функционирањето на правосудниот систем се однесува токму на деловниот свет и на деловните трансакции. Селективноста на правдата во овој дел значи дека некој бизнис ќе пропадне за сметка на туѓ бизнис. Тоа значи дека ќе пропаднат икс работни места, дека ќе се зголеми бројот на невработени, дека некој со недоверливост во правосудството или заради таа недоверливост нема да го прошири својот бизнес. Но она што е карактеристично, а за кое што ние забораваме, особено важната функција не само на судскиот систем, кој што во анкетите има ниска доверба, туку улогата на извршната власт во помагање, меѓу другото, или во функционирање на бизнисот. Утринава прочитав дека Министерот за економија, кога спомнавме економија, направил многу голема работа или барем од нас се очекува да веруваме дека е тоа многу голема работа, дека формирал комисија која што ќе утврди кој од вработените не е одел на работа, а земал плата. И дека колегите, колешките на тие вработени ги поминувале со службените картички. И вие имате министерство во кое министерот кажува дека X луѓе не оделе на работа, затоа земале плата, значи немале никаков проблем со тоа да го оштетуваат буџетот, односно граѓаните на оваа држава кои плаќаат даноци, дека министерот од кога е на функција не направил ништо тоа да го спречи, па сега одеднаш направил голема работа со тоа што формирал комисија и дополнително вие имате очекување дека луѓето кои што се занимаваат со бизнис, ке имаат доверба во вработените во Министерството за економија, дека при оценувањето на нивното барање за лиценца за ова или лиценца за она, ќе постапуваат подеднакво во два предмети.
Хелсиншкиот комитет постои 30 години. Во меѓувреме следите судски процеси, пишувате претставки кога некој ги пречекорува своите овластувања, мониторирате јавни набавки, обезбедувате бесплатна правна помош, давате заштита на жртви на насилство, застапувате оштетени од медицинска негрижа, внимавате на правата на затворениците, известувате за неправилности во работата на институциите, гласни сте против омразата и дискриминацијата по сите основи .Како е да се бори за човекови права денеска, во овој миг?
Мачно и предизвикувачки. Инспирира тврдоглавост. Борбата за човекови права никогаш не е едноставна и никогаш не е поголема од некои претходни времења. Прашањето е за кои права ќе се борите. Во напредни општества се борите за поновите генерации на права, кои што овозможуваат полагоден живот. Таму каде што демократијата назадува или е декларативна, се борите за некакви основни, базични права, право на постоење, да биде препознаен од законодавството, право да не бидете претепана заради тоа што сте жена, да ви биде загрозен животот, право на образование, право да не биде вашето дете одвоено од другите деца заради тоа што вие припаѓате на една друга етничка група и слично. Да се борите за човековите права е, знаете, понекогаш сериозна борба со ветерници заради тоа што таа борба никогаш не запира. Но неверојатно е добро чувството кога ќе се изборите за тоа судот да препознае што државата направила дискриминација при уписот на децата Роми во училиште, дека на некое лице затпоа то е од ЛГБТ заедницата му се ускратени некои права како на работник, дека некое лице кое што било предмет на полициска бруталност успеало да истрае во битката за одговорност на тој полициски службеник. И секогаш кога макар за 1% ке се намали говорот на омраза и оваа средина ке стане помалку токсична, е успех. Секогаш кога макар малку ке се зголеми, го чувствувате како пораз.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете