Достапни линкови

Пелагониските посеви под вода


Ниви во Пелагонија под вода
Ниви во Пелагонија под вода

Голем дел од есенските посеви во Пелагонија се под вода. Земјоделците се загрижени дека тоа ќе ги оштети житните култури, а ќе доцни и пролетната сеидба.

Заезерување настана врз добар дел од есенските посеви во најголемата житница во земјава, Пелагонија, по последниот бран обилни снежни врнежи. Поради влага доцни прихранувањето на посевите засеани со жито и јачмен.

Земјоделците се загрижени дека поплавите ќе предизвикаат и оштетувања кај житните култура, а ќе доцни и пролетната сеидба. Со оваа влага тешко дека земјоделска механизација ќе влезе по ораниците. Освен врнежите, високите подземни води, тие велат дека проблем и е неисчистената секундарна каналска мрежа која не овозможува проток на насобраната вода до река Црна туку се излева по нивите.

„Влагата ја стопира прихраната на пченицата, прихраната ќе доцни многу и ќе се стопира братењето. Кај што има огледала од вода, ќе има штети. И подземните води се високи, подземни води не трпи пченицата, а јачменот воопшто. Критично е во Пелагонија секаде со последните врнежи. Првата прихрана требаше да се направи уште во почетокот на февруари и тогаш имаше снег, не крепеше земјата да се влези внатре. Некои земјоделци немаат направено ни прва прихрана, а сега требаше да се прави веќе втора. Многу се доцни. Со оваа влага на земјата , 15 дена капка да не заврне нема да може да се влези внатре.“

„Нивите се во вода. Излегоа земјоделците видоа на терен, рекоа нема ништо да има.“

„Кај што не се чистени каналите, односно секундарната мрежа, Жабенскиот дел кон границата со Грција секогаш страда. Но, вода има до Логоварди. Црна е празна, оваа вода не смее да биде по нивите ако се исчистени каналите.“

„Само каде што е повисоко нема да има штети. Но, и за тоа не се исплатува да пушти комбајн. За оваа година ќе нема ни пролетна сеидба. До 15 март земјоделците требаше да подготват расади за тутун и градинарски култури да направат. Но, до мај овде не ќе може да се влезе во нивите. А тоа ќе биде многу доцнат“, коментираат земјоделци од Пелагонија.

Обработливата површина во Пелагонија изнесува околу 79 000 хектари. Пролетната сеидба опфаќа околу 21 000 хектари со сончоглед, пченка, фуражни и градинарски култури, а есенската околу 23 000 хектари со жито и јачмен. Приносите од жито се во просек 3500 килограми по хектар или околу 260 000 тони пченица. Пелагонискиот регион е втор по големина по БДП, но со главните индустриски производни цели е прв и прв по производство на жито.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG