Ако до пред некоја година Татјана Стојановска, еко-активистка и вљубеничка на природата редовно одеше на Водно, сега тоа го прави многу поретко. Нејзината омилена патека, во длабоката борова шума на сртот на Водно веќе ја нема, затоа што таму сега минуваат цевките од новиот гасовод кој треба да носи гас кон Тетово и Гостивар. Како дел од Иницијативата „Го сакам Водно“, заедно со другите истомисленици се обидоа да го зачуваат овој предел од градежните машини. Но, неуспешно. Гасоводот беше приоритет за властите, кои тврдеа дека дополнителната промена на трасата сериозно ќе ја забави гасификацијата на земјава.
„Искрено, многу ми е криво и не можам да ја прежалам најубавата патека за корисниците на Водно е уништена. Комплетно уништена, значи исечена, раскопана. Моментално можеби се цевките и поставени, но тоа веќе никогаш нема да биде како што било. Жално е и непријатно за гледање, а реално немате никакви резулати оти еве сте направиле некоја штета. Ниту е таа штета потоа наплатена или компензирана , ниту пак имате некои резулати за некоја добивка во рамките на гасоводот. Апсолутно ништо, само штета направена“, разочарана е Стојановска.
Пет години подоцна, гас низ цевките се уште нема. Планот беше изградбата на овој гасовод да биде готова до 2020 година. Две години по овој рок, градежните работи привршуваат, но непоставени цевки се уште зјаат во реонот на Водно. 4 километри кај Сопиште, еден кај Глумово, а до крајот на трасата долга 86 километри недостига и мал дел близу Гостивар, прецизира директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи. Вели дека причина за доцнењето е експропријацијата, која дополнително била забавена со пандемијата.
„Од самиот почеток , од самото потпишување на договорите имало голем проблем бидејќи во 2017 година не биле предвидени средства за експропријација и започнала со две годишно задоцнување. Значи целиот проект е започнат со две години задоцнување. Овие да речеме 6-7 километри што остануваат, нив ги градиме за еден месец ако имаме расчистен терен, а експропријација не вршиме ние, врши Управата за имотно-правни работи и целата градба зависи од нив. Но со големо задоволство ви кажувам дека еве е веќе при крај, околу 99% од експропријацијата е завршена, останува уште многу малку и се очекува дека оваа година конечно да биде завршена целата делница“, вели Реџепи.
Уверува дека до крајот на годинава ќе потече гас низ овој гасовод. Но дури и тоа да се случи, за гасот да стигне до корисниците потребна е изградба на дистрибутивна мрежа во самите градови. Општините треба да го сработат проектирањето на трасите за гасификација, но дистрибутивната мрежата низ целата држава ќе се гради преку јавно-приватно партнерство. Но и тука многу се доцни. Неколку тендери пропаѓаа низ годините, што поради недоволно пријавени, што поради цената. Последниот оглас беше објавен во 2020 година, а како заинтересирани се пријавија две компании. Планот беше градбата да трае околу четири години, а еден од условите, приклучокот за домаќинствата да не чини повеќе од 100 евра.
Реџепи, како член на комисијата која ја спроведува постапката за дистрибуција, вели дека до средина на оваа година треба да се потпише договор и очекува дека до 2026 година ќе биде изграден поголем дел од планирана мрежа за дистрибуција. Од друга страна, кога се работи за примарната гасоводна мреже, вели дека годинава ќе биде пуштен гасоводот Штип - Неготино, но и Неготино-Битола каде треба да се догради уште еден километар.
„Така што оваа година би рекол дека е многу клучна и критична за сите проекти што се поврзани со гасификацијата“, заклучува директорот на НЕР.
Сето ова доцнење дополнително ја лути Стојановска. Вели дури и да потече гас низ гасоводот кој минува низ Водно, нема каде да стигне, бидејќи не е готова мрежата ниту во Тетово, ниту во Гостивар. Додава и дека активистите повеќе пати алармирале за ова, па оттука им е нејасно зошто толку се брзаше со копањето низ Водно.
Каде завршија 700 000 евра наменети за пошумување на Водно?
По протестите на активистите и повеќе средби со претставници на тогашната нова Влада на премиерот Зоран Заев, беше издејствувана мала промена на трасата, и зачуван дел од шумата. Дополнително, од НЕР како компензација за штетите префрлија околу 700 000 евра во Град Скопје за пошумување на Водно. Беше формирана и работна група која работеше на план како да се трошат парите и каде да се пошумува Водно. Но и тука заглавија работите.
„На целото транспарентно обврзување на Владата за учество на граѓанските иницијативи во носењето на одредени одлуки, испадна дека сето тоа се врши зад затворена врата. Ниту тој план официјално некаде се изнесе, ниту пак знаеме дека дел од тие средства се употребиле за некакво пошумување. Жално е да имате средства, а да оставите да тонат некои сегменти во Водно, на начинот на којшто сега се случува“, вели Стојановска.
Молчат и од Град Скопје. РСЕ уште пред две недели побара одговор за тоа како се потрошени овие пари, но одговор засега нема од кабинетот на новата градоначалничка Данела Арсовска. Доскорешниот скопски градоначалник Петре Шилегов пак, на отчетот за своето двегодишно работење, најави дека планираат 300 000 евра од парите од НЕР, да ги искористат за нов туристичко-рекреативен центар на Водно. Од НЕР пак велат дека нивното е завршено, а обврска на Град Скопје е да врши пошумување и рекултивација со парите што им се дадени.
„Нашиот дел од обврската сме го исполниле 100%. Вратена е целата делница во првобитна состојба“, вели Реџепи.
Професорот Иван Блинков, од Шумарскиот факултет беше дел до работната група што го правеше планот за пошумувањето на Водно. Тој вели дека теренот во никој случај не може да се врати во првобитната состојба, затоа што над цевките од НЕР не може пак да никнат дрвја. Сепак смета дека со пошумувањето на други делови на планината може да се компензираат штетите, па бенефит од тоа да имаат идните генерации.
„Направивме еден план, испадна некаде околку 200 хектари, толку би можело да се пошуми со тој план, со тоа што следната фаза беше да се проверат имотно правните односи, мораше да се бара земјиште во државна сопственост. Се изнајдоа неколку можни локации, се прочисти тој список и тогаш се даде приоритет да се постави со четири локации. Бидејќи ние инсистиравме да биде пошумувањето во зимскиот период, есенско или во текот на зимата, требаше да се распише тендер. Дојдоа изборите и така остана работата... “, се потсетува професорот.
Според неговите проценки, 700 000 евра не се многу средства кога се работи за пошумување на предел како што е Водно, посебно страната под која е сместено Скопје.
„Најголема ставка е носењето почва. Таму некои локалитети се каде длабочината на почвата е 5-20 сантиметри, а треба да се копа дупка од 30 сантиметри. Потоа треба да се транспортира почва, треба да се набави почва, треба да се донесе до некаде со камион. Е тоа ја дига цената. Не е ова садење некоја ливада што ни е одма до патот и тука ние ќе одеме и ќе посадиме. Водно е веќе предизвик. Она што е останато е предизвик, тоа е веќе тежок терен“, дециден е Блинков.
Се надева дека работата ќе се сфати сериозно, иако е сомничав поради тоа што на тендерите е најважна најниската цена. Затоа вели дека мора да има добар надзор над работите, и пошумувањето да го прават стручни лица, за да не биде неуспешно како многупати досега.
И Стојановска е свесна дека штетата од гасоводот е направена, но се надева дека барем она што било им ветено на активистите ќе биде направено. Затоа нивните напори сега се насочени кон носење просторен план за Водно, со кој ќе се забрани вакви проекти да ја уништуваат планината. Ако ваков план имаше, вели Стојановска, немаше да има гасовод.
„Гасоводот минува буквално низ строго заштитената зона на Водно. Нашата борба како граѓански сектор сега се врти кон таа заштита на Водно. Нека завршат што прават, ама мора да спречиме ново да не појави“ вели активистката.
Гасификацијата во Македонија
Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас и целокупното количество на природен гас се увезува од Русија преку гасоводниот систем на Бугарија. Владиниот план е наскоро да се започне со изградба на нов крак кон Грција, за достапен да стане и азербејџанскиот гас преку поврзување со Трансјадранскиот гасовод – ТАП.
Засега, преносниот систем во Македонија се состои од еден главен интерконективен гасовод што влегува кај Деве Баир и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, во должина од 98 километри. По пат има разводна гасоводна мрежа од магистралниот вод до Крива Паланка, Кратово, Куманово, Бунарџик и градот Скопје со должина од 32 километри, како и градска гасоводна мрежа со должина од 72 километри.
Дополнително и системите за дистрибуција на природен гас во државата се сè уште во раните фази од својот развој, а активни се само три системи за дистрибуција. Како што стои во последниот годишен извештај за работата на Регулаторната комисија за eнергетика за 2020 година, најголем број на потрошувачи имало во системот управуван од ЈП „Струмица гас“, каде што во 2020 година имало вкупно 315 потрошувачи. Тука природниот гас се презема од декомпресорска станица, бидејќи гасовод до Стумица нема. ЈП „Куманово гас“ регистрирало 100 потрошувачи, додека 12 потрошувачи биле приклучени во системот за дистрибуција на ДТИРЗ Скопје.
Енергетската криза силно удри на овој сектор, па годинава од системот почнаа да се откажуваат дел од и онака малкуте домаќинства кои имаат приклучок. Во Куманово на пример, ако лани се плаќале 25 денари еден кубен метар гас, годинава цената порасна на 80 денари. Познавачите на состојбите прогнозираат дека цената на енергенсите ќе се стабилизира, но нема да се врати на старо.
Инаку, вкупниот капацитет на системот за пренос на природен гас изнесува 800 милиони nm3 годишно, ама засега не се користи ни половината од овој капацитет.