Се сеќавaме на тие ветувања дека гасот од трасата која минува низ парк шумата Водно требаше да протече што побрзо и дека ќе се обзебеди спас од аерозагадувањето, велат за РСЕ од граѓанската иницијативата "Го сакам Водно" по повод одолговлекувањето на изградбата на гасоводот кој започна да се реализира пред три години и требаше да заврши до крајот на 2019 година.
Активностите за завршување на тарсата подолго време се стопирани.
Дел од поранешната шумска патека која од врвот на Водно кај месноста Бункери продолжува кон Матка претставува избразден земјен пат со паднати табли и остататоци од дупки и камења.
Татјана Стојановска од иницијативата Го сакам Водно вели дека државата напразно брзаше со градење на гасоводот низ Водно, за кој имаше многу противења на екологистите, кои безуспешно бараа трасата да се симен од парк шумата која е најблиското белодробно крило на Скопје.
"Имаше многу забелешки за изборот на една таква нееколошка траса. Но, тоа се протурка како неопходно и итно. Во март 2018 година почна целата процедура со сечења на дрва и по три години и сета итност ,сепак, испадна дека ништо од тоа и по три години гасоводот е нереализиран и ниту Тетово и Гостивар имаат гас, а Водно е исечено, односно отстранет е релативно голем дел од зелениот појас во има на гасовод кој не функционира" вели Стојановска.
Во врска со укажувањата на љубителите на природата дека трасата треба да се симне од Водно за да не ѝ наштети на парк-шумата, надлежните тогаш објаснуваа дека гасоводот треба да донесе бенефит за економијата а оти трасата на Водно е пофтина, наведувајќи дека ако ја пренесат на друга локација ќе изгубат време во битката против загадувањето на воздухот.
Тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев изјави дека кога во нешто се инвестира мора да се настапи прагматично.
"Ние сега имаме еден процес којшто е на средина на реализација. Процес којшто веќе има завршен проект, завршени експропријации, потпишани договори за кредитирање и изведба и вие ако во тој момент го прекинете процесот за да го преместите, да ја носите трасата, да речеме, во северниот дел на Скопје или на обиколницата, тоа значи одлагање од две, три години, можеби и повеќе. Сега прашањето е доколку гасот дојде подоцна до одредени делови од државата две-три години, колку тоа ќе предизвика деструкција на животната средина и тоа е прашање коешто легитимно треба да се постави и да се продискутира. Јас мислам многу повеќе"кажа Анѓушев пред три години.
Анѓушев – Подобро забавување на капиталните инвестиции, отколку непотребни трошења
Стојановска вели дека се покажало оти државата е "лесна" на ветувања, додавајќи дека дрвјата долж патеката на Водно важеа за едни од поубавите дрвја, а оти глетката од овој дел сега кај неа предизвикува горчина.
"На делови дури стојат цевки отворени оставени на страна, а во тоа време не убедуваа дека цевките мора веднаш да бидат поставени и дека за тоа се брза со таа изградба и со копање. Делот на Шишево за кој потенциравме дека ќе има страшен проблем за реализација зашто има многу голем наклон и може да доведе до свлечиште излезе дека тоа е еден вид на мало свлечиште на кое цевките мислам дека не се поставени. Не поминувам од тој дел зашто таа глетка ми е непријатна. Резултат од целата ситуација на бустирање на гасоводот е искористен кредит за гасовод и исечени шуми на Водно по несоодветна траса, а немање повторно на гасоводна траса изведена"
Од Национални енергетски ресурси (НЕР) пак велат не станува збор за неуспешен проект и потрошени пари.
95 проценти од трасата е готова,но не е завршена
Бајрам Реџепи директор на Национални енергетски ресурси (НЕР) вели дека 95 проценти од трасата која поминува нив Водно е готова, а врз одложувањето влијаеле повеќе фактори меѓу кои и пандемијата, прашања поврзани со експропријацијата и проблеми со други инститции кои се вклучени во изградбата на трасата.
Тој наведе дека една од причините за одолжувањето на изградбата е поради проблем од другата страна на Водно, кај Шишево. Таму имало голем наклон. Кога ја стесниле трасата на 10 метри од 25 метри , веќе не можеле по иста методологија да се инсталираат цевките.
"Поголемиот дел од активностите веќе се завршени останува делницата кај Шишево зашто требаше да се смени методологијата за изградба на големи наклони и 95 од градежните активности на Водно се завршени и во многу скоро време и делот кај Шишево ќе биде завршен" ни кажа директорот на НЕР Реџепи.
Тој вели дека преостанува да се изградaт уште 20 километри, но ,истовремено, не прецизираше време кога гасоводот би можел да заживее, истакнувајќи дека тоа е тешко да се предвиди поради пандемијата, наведувајќи дека имало и случаи на заразени меѓу вработените вклучени во проектот.
"Добрата вест е што се завршува со најтешките делови од делницата и остануваат уште 20 километри што е се на рамно, и во услови кога нема проблеми со еспропријација и имотно прави проблеми тие 20 километри би ги завршиле за два месеци. Но, во време на пандемија не е благодарно да даваме рокови зашто секојдневно се соочуваме со проблеми со другите институции зашто во целата оваа работа се вклучени многу институции од имотно правни, биро за судски вештачења, судови, општини, министерства, итн. И, секако, во време на пандемија ако една алка не профункционира ги заглавува сите други. Очекувам оваа година да се заврши, но не е благодарно да давам време"вели Реџепи.
Инаку кредитот за гасоводот кој има три делници: Скопје,Гостивар, Тетово, потоа Штип -Неготини и Неготино -Битола е земен во 2014 година од Дојче Банка и Ерсте Банка и изнесува 90 милиони евра за трите крака.
Реџепи вели дека кредитот не е искористен во целост зашто уште не е завршен проектот, и посочува дека трасата од гасоводот Скопје, Тетово, Гостивар, 80 проценти е готова, а во делот на Водно реализацијата на трасата изнесува 95 проценти и очекува за неколку месеци тој дел да се врати во првобитна состојба.
Пред три месеци кога премиерот Зоран Заев зедно со други надлежни претставници направија увид во работата на магистралниот гасовод Скопје Тетово Гостивар беше кажано дека очекуваат тој да биде готов во втората половина од 2021 година. Премиерот Заев рече дека овој магистрален гасовод е дел од гасификацијата, односно дека изградбата на преносниот систем на гас во целата држава е еден од врните приритети на владата.
Водно ќе добие V степен на заштита
Во меѓувреме, случувањата со гасоводот и бројните други градежни активности на Водно поттикнаа потреба за поголема заштита на Парк-шумата од аспект и на ерозии, заштита од поплави, но и зачувување на шумскиот фонд
Советот на Град Скопје, во април лани изгласа одлука за прогласување на парк-шумата Водно за заштитен предел од V категорија. Тоа значи, понизок степен на заштита од националните паркови (II степен), и од Матка која е III категорија.
Од „Го сакам Водно“ велат дека се свесни дека станува збор за парк шума која ја создале претходните генерации со пошумување , но истакнуваат дека Водно е направено и за да го штити градот од поллави и ерозии. Тие имаат многу забелешки за студијата и сметаат дека ова е спротивно на барањата на активистите и јавноста - а тоа е да се донесе посебен закон за Водно.
Според Татјана Стојановска, актот има само прокламативно значење и не нуди заштита на Водно.
"Во актот ни пречи и тоа што с е намалува зоната за заштита. Се легализираат постоечките дивогради во заштитена зона и се дава можност за нови дивоградби и тоа не боли ", вели Стојановска.
Таа дополни дека нема да запрат со битката за зачувување на животната средина и оти во наредниот период ќе ја алармираат јавноста за недостатоците во студијата за Водно.
Студијата за прогласување на парк шумата за заштитено подрачје од пета категорија е финансирана од УНДП, а ја изработија експерти од неколку области меѓу кои и за економија.
Министерството за животна средина во јануари најави дека годинава ќе заврши процесот за прогласување на планината Водно за заштитено подрачје откако претходно нацрт одлуката за прогласување ќе помине низ јавна расправа, на која своите забелешки ќе можат да ги дадат екологистите и другите заинтересирани страни.
Јавната расправа за нацрт одлуката се одржа вчера, а документот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи и на веб страната на Министерство за животна средина и просторно планирање , за доставување на коментари, забелешки и консултации со засегнати страни. Мислењата може да се достават најдоцна 10 дена од одржувањето на јавна расправа, односно најкасно до 13 февруари.