Достапни линкови

Мирна Трпкова: Струмица не е ништо помалку драматична од Холивуд


Мирна Трпкова во сцена од монодрамата „Викторија“
Мирна Трпкова во сцена од монодрамата „Викторија“

Независен уметник што креира свои мали продукции на кратки филмови, пишува поеми, песни, колумни, снима мултимедијални проекти...ете тоа е Мирна Трпкова. Таа лани, по враќањето од САД во родниот град, во Македонија, ја одигра и монодрамата „Викторија“. И ги возбуди духовите.

На урбана Струмица и на македонската културната сцена некаде на залезот на 2021 им се случи монодрамата „Викторија“. Зад проектот со сета своја младешка дрскост, сета инвенција и со ништо неусловената потреба дека треба да се делува и во ваквите скудни времиња, го потпишаа младата мултимедијална уметница Мирна Трпкова, режисерот Дејан Ангелов и продуцентот Никола Пијанманов, односно Здружението за култура „Транзен“. Тие за предлошка го имаа текстот на Јордан Славејков, а претставата по премиерната изведба доживеа уште неколку исклучително успешни прикажувања и ќе продолжи да ги бранува духовите и да ја крева температурата во гледалиштето.

Е, сега која е Мирна Трпкова?

Родена 1995 година во Струмица, по бушавото детство, Мирна првите посериозни чекори на сцената ги сторила учествувајќи во аматерската работилница за театар ДУМОН и потем на American Academy of Dramatic Arts (AADA) во Холивуд, Калифорнија. По една година од можните две ја напушта Академијата и станува независен уметник. Креира свои мали продукции на кратки филмови, пишува поеми, песни, колумни, снима мултимедијални проекти кои некои ги опишале како „темни, сензуални, мултидимензионални изрази на човековата потсвет“.Создава некој свој свет, распарчено уметничко дело без рамка. „Слика која се движи“.

Викторија е првата нејзина улога во професионален театар.

Минатата 2021 година, Мирна Трпкова несомнено долго ќе ја памети по монодрамата „Викторија“ , работена по текст на Јордан Славејков и во режија на Дејан Ангелов. Како влеговте во оваа приказна?

- Одлуката овој текст да заживее на македонската театарска сцена беше секако одлука на самиот режисер. А јас го познавам Дејан веќе многу години, и иако секогаш некако oд дистанца, нашите животи како да имаат определени пунктови, пристаништа, на кои ние се среќаваме, секогаш во име на театарот и уметноста. Јас само што се имав вратено од Аризона и по некое време, чинам неколку месеци подоцна, веќе имав некои средби и продуктивни разговори со Дејан. А тој очигледно веќе имаше многу добро испланирано што сака од оваа пиеса. Како тврдоглаво да одлучил дека јас ќе можам и дека треба да се обидам да ја остварам улогата на Викторија. А мојот карактер е и природно таков, амбициозен и авантуристички настроен ... Затоа мислам дека немаше сила на универзумот што ќе ме спречеше при обидот да ја обоиме Викторија таква како што ја гледаме и чувствуваме ние двајцата потпрени на интерпретивната брилијантност на Дејан во однос на пишаниот збор на авторот Славејков и неизмерната поддршка од продуцентот Пијанманов.

Обично се вели дека за монодрама е потребна актерска и животна зрелост. Вие го имавте само искуството од бројни независни проекти во САД и толку. Сепак влеговте во оваа авантура носени од својата смелост и младешки инает. Како се справивте со таквата одлука?

- Кога за прв пат ја прочитав пиесата на Славејков, чекав на ред некаде во некоја болница за нешто. Читав на телефонот, гушејќи се во летната жештина, внимавајќи да не ми помине редот. Хаха! И така читајќи, можеби не со целото внимание, би сакала некој да ми ја фотографираше задоволната насмевка на лицето кoja во тој момент беше упатена кон Дејан којшто (иако не ми беше некој близок пријател пред да почнеме да соработуваме на оваа монодрама), како да знаел што се имам поминато во изминатите шест ипол години и дека кој друг ако не јас треба да ја изигра Викторија токму сега! Не мислев многу на некој професионален план, повеќе на духовен и интуитивен. Како се да е точно така како што треба да биде.

Како и пријдовте на Викторија како лик? Колку е таа одраз и на она што вие лично го носите во себе? На времето и средината во кои живееме. Конечно, „расте“ ли и се трансформира Викторија со секоја следна изведба, со секое ваше излегување на сцена?

- Оваа монодрама е една од најтешките работи кои сум ги направила и кои допрва ќе ги правам во мојот живот. Тежината на оваа пиеса доаѓа од нејзината неизбежна вистинитост и неизмерна дрскост соочена со смртта. Лесно е да кажеме дека ние сме вистинољубиви луѓе и не ја сакаме лагата, но на дело тоа не е така. Човечкото битие се чини како да има зависност од тоа да се скрие од другите. Да не си го покаже вистинското лице. Да измами, да изманипулира во своја корист од пуст страв тој самиот да не е измамен од некој друг. И се така од памтивек. Се повеќе се уверувам дека човекот сака да ја избегне ноќната мора, некако да ја прескокне, и да ги памети само убавите нешта. Тоа не е така со Викторија, барем не кога ја достигнува својата вистинска духовна зрелост. Посебно овде каде таа и јас се спојуваме во едно. И Викторија и јас ја избираме попрво самотијата и би си го дале животот во име на (можеби идеалистичката) љубов, и во име на вистината. Ќе дадам се од себе, еден ден целосно да ја доослободам и заживеам Викторија на сцената во театарот. Многу често чувствувам како таа да ме гледа од некаде, да ми дише во вратот и преку мене и итриот Брехтово-дејствен театар да сака да ја раскаже и својата верзија на една трагична приказна... Тоа (и гласот на Дејан!) ми дава сила во моментите кога баш така исплашенa како мало дете се губам на сцената.

Убавиот прием на публиката, ќе ве натера ли малку посериозно да се бавите со театар? Да ги истражувате сопствените творечки напори во тој правец, во правецот на сценските уметности?

- Љубовтa, почитта, и сериозноста кон театарот во мене беа вродени многу одамна, поточно, од првиот пат кога сум имала можност да влезам во таа зграда. И не само во публиката, туку веднаш сакав да се видам себеси на тие штици и не само како актер, туку како автор. Ха, ха! Па така, имам поминато многу ноќи пишејќи и бришејќи ред зборови, ред мисли во свои напори да раскажам нешто ново и автентично. Пред да си дојдам во Македонија, знаев дека ова не е враќање назад туку чекор напред. Особено чекор напред во моето творештво од повеќе области на уметноста.

Што ќе биде вашиот следен творечки исчекор? Во кој медиум би била вашата идна пројавност и зошто? Имате ли веќе готови планови за 2022 година каква и да биде?

- Постојано творам, не секој ден имам сила за таква дисциплина, но е сепак доволно често. Благодарна сум дека немам изгубено волја иако многупати сум се прашувала зошто го правам тоа што го правам. Некогаш ми се чини дека е бесцелно. И јас имам свои сомнежи во очите на публиката, и мојата самодоверба лесно се крши кога сфаќам уште колку многу имам да донаучам. Сепак, на попозитивна нота, мојот главен медиум е танцот кој го практикувам секогаш и секаде кога музиката ми се допаѓа. Пишувам и своја авторска музика и сега за сега ја продуцирам во приватноста на мојот дом додека се трудам со сите сили да најдам инструменталисти со цел да склопам една целосна авторска музичка група, конечно... Снимам и кратки мултимедијални видеа. И имам отворени очи и уши за уште една можна театарска, музичка или филмска соработка со Дејан Ангелов, Никола Пијанманов и многу други талентирани лица од Македонија... Во меѓувреме, се спрема една друга, да кажеме, полу-аматерска театарска претстава во Струмица во која и јас земам учество со една интересна улога. Како да сум во една голема експериментална соба, како сите мои текстови, песни, танци, улоги, да се расфрлани на подот и ништо да нема своја целосна форма. Но, не ме сфаќајте грешно, мене ми се допаѓа тоа. Сега за сега.

Што значи да се живее овде во Македонија, посебно во град како Струмица каде интелектуалците, уметниците и нивните здруженија се притеснети од власта и нивното вулгарно практицирање на уметноста и културата?

- Светот е глобално село. Битката е насекаде иста. Таа е душевна, таа е внатрешна, таа е тешка. Нема лесен пат. И нема бегање од сопствените корени. Се што се случува е домино ефект на нешто друго. Секој прво нека се погледне сам себеси во огледало.

Од драга страна, како ја објаснувате вие одлуката еден творец независно во која област и да се движи да се осуди да биде уметник до крај, до коска? Посебно во ваквите услови на „празијада“ и тиранија на политиката над обичниот секојдневен живот?

- Се повеќе дознавам дека многу од уметниците од кои сум учела, во приватниот живот не биле светците кои сум ги замислувала како дете. Не знам. Но, јас барем сега за сега сакам да верувам дека креативното творештво ќе остане чисто само кога ние самите ќе имаме контрола над сопствените страсти и ќе се воздржиме од повреда кон другите. Како што татко ми често сака да ме потсети „Не постои човек под тебе, а има многу други кои се доста попаметни…“. Е така, таа е суровоста, таа е реалноста. Дај Боже еден ден да имам сила да се согледам како обична и само тоа. А, тоа што се имам обележано од млади години како различна, дрска, и уметнички настроена е за мене веќе освоена битка. Дали за среќа дали за несреќа, но тоа е така. Моите напори не се кон тоа да останам уметник. Тоа е за мене неизбежно, туку како да успеам да се „соживеам“ и да се разберам со навидум тривијалните случувања. И самото тоа да ме направи човек кој подобро ќе ги разменува своите идеи со другите луѓе во било која околина. Струмица не е ништо помалку драматична од Холивуд. Тоа ви го гарантирам.

Конечно, ќе остане ли Мирна со сопствената и гласноста на сите напредни сили и натаму да се бори на југот од Македонија за културата, за воздухот и екологијата на духот и воопшто или... ќе фати пат за некаде... ?

- Денес уживам во удобноста на мојот роден крај со мојата фамилија. Овде се чувствувам најсакана. И очигледно, тоа е мојата најголема потреба која сега имам шанса да ја задоволам. А, за утре, не знам…

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG