Достапни линкови

Заев заминува - за едни како херој, за други како предавник


Премиерот Зоран Заев е љубител на мотори, а неодамна изјави дека по заминувањето од функцијата со министерот за здравство Венко Филипче ќе имаат повеќе време за возење мотори
Премиерот Зоран Заев е љубител на мотори, а неодамна изјави дека по заминувањето од функцијата со министерот за здравство Венко Филипче ќе имаат повеќе време за возење мотори

Премиерот Зоран Заев и официјално денеска ја достави во Собранието оставката која ја најави по поразот на локалните избори што се одржаа во октомври. По констатирањето од страна на собранието тој ќе стане и поранешен премиер. Што остави зад себе на позицијата што ја извршуваше и како е доживеан?

Премиерот Зоран Заев попладнево ја депонираше оставката од функцијата претседател на Владата до Собранието. Во писмениот документ што е испратен со собранискиот спикер Талат Џафери се надевува дека оставката нема усно да ја образложи. Во писмото премиерот во заминување пишува дека за ваквата одлука се решил по исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

„Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, пишува Заев во оставката испратена до Џафери и до пратениците.

Премиерот во заминување наведува и дека со тоа што си поднесува оставка сака да остави пример и за идните лидери, а и да даде придонес кон јакнењето на демократскиот капацитет на народот.

„Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси“, наведува Заев во писмото.

Инаку тој пет години беше премиер, девет години градоначалник, две години пратеник и четири години лидер на опозицијата. Но, освен набројувањето по години на неговиот политички ангажман, тој заминува со целосно поделена перцепција на граѓаните за него. За едни е херој, за други предавник.

Во бројки, испитувањето на јавното мислење објавено во август годинава, а нарачано од американскиот Национален демократски институт Заев покажува дека тој имал доверба од осум отсто наспроти петте отсто на неговиот политички ривал Христијан Мицкоски. Оваа предност сепак се покажа недоволна за на локалните избори во октомври да победи.

По изборниот пораз од ВМРО-ДПМНЕ и оставките Заев заминува оставајќи го својот избор-Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ и најавен мандатар за составување на новата влада. Што му го донесе епитетот херој, а што предавник? По што ќе остане запаметен Заев?

Аудио бомби и 27 април

Епитетот херој симпатизерите му го припишуваат најмногу поради случувањата на 27 април 2017 година во Собранието. И фотографиите на социјалните мрежи од неговите симпатизерри се вообичаено со раскрварената глава на тогашниот опозиоционер.

Тогаш, по месеци протести предизвикани од таканаречените аудио бомби кои лично ги објавуваше на прес конференции во СДСМ, а со кои се упатуваше на криминално делување на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, се одржаа избори. На нив им претходеа долги разговори во вилата на евроамбасадорот во скопската населба Пржино по кои се дојде до договор и за спроведувањето на изборите и за идниот начин на владеење. Во декември 2016 година граѓаните гласаа. СДСМ освои 49 пратеници, а партијата што ја предводеше Никола Груевски 51 пратеник. Од декември до април, ВМРО-ДПМНЕ не можеше да состави владино мнозинство од 61 пратеник, нешто што го имаше обезбедно Заев, но тогашниот претседател Ѓорге Иванов не му го даваше мандатот да формира влада.

Заев во крв, пратениците од СДСМ и други нападнати во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Сето ова и всушност доведе до таканаречениот крвав четврток во кој дојде до упад во Собранието од луѓето кои излегуваа на повик на иницијативата За заедничка Македонија и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Настрадаа Заев, други политичари, новинари, а снимките и фотографиите кои беа објавени го шокираа светот. Следуваше поддршка од меѓународната заедница и околу еден месец подоцна формирање на првата влада на Заев. За многу негови поддржувачи токму тој е херојот кој преку својата раскрварена глава ја донел слободата во Македонија.

Други, пак, негодуваат поради правниот исход за овие случувања. 16 луѓе се осудени на затворски казни од над десет години, но дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија, што се доживеа како тргување со правдата во име на друга цел.

За оние кои протестираа со недели пред случувањата на 27 април и по чии протести дојде до упадот во Собранието, за нивните семејства, блиските до опозицијата и неговите противници, Заев по тој настан стана извршител на, како што ја нарекуваат, Тиранската платформа, со која тврдат им удоволил на барањата на Албанците поврзани со подоцнежното носење на законот за употреба на јазиците со кој албанскиот јазик доби поширока употреба.

Промената на името и влегувањето во НАТО

Другиот херојски потег кој му го припишуваат неговите симпатизери, а кој му донесе и меѓународна поддршка е решавањето на речиси три деценискиот спор за името со Грција поради кој земјава од 2008 година беше во чекалницата на НАТО. Со неговиот личен ангажман со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас најдоа решение- Република Македонија, стана Република Северна Македонија, која од 2020 година е и официјално членка на НАТО.

Но, токму решението за спорот го прави во очите на другите најголем предавник. Договорот кој во 2018 година во грчкото село Нивици го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас под покровителство на Заев и на Ципрас во малата рибарска населба донесе високи странски политичари.

„Поместивме планини“
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:41 0:00

Додека тогашните европски челници Јоханес Хан и Федерика Могерини им честитаа, низ Македонија се организираа протести, а се коваа и новите епитети, како на пример северџан, од придавката северна која со договорот ја доби земјава. Но, Заев и по смената на името во Собранието и покрај тоа што референдумот за промена беше неуспешен оти не излегоа доволно граѓани, сепак успеа да добие уште едни избори. Лани, коалицијата што тој ја предводеше успеа да освои 46 пратеници, два повеќе од коалицијата предводена од неговиот политички ривал Мицкоски.

Спорот со Бугарија

И од тогаш влезе во посериозни обиди за решавање на уште еден спор со македонските соседи поради кој се блокирани сега европските интеграции, оној со Бугарија. Неколку негови изјави беа толкувани во дел од јавноста како непромислени и попустливи кон Софија, а особено жестока реакција предизвика неговото интервју за агенцијата БГНЕС.

„Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии – Крива Паланка, Куманово, Скопје и во целиот овој дел“, рече Заев лани во ноември.

Заев е најголемиот предавник на сопствениот народ, почнаа да тврдат од ВМРО-ДПМНЕ веднаш по оваа изјава, но со негодување реагираа и борците, владини коалициски партнери, дотогашни поддржувачи на неговата политика.

Датумите за ЕУ

Понекогаш доживуван во јавноста како наивен верувач во очекувањата за датумот за почнување на преговори со Европската унија Заев неколкупати досега најавуваше дека решение со Бугарија е можно, па со тоа и датум за преговори за зачленување во унијата. По промената на името, кога се очекуваше брз напредок во ЕУ на пролет 2019 година Бундестагот не донесе одлука па Германија беше воздржана за почетокот на преговорите. Истата година есента, францускиот претседател Емануел Макрон не дозволи Скопје и Тирана да ги почнат преговорите со инсистирањето за нова методологија за преговори.

Премиерот Зоран Заев и Претседателот на Франција Емануел Макрон во Париз, 2 јуни 2021
Премиерот Зоран Заев и Претседателот на Франција Емануел Макрон во Париз, 2 јуни 2021

Од лани почнаа блокадите од Софија, а опозицијата за тоа го обвинува Заев поради неговата, како што велат, попустливост и непромисленост и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година.

Како и да Заев ќе остане запаметен како еден од премиерите кој речиси секогаш застануваше да одговора на многу новинарски прашања, а понекогаш даваше и сосема неочекувани изјави.

„Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа влада од власт. Ќе се бориме до крај, секој што се инволвирал секако ќе си носи одговорност“, рече Заев во 2019 година одговарајќи на прашање поврзано со таканаречената афера Рекет.

Случај Рекет и згаснувањето на СЈО

Таа афера се чини дека е и најголемата со која Заев заминува од политичката сцена. Во случајот, на казна затвор се осудени поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева и шоуменот и поранешен неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски. ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека целата афера со изнуда на пари од контроверзниот бизнисен Јордан Камчев водела до Заев, нешто што не се докажа. Но, по ова згасна и Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано за да се расчистат наводите од опозициските бомби, кои ја разнишаа власта на Груевски. Перцепцијата во дел од јавноста е дека никогаш не се расчистија докрај тие сомнежи.

За време на владеењето имаше и други афери кои ја потресоа власта. На пример, поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски е во домашен притвор, но Заев лично често повторуваше дека верува во неговата невиност. Истовремено од државата избегаа и поранешниот премиер Груевски, претставници на службите за безбедност од поранешната власт за кои имаше судски спорови, а за нивните бегства никој од владејачката структура не понесе одговорност.

Одговорност не се понесе ниту за пожарот во модуларната болница во Тетово кој се случи на 8 септември во кој изгореа 14 пациенти болни од ковид и нивни роднини. Министерот за здравство Венко Филипче поднесе оставка од морални причини, но премиерот не ја прифати оти рече дека истрагата покажала дека тој не е виновен. Сега Филипче заминува од владата по коалициониот договор кој Заев го направи со Алтернатива и министерството за здравство ќе го раководи Беким Сали.

Заев имаше и „несреќа“ да владее во веќе двегодишни услови на светска пандемија со коронавирусот. Секојдневно објавување на бројки на новозаразени и починати е стварноста во која живее светот, која донесе и економски последици, нешто што несомнено го забави економскиот раст на државата. Опозицијата ова го искористи за секојдневни критики за неснаоѓање на власта во услови на здравствена и економска криза.

Опозицијата критикуваше и за бавна набавка на вакцини, а текстови за наводни криминални тендери за набавка излегуваа и по странски медиуми по што од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа преставки до Државната комисија за спречување корупција. Во март беше отворена истрага за наводна уплата на милиoнски аванс на фантом фирма во Хонг Конг за набавка на кинески вакцини, а антикорупциската комисија месецов најави дека истрагата е при крај.

Меѓународна поддршка и рангирања

Владеењето на Заев гледано низ призмата на меѓународната позиција на земјава е делумно успешно. За разлика од неговиот претходник, сегашниот азилант во Унгарија Никола Груевски, кој добиваше жестоки критики од Европската унија и од Соединетите Американски Држави во последните години од неговото владеење, премиерот во заминување ја имаше нивната поддршка. Беше неколкупати во друштво на доскорашната германска канцеларка Ангела Меркел, годинава замина и во официјална посета на Париз на која го прими лично францускиот претседател Емануел Макрон кој го уверуваше дека земјава заслужува почеток на преговори. Во 2019 година во Охрид го прими и тогашниот американски државен секретар Мајк Помпео, кој е претставник на една од повисоките државни позиции кој дошол во Македонија.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и македонскиот премиер Зоран Заев во Охрид, 4.10.209
Американскиот државен секретар Мајк Помпео и македонскиот премиер Зоран Заев во Охрид, 4.10.209

Меѓународните рангирања, пак, даваа предност во делот на демократијата, но не и во корупцијата и економијата. На пример според годинашниот извештај на невладината организација Репортери без граници за слободата на медиумите лани Македонија е на 90 местото на табелата од 180 земји што е напредок, слично како и во извештаите на Фридом Хаус за демократијата во кои бележи постојан пораст.

Од друга страна, исто така годинава Македонија падна за пет места на извештајот на Транспаренси интернешнл за перцепција на корупцијата, па се најде на 111 место во друштво на Босна и Херцеговина, Панама и Монголија. Ова е историски најлошо рангирање на земјава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG