Вести
Заев, Вучиќ и Рама бараат поддршка од Берлин за „Отворен Балкан“

Македонскиот премиер Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ во авторска статија за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, ја повикаа новата германска влада да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“.
„Се надеваме дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес, изјавија тројцата лидери“, а пренесува Дојче веле.
Во текстот тие истакнуваат дека Европа не е само континент, туку и визија, но оценија дека граѓаните на Западен Балкан „кои се значаен дел од континентот и таа визија“ предолго се исклучени и игнорирани.
„Желбата на нашите граѓани да бидат прифатени од членките на ЕУ беше попречена неколку пати- со внатрешните политики на земјите-членки, неостварувањето на ветувањата и стравот од иднината. Тоа доведе до разочарување, нестабилност, емиграција и отсуство на големи инвестиции. Како политички лидери на овие земји, можеме или да се жалиме – или да направиме нешто околу тоа. Се одлучивме за второто, се вели во текстот насловен „Перспектива за Балканот“, потпишан од Заев, Вучиќ и Рама.
- Отворено писмо на Заев, Вучиќ и Рама- ги покануваме соседите да се придружат на Отворен Балкан
- Отворен Балкан во практика никако да се отвори
Тројцата лидери во текстот потсетуваат дека во ноември 2019 година потпишаа прелиминарен договор за поддршка на Берлинскиот процес, со преземање одговорност за подлабока соработка во регионот. Лидерите објаснуваат дека иницијативата Отворен Балкан се покажала ефикасна и корисна за надминување на многу тешките времиња на пандемијата.
Изразувајќи надеж дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан, тројцата лидери наведоа дека повеќе шефови на држави и влади на европските земји и владата на САД веќе ја изразиле својата поддршка, како и дека подршка дале претприемачите, земјоделците и студентите од целиот Западен Балкан.
Пред албанската влада во Тирана пак попладнево се одржува протест против иницијативата „Отворен Балкан“, организиран од албанската опозициска Демократска партија на поранешниот премиер Сали Бериша. Бериша пред неколку дена преку социјалните мрежи ги повика Албанците да дојдат на протестот, нарекувајќи ги национални протести насочени против, како што рече, „антиалбанското сценарио“.
Протестот се организира во пресрет на доаѓањето на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на состанокот на иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“, што денеска и утре се одржува во Тирана.
види ги сите денешни вести
Мицкоски и Филипче утре на средба во Владата

Премиерот, Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче утре во 14 часот ќе имаат средба во Владата.
-Согласно јавната комуникација и упатените иницијативи и демонстрираната подготвеност од двете страни, за утре во 14 часот е закажана средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче – соопшти попладнево владината прес служба.
Во изјава за медиумите во Штип, Мицкоски искажа подготвеност за средба со Филипче, кој денеска повика на политички и општествен дијалог.
Филипче на прес-конференција рече дека по трагедијата во Кочани граѓаните реагираа со револт и бес, системот не функционира како што треба, а за тоа вина, како што посочи, имаат сите политички партии.
Областите каде што треба системски пристап, според Филипче се - образование, здравство, правосудство, животна средина, партизација и политизација.
По неговата денешна прес конференција, од Движењето ЗНАМ реагира преку писмено соопштение во кое обвинија дека „СДСМ и Филипче немаат политички кредибилитет, ниту легитимитет да нудат какви било концепти за Македонија овој момен.
- Оттука, Венко Филипче и СДСМ не можат да бидат решение на проблемите, бидејќи покажаа дека тие се проблем за секое решение, наведуваат од ЗНАМ.
-Дали самопрогласениот лидер на опозицијата со ова бара начин да се факторизира како политички фактор во јавноста и да седне на преговарачка маса, имајќи ја в предвид очајната состојба на неговата партија – се наведува во реакцијата на ЗНАМ.
Во меѓувреме, прашан за повикот на Филипче за средба, премиерот Мицкоски кажа дека ова е сериозна тема за која се разговара.
„Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време ќе го прераспределам мојот распоред, на полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши“, изјави Мицкоски.
ДУИ: Јавноста е згрозена од јавниот флерт на Мицкоски и Филипче
По најавата за средба, ДУИ во писмено соопштение изрази силна загриженост, поради како што велат од партијата, „сѐ понагласената моноетничка доминација која Власта ја демонстрираше во првата година од своето владеење“.
-Сега веќе на јавна сцена ја вклучува и етничката македонска опозиција во својата намера. Јавноста е просто згрозена од овој јавен флерт на Мицкоски и Филипче, за полноќни средби во политички интимна атмосфера на која ништо помалку туку ќе се крои планот за нов општествен договор за регулација на идните политички текови – велат од ДУИ.
Според партијата, Република Северна Македонија претставува „препознатлив модел на функционална мултиетничка демократија со јасно изразена евроатлантска ориентација“.
Основниот модел на мултиетничкиот карактер на земјата е системски загрозен, а загрозен а и интегративниот процес на земјата во Европската унија. Тоа се две клучни стратешки основи кои што сериозно ја загрозуваат долгорочната стабилност и просперитет на земјата, и тоа се двата приоритети за кои треба да се отвори суштински политички дијалог – додаваат од ДУИ.
Азири: Мицкоски ќе се сретне со претседателот на најголемиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче
Реакција пристигна и од потпретседалот на Алијанса за Албанците, Елми Азири:
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се сретне со претседателот на најголемиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче! Откако беше избран за претседател на СДСМ, првата средба му беше со претседателката на државата, г-ѓа Силјановска-Давкова! Последниов веќе неколку години од ВМРО го нарекуваат министер за смрт! Оваа моноетничка средба е практична имплементација на платформата Македонија повторно твоја“, вели Азири.
Мицкоски по повикот на Филипче: На располагање сум во секое време за средба

Премиерот, Христијан Мицкоски вели дека е подготвен на средба со лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче доколку, како што изјави денеска, навистина има план и желба да помогне.
По денешниот повик од Филипче за политички и општествен дијалог Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека стои на располагање во секое време и ќе го усогласи распоредот за да го слушне планот на Филипче и да се види дали во тој план може нешто да се реши.
„За мене е малку непристојно да разговараме преку медиуми, реков доколку има план како што најавија, подготвен сум да го примам на средба пртседателот на СДСМ да го образложи планот, да го слушнеме планот бидејќи се сериозни времиња, јас сум сериозен човек, сериозни работи се во прашање и најмалку што треба да се прави е естрада на јавна сцена“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека доколку Филипче навистина има план и желба да помогне, тој стои на располагање во секое време ќе го прераспредели својот распоред.
„На полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши. Но, доколку планот опфаќа пристап „Стабри“, како што беше во минатото за време на короната тогаш такви планови не можам да прифатам“, посочи Мицкоски за повикот од Филипче и дали ќе има лидерска средба со останатите претставници на партиите.
Прашан дали ќе имаат заеднички став со СДСМ околу изборот на в.д градоначалник на Кочани за да нема криза во градот по трагедијата со пожарот и оставката на градоначалникот Љупчо Папазов, рече не разговарале со советниците за потецијалнот кандидат, но оти апсолутно ќе се избере в.д градоначалник и оти тука нема дилема.
Претходно, лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека уште денеска или утре (2 и 3 април) ќе побара состанок со премиерот за да се организира таа средба.
Нагласи дека треба да се изготви стратегија во која ќе се влучат сите, во форма на политички дијалог, врз основа на која државата ќе функционира во следните децении, многу повеќе од мандат на која било влада и која било партија или коалиција да ја води таа влада.
Курти почна разговори со малцинските партии за формирање на новата влада

Вршителот на должноста премиер на Косово, како и претседател на Движењето Самоопределување, партијата која победи на парламентарните избори на 9 февруари во земјата, почна состаноци со малцинските политички партии за да се консултира за формирањето на новата влада.
Овој процес отпочна по потврдувањто на изборните резултати и почетокот на уставните рокови за формирање на законодавната власт и новата влада, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи го одреди 15 април како датум за одржување на конститутивната седница на Собранието на Косово.
Косовскиот премиер, Албин Курти, изјави дека се сретнал со претседателката на Новата демократска партија (НДС) од бошњачката заедница, а воедно и вршител на должноста заменик на премиерот, Емилија Реџепи.
Според изјавата од канцеларијата на премиерот, Реџепи „ја потврдила својата целосна подготвеност да продолжи да соработува" со Движењето Самоопределување и да го поддржи Курти во неговите напори да формира нова влада.
Курти, исто така, се сретна со претседателот на Партијата за слобода, правда и опстанок од српската заедница, кој е и вршител на должноста министер за заедници и враќање, Ненад Рашиќ.
За време на разговорите, министерот Рашиќ ја потврди својата поддршка на премиерот Курти за формирање на нова влада и продолжување на соработката - се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.
Движењето за самоопределување тврди дека може да обезбеди 61 глас потребен за формирање на нова влада во Косово.
Во меѓувреме, двете опозициски партии, Демократската лига на Косово и Алијансата за иднината на Косово, ја отфрлија можноста за заедничко владеење со Движењето Самоопределување, додека Демократската партија на Косово и Социјалдемократската иницијатива не поставија црвени линии за коалиции.
Ниту една политичка партија нема доволно гласови за да формира нова влада.
Движењето Самоопределување, како и трите други албански политички партии зад него, сметаат дека немнозинските заедници имаат десет гарантирани места во собранието.
‘Науката (за)стана’: Протести во Белград и Нови Сад

Вработени во научноистражувачката дејност денеска (2 април) организираа протести во Белград и Нови Сад на повик на српскиот Синдикат на науката во знак на поддршка на студентите во блокада.
Протестите беа организирани под слоганот „Науката (за)стана“.
Претставници на Синдикатот на науката и на Мрежата на академска солидарност заедно со група граѓани и студенти се собраа пред платото кај Филозофскиот факултет во Белград.
Луѓето на собирот носеа транспаренти на кои меѓу другото пишуваше „Науката ви мавта со дипломите, нашите се вистински, а какви се вашите“ и „За враќање на академското достоинство“.
Претставник на неформалната организација Мрежа на академската солидарност, Оливер Тошковиќ, рече дека владата „живее во свет во кој позицијата е пред аргументот".
„Факт е дека оваа влада е подготвена да ја уништи и деформира научната активност во оваа земја само за да ни се одмазди лично и да нѐ понижи", рече Тошковиќ.
Собраните со 16-минутно молчење им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата во Нови Сад. По молкот, тие се движеа низ централните улици на Белград до зградата на Владата на Србија.
Во Србија, десетици илјади граѓани со месеци излегуваат на улиците со клучно барање да се утврди кривичната и политичката одговорност за несреќата во Нови Сад, во која 15 лица загинаа при пад на настрешницата на главната железничка станица во градот, додека шеснаесеттата жртва им подлегна на повредите повеќе од два месеци подоцна.
Во фокусот на протестите се обвинувањата дека корупцијата довела до паѓање на настрешницата. Претставниците на властите ги отфрлија овие обвинувања.
Тројца пациенти од пожарот во Кочани се враќаат од Шведска и Грција

Тројца пациенти од повредените лица од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, од кои двајца беа хоспитализирани во Грција и еден пациент во Шведска – соопшти Министерството за здравство денеска (2 април).
Согласно протоколите ќе бидат задржани под 24-часовен надзор.
Во Србија остануваат хоспитализирани 23 пациенти, Бугарија 14 паценти, Турција 10 пациенти, Грција 8 пациенти, Словенија 4 пациенти, во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Австрија и Литванија се хоспитализирани по 3 пациенти, во Италија и Полска по еден пациент.
Во Скопје, на Клиниката за токсикологија вчера беше хоспитализиран пациент по враќање од Полска, истиот денеска се пушта на домашно лекување.
На Клиниката за пластична хирургија остануваат двајца пациенти, а во Хируршката клиника Св.Наум Охридски 6 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември се хоспитализирани пет пациенти, од кои еден е планирано да биде пуштен на домашно лекување, на Клиниката за пулмологија двајца пациенти, а во приватната болница Систина се хоспитализирани тројца пациенти.
Ресорниот министер, Арбен Таравари вчера изјави дека засега во Северна Македонија се враќаат полесно повредените пациенти, што се рехабилитирани целосно. Од следната недела треба да се разговара за враќање на лицата кои беа потешко повредени во пожарот.
Филипче предлага нов концепт на општествен и политички дијалог

Лидерот на СДСМ Венко Филипче предложи нов концепт за општествен и политички дијалог. Како што рече на денешната прес-конференција, трагедијата во Кочани покажала дека системот не функционира како што треба, а за тоа како што посочи, вина имале сите политички партии.
Во однос на лидерската средба рече дека уште денеска или утре (2 и 3 април) ќе побара состанок со премиерот Христијан Мицкоски, за да се организира таа средба.
Според него областите каде што треба системски пристап се - образование, здравство, правосудство, животна средина, партизација и политизација.
„По големата трагедија во Кочани, ја видовме реакцијата на граѓаните, револт, на места и бес. Би рекол сосема оправдано, бидејќи тоа што во изминатите три децении, тоа што се нарекува реформи, тоа што се нарекува транзиција, очигледно не го даде посакуваниот резултат. Системот на многу места очигледно не фукционира како што треба. Јавните сервиси немаат перформанс каков што граѓаните заслужуваат. За тоа вина имаме сите политички партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, другите политички партии“, рече Филипче.
Нагласи дека треба да се изготви стратегија во која ќе се влучат сите, во форма на политички дијалог, врз основа на која државата ќе функционира во следните децении, многу повеќе од мандат на која било влада и која било партија или коалиција да ја води таа влада.
Во однос на правосудството, предлага неминовно да се донесат реформската агенда во што пократок рок реформските закони во одреден систем во којшто ќе се постигне широк консензус не само политички, туки и други фактори од делот на правосудството на коишто ова навистина им е експертиза.
„Тоа што граѓаните најмногу ги иритира а тоа е партизацијата и политизацијата. Мора да ги ослободиме институциите од канџите на политиката и партијата за да младите луѓе имаат навистина добар, компетитивен мерит систем и на тој начин да се вработуваат и напредуваат поради тоа што само на тој начин можеме експертизата да ја издигнеме на соодветно и заслужено ниво“, истакна Филипче, додавајќи дека добро е на овие теми да седнат лидерите на сите партии.
Лидерот на СДСМ истакна дека на премиерот Христијан Мицкоски и подетално би му го образложил овој план на средба во следните денови. Во однос дали очекува неговиот предлог за лидерска средба да биде прифатен, тој рече дека уште денеска или утре (2 и 3 април) ќе побара состанок со премиерот Мицкоски, согласно агендите, за да се организира таа средба.
„Оставам простор и се надевам дека сега кога политичките партии ќе го слушнат ова ќе ја прифатат таа лидерска средба. Но добро е прво тоа да го поразговараме со премиерот, имајќи предвид дека тој прв подаде рака и на прва одговори дека средбата е прифатлива. Навистина не знам што би било неприфатливо или некој зошто не би сакал да разговара, кога тоа е констатација на секој еден граѓанин во државата“, рече Филипче.
На новинарско прашање дали на средбата ќе ја постави темата за евроинтеграции и уставни измени, рече дека најверојатно ќе се зборува и за таа тема.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека тој е подготвен да разговара со Филипче, додавајќи дека лидерската средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиуми.
Мицкоски: Милошоски и Филков имаа лош ден, Владата е стабилна

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека владината коалиција е стабилна, а јавното препукување меѓу пратеникот од ВМРО-ДПМЕ Антонијо Милошоски и министерот за правда Игор Филков од коалицискиот партнер ЗНАМ, според него, ќе застане на, како што вели, на овие два лични става.
„Владината коалиција е стабила. Пратеникот Антонијо Милошоски е член на Извршниот комитет на партијата, тој е дел од мојот најблизок периметар. Јас соработката со Антонијо Милошоски ја оценувам на највисоко ниво, тој е додадена вредност и во рамки на пратеничката група и во рамки на партијата. Министерот Игор Филков знам со какви проблеми се соочи, знам каква состојба затекна во Министерството за правда, континуирано на дневна основа соработуваме во делот на реформите, кои се многу важни посебно во секторот правда. Но, она што можев да го заклучам, а убеден сум дека сето ова ќе застане на овие два лични става е дека секој има право на лош ден, па така јас мислам дека тој лош ден и за едниот и за другиот завршува“, рече Мицкоски, по пуштањето на фабриката на „Магна мехатроникс“ во ТИРЗ Штип.
Прашан дали има проблеми со коалицијата Вреди во која е министерот за здравство Арбен Тараври кој предвои едно од крилата во Алијанса за Албанците, рече дека нема такво чувство и оти имаат исклучителна соработка.
„Не, немам такво чувство. Напротив, имаме исклучителна соработка. Граѓаните да бидат сигурни, Владата е стабилна, повеќе од две третини неофицијално, а официјално 78 пратеници ја поддржуваат оваа Влада. Граѓаните, според она што го гледам од анкетите даваат поддршка, огромно е позитивното мислење дека и Македонија се движи во позитивна насока и тоа претставува за нас инспирација да продолжиме понатаму да се движиме и да работиме“, рече Мицкоски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски вчера во телевизиско гостување рече дека министерот за правда Игор Филков има слаб придонес во областа со која раководи. Посочи дека очекувал досега барем во нацрт верзија до Собранието да бидат доставени Предлог-законот за судови, Предлог-законот за судски буџет, Предлог законот за јавнообвинителската служба, новиот Кривичен законик...
Министерот за правда Филков, пак, во реакција на изнесените наводи на Милошоски рече дека „Кусурот на Груевски, познат под прекарот - Џуџето од Небрегово, а јавноста добро го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево, изгледа дека сè уште нема навика да одговара пред граѓаните кои го избрале“.
„Бидејќи очигледно е неинформиран и изолиран од партијата, го упатувам во неговата матична партија или пак во Владата-можеби конечно ќе го известат за постапките, роковите и статусот на законите! И, бидејќи изгледа како некој што работи по туѓи наредби, за кого одработува во моментов? Дали се тоа интересите на граѓаните или некои други агенди? Во минатото е познат по Ванчо Михајловистички ставови, многу лаги и невистини. Ова е лош де-фокус на македонската јавност по двонеделниот „одмор“! Да го потсетам дека во парламентот е од 2011 година, откако се повлече од функцијата министер за надворешни работи и активно учествуваше во креирање на „канцерогениот“ правосуден систем. Сега е добар момент да се потсети јавноста дека токму тој директно учествуваше во процесот на донесувањето на штетните измени на КЗ во 2023 година, со што се спаси од одговорност за кривичното дело ,,Моќник”“, наведе Филков, набројувајќи ги законите на кои работел во изминатиот период.
По еднодневна пауза, Русија ги продолжува масовните напади врз Украина

Русија започна нови воздушни напади врз Украина по еднодневна пазуа од напади со дронови. Во регионот Запорожје, едно лице загинало, а две други се повредени, изјави во среда (2 април) на Телеграм регионалниот гувернер Иван Федоров.
Петнаесет беспилотни летала, исто така, го нападнале источниот град Харкив, при што биле повредени најмалку осум лица.
Украинските сили за цивилна одбрана соопштија дека биле погодени згради кои припаѓаат на цивилни фирми, а исто така била нанесена штета и на станбени области.
Откако Украина во вторникот ја доживеа првата ноќ без беспилотни летала во годината, воздушната одбрана на земјата извести дека Русија распоредила 74 дронови и мамки со беспилотни летала во текот на ноќта до среда наутро.
Нападите првенствено ги погодиле регионите Харкив, Доњецк и Одеса.
Во Москва, руското Министерство за одбрана тврдеше дека соборило 93 украински беспилотни летала во текот на ноќта, главно над пограничниот регион Курск.
Војувањето со беспилотни летала стана речиси секојдневна тактика во војната, иако размерите на уништување и жртви предизвикани од руските напади го надминуваат влијанието на украинските напади.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од три години, потпирајќи се во голема мера на поддршката од Западот.
Дурмиши: Секој има право да излезе на улица и да покаже револт

Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира и да го каже својот револт, но на синдикатите веќе им истече мандатот и веќе не се репрезентативни, порача денеска (2 април)министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Како Влада ја формиравме комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите и таа комисија веќе работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). Токму таму синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Дурмиши во одговор на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“.
Како Влада, нагласи дека се за социјален дијалог. Одговарајќи на прашање рече дека како Влада постапиле според законот и методологијата за минималната плата, со која се усогласени сите засегнати страни, односно и синдикатите и работодавачите, и го објавиле износот на минималната плата на крајот на март.
„Според тој правилник минималната плата изнесува 400 евра и е покачена нето платата за 1800 денари. Како надлежен министер за економија и труд јас ја објавив минималната плата по одлука на Владата, рече Дурмиши.
Нагласи дека немале согласност од ЕСС за износот на минималната плата поради тоа што нема репрезентативност од синдикатите.
„Јас според законот кој е во сила и кој е потпишан и од синдикатите и од работодавачите и по одлука на Влада обврзан сум пред 31 март да ја објавам минималната плата. Од минималната плата потоа се пресметува и просечната плата и другите плати. Ако не ја објавевме до 31 март ќе се блокираше целата држава и сите институции, а приватниот сектор не ќе можеше да пресмета плати за нивните вработени“, истакна Дурмиши.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одржува јавна седница пред зградата на Работничкиот дом на која ќе ги искаже своите ставови за минималната плата.
Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за разрешување на Коцевски

Советот на јавни обвинители даде негативно мислење по предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. За прифаќање на предлогот гласаа тројца, додека шест члена гласа против.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, рече дека со оглед дека Советот одлуките ги носи со мнозинство, мнозинството дадоа негативно мислење. За прифаќање на предлогот на Владата за разрешување на Коцевски гласаа Кети Петкова, Ардиан Демири и Марјана Илиевска.
Советот на јавни обвинители претходно ја исклучи јавноста од точката за разгледување на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Членовите на Советот едногласно го поддржаа предлогот на членот Зорица Павловиќ, која повикувајќи се на член 10 од Законот за совет на јавни обвинители побара да се исклучи јавноста поради, како што кажа, сензитивноста на процесот и за заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител.
Светлана Стојковиќ, го поддржа предлогот, дополнувајќи дека јавноста треба да биде исклучена и поради тоа што во произнесувањето од Коцевски по предлогот за негово разрешување, се изнесени и информации и докази од дисциплинските постапки што се води против двајца јавни обвинители. Расправата, како што нагласија, ќе биде затворена, а јавноста ќе биде вклучена само за гласањето по мислењето за предлогот на Владата за разрешување на Коцевски.
Седницата за разгледување на предлогот претходно на два пати беше одложена. Првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради седумдневната жалост по трагедијата во Кочани, а минатата недела, на 26 март беше одложена поради немање на кворум. Согласно законските рокови за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски, Советот треба да го разгледа најдоцна до крајот на неделава, иако Владата објави дека ќе ја прекине постапката.
Портпаролката на Владата Марија Митева, на 26 март годинава, изјави дека Владата ќе ја прекине постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и доколку добие мислење од страна на Советот на ЈО, истото нема да го проследи до Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски по трагедијата во Кочани изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.
Владата на 11 февруари година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител. Коцевски, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете