Достапни линкови

Ангелоски – За минималната плата се фаќаме како давеник за сламка


Ангелоски – Град Скопје треба да ги отвори вратите за нови инвестиции
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:04 0:00

Ангелоски – Град Скопје треба да ги отвори вратите за нови инвестиции

Кога нема доволно да инвестираме во инфраструктура, кога нема економијата да испорача квалитетен економски резултат, имам впечаток дека ние се фаќаме за последната сламка како давеник, а тоа е минималната плата, вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ангелоски, доаѓате на местото на Данела Арсовска која беше избрана за градоначалничка на Скопје. Каква соработка очекувате со неа и како таа од новата позиција може да му помогне на бизнисот?

Искрено се надевам дека со мојата претходничка Данела Арсовска ќе имаме одлична соработка од нејзината нова позиција како градоначалник на Скопје. Досега за жал нашето искуство во соработката со администрацијата на Град Скопје е прилично неповолна. Секогаш ни се случувало, без оглед која политичка партија е на власт, бидејќи Град Скопје има сложена организација, со општините да имаме релативно културна соработка, со владата помалку или повеќе исто така. Кога доаѓале нашите идеи и проекти на ниво на Град Скопје скоро секогаш сме имале многу неповолна клима. Затоа јас искрено се надевам, очекувам и сум сигурен дека госпоѓата Арсовска, познавајќи ја како наша колешка и претходничка во комората, ќе даде сè од себе, од својот интелектуален капацитет и познавањето на бизнисот, да ги отвори вратите на таа градска администрација и да покаже максимално разбирање за бизнис секторот.

Што градската администрација може конкретно да направи?

Во Град Скопје имаме повеќе индустриски зони, во Град Скопје треба да се отворат вратите за прием на нови инвестиции. Во овој момент јас мислам дека и да дојде голем инвеститор на вратите на Град Скопје, реално нема каде да ги инвестира своите средства. Нема доволно можности за инвестиции во Градот Скопје.

Владата за догодина проектира економски раст од 4,6 проценти. Може ли тој раст да се забрза и да имаме стапки на раст од над 5 проценти повеќе години по ред?

Може, меѓутоа треба да се воведат три базични принципи – под еден реформи, под два инвестиции во инфраструктурата и под три дигитализација. Ако ги следиме овие три базични принципи очекувано е стапките на раст да бидат 5 проценти, но можеби и повеќе. Меѓутоа, за жал досега ние гледаме многу слаб учинок во овие неколку параметри што ги набројав.

Зошто ако е толку едноставно не го прават?

Мислам дека тоа прашање не е за мене. Не знам навистина кој е нивниот мотив и зошто не го прават. Доколку претходно требаше да видиме позитивни примери, моравме да одиме во Германија, Холандија или Австрија, со влегувањето на Словенија во ЕУ ги гледавме позитивните примери во Словенија, а сега мислам дека треба само да ја поминеме границата кај Прешево и веќе може да гледаме позитивни примери, нашиот северен сосед со каква забрзана динамика има инвестиции во инфраструктурата и раст на економијата. Така што, има позитивни примери.

Синдикатите бараат, а и премиерот Зоран Заев најави зголемување на минималната плата на 18 илјади денари. Кој е вашиот став во однос на тоа прашање?

На кого тоа во моментов му одговара да разговараме за минимална плата? Кога нема доволно да инвестираме во инфраструктура, кога нема економијата да испорача квалитетен економски резултат, имам впечаток дека ние се фаќаме за последната сламка како давеник, а тоа е минималната плата. Во ваква економска состојба, каде што веќе нагласивме дека нивото на економски развој ни е пониско од претпандемиското, да влеземе во зголемување на минималната плата е обратнопропорционално и навистина е надвор од целокупната економска логика. Мислам дека тоа ќе биде дополнителен товар на стопанството кој ќе предизвика огромен проблеми и сигурно намалување на вработеноста.

Работодавачите се жалеа дека невработеноста ќе се зголеми и при секое претходно зголемување на минималната плата, но тоа не се случи. Малку е парадоксално, од една страна се противите на зголемување на минималната плата, а од друга страна се жалите на недостиг на квалификувана работна сила зашто работниците во потрага по поголема плата одат во странство.

Тука има доста компоненти. Платата не е единствен фактор за иселување на луѓето во Германија. Кога ќе ги погледнете причините зошто луѓето се иселуваат, платата е на петто место како фактор кој им влијаел на иселувањето. Првенствено е човековата околина, здравствената заштита, образованието и ред други елементарни работи кои ѝ се потребни на секоја индивидуа за нормален живот. Се случува еден процес, луѓето се иселуваат и можеби и тоа влијае на некој начин да се намали невработеноста.

Целото интервју со претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG