Вести
Холандија - Десетици патници од Јужна Африка позитивни на Ковид-19
Здравствените власти во Холандија на 27 ноември соопштија дека 61 лице кои пристигнале во Амстердам со два лета на авикомпанијата „КЛМ“ од Јужна Африка биле позитивни на тестовите за Ковид-19.
Примероците се проучуваа за да се види дали некоја од инфекциите ја вклучува новата варијанта „омикрон“, која беше идентификувана претходно оваа недела во Јужна Африка и опишана како „загрижувачка“ од страна на глобалните здравствени власти.
Летовите пристигнаа претходниот ден, пред Холандија да го запре воздушниот сообраќај од Јужна Африка.
Исто така на 27 ноември, министер во германската покраина Хесе на Твитер објави дека „неколку типични мутации на „омикрон“ се пронајдени кај патник кој се враќал во Германија од Јужна Африка. Беше наведено се биле спроведени дополнителни тестови.
И официјални лица во Чешка исто така пријавија можен случај на варијанта на омикрон, откриен кај лице кое неодамна беше во Намибија.
„Очекуваме потврда или побивање на случајот“, изјави портпаролката на Националниот институт за јавно здравје Степанка Чечова.
Здравствените власти на Европската унија рекоа дека новата варијанта претставува „висок до многу висок ризик“ за континентот.
Околу 531 друг патник на двата лета на KLM биле негативни на тестот за коронавирус.
види ги сите денешни вести
Вработените во ЈП „Улици и патишта“ бараат исплата на плата и К-15
Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, денеска протестираат поради неисплатена плата и К-15.
Протестот се одржува пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, а е организиран е од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија, КСОМ.
На оградата пред бараките на Град Скопје се поставени транспаренти на кои пишува „Бараме плата и К-15“ и „Сметката да се одблокира“.
Тие упатија порака до градоначалничката Данела Арсовска да се одблокира сметката на претпријатието, како и да добијат К-15.
Од електронската адреса на претпријатието утрово е испратено соопштение до медиумите во кое се вели дека протестот е политички мотивиран, со цел да се прави криза во сите јавни претпријатија на градот.
„Мицкоски пред да почне да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП „Улици и патишта“ имаат земено плата, па оттаму е нејасно зошто Синдикатот протестира. Истовремено треба да ги информира дека за линеарно зголемување на плата и К-15, како барање на Синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението испратено од селекторската адресата на претпријатието.
Ова не е првпат вработените во ова претпријатие да реагираат на нередовната исплата на плати. Велат дека претпријатието има долг од 240 милиони денари кон добавувачите на материјали, но и дека се соочува со недостиг на основни средства за работа.
Ѓилас вели дека бил нападнат од активисти на Српската напредна партија, СНС го тврди спротивното
Опозициската Партија за слобода и правда (ССП) на социјалните мрежи објави дека лидерот на таа партија Драган Ѓилас и нејзиниот член Ѓорѓе Алексиќ биле физички нападнати во Белград.
ССП тврди дека Ѓилас и Алексиќ биле нападнати од активисти на владејачката Српска напредна партија (СНС).
Од друга страна, СНС го тврдат спротивното - дека Ѓилас ги нападнал нивните активисти.
Според ССП, Ѓилас и Алексиќ биле нападнати по полноќ на 20 декември во населбата каде што живее Ѓилас, кога се приближиле до група мажи кои лепеле навредливи плакати.
На плакатите пишувало „Ѓилас крадецот“.
ССП на социјалните мрежи објави видео од инцидентот.
Во изјавата што ја пренесе телевизијата Н1, Ѓилас вели дека тој и Алексиќ им пришле на група мажи за да ги прашаат зошто ги поставуваат тие плакати.
„До вечерва мислев дека тоа што сум пратеник и лидер на опозициската партија ме штити - очигледно тие не се воздржуваат од ништо“, додаде тој.
Ѓилас и Алексиќ по инцидентот биле прегледани во Ургентниот центар.
Алексиќ изјавил дека мажите ги нападнале, го собориле Ѓилас на подот и го клоцале.
„Легнав врз него, а тие продолжија да не клоцаат заедно. На видеото може да се види како луѓето паѓаат од силината на ударот, како и тоа дека никој не дошол да се пресмета со никого, можете да видите дека ги држам рацете горе, дека се обидував да спречам нешто полошо, но тие први се одбранија, тоа можете да го видите на видеото“, рече Алексиќ.
ССП тврди дека групата мажи ја предводел Лука Петровиќ, градскиот секретар за инвестиции во Белград и член на Претседателството на СНС.
На прес-конференцијата Петровиќ негираше дека активисти на СНС го нападнале Ѓилас и член на неговата партија.
Петровиќ изјави дека конфликтот се случил за време на „најнормалните партиски акции“ на лепење плакати извршени од младите на СНС. Тој тврди дека Ѓилас го нанел првиот удар и дека еден од активистите на СНС доживеал потрес на мозокот.
Петровиќ пред новинарите во просториите на партијата изјави дека инцидентот се случил 30 минути по полноќ на улицата „Војвода Степа“ во Белград.
Тој изјави дека младите од СНС „стоеле мирно“ на улицата и лепеле плакати „Ѓилас крадецот“ кога се појавил Ѓилас.
„Никого не допреа, никого не провоцираа, си ја завршија партиската работа“, додаде тој.
Тој ги отфрли тврдењата дека први нападнале активисти на СНС, наведувајќи го спротивното.
Премиерот на Србија и претседател на СНС, Милош Вучевиќ, реагираше на социјалните мрежи, велејќи дека „инцидентот го започнал Ѓилас“.
До објавувањето на веста, полицијата не одговори на барањето на РСЕ за овој инцидент.
Санкции од САД за правни лица, бродови и поединци вклучени во транспорт на иранска нафта
САД најавија санкции против правни лица, бродови и поединци вклучени во транспортот на иранска нафта или помагањето за финансирање на Хутите во Јемен, поддржани од Иран, јави ДПА.
Целта на санкциите е да го спречат Иран да ги финансира нивните „малигни активности“, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Стејт департментот воведе санкции за четири субјекти кои превезувале иранска нафта и идентификувале шест бродови како нивна сопственост.
„Додека Иран ги пренасочува своите енергетски приходи за да ги финансира нападите врз сојузниците и партнерите на САД, да го поддржува тероризмот ширум светот и да продолжи со дестабилизирачки акции, ние ќе продолжиме да ги користиме сите алатки што ни стојат на располагање за да го повикаме режимот на одговорност“, рече Блинкен.
Министерството за финансии, исто така, санкционираше четири субјекти и идентификуваше три брода во врска со иранскиот нафтен или петрохемиски сектор.
Санкции се воведени и на 12 поединци и правни лица - вклучувајќи го и шефот на јеменската централна банка во Сана - за кои САД велат дека се поврзани со Хутите, поради нивната вмешаност во трговија со оружје, перење пари и транспорт на нелегална иранска нафта.
Најитните болнички интервенции непречено ќе се реализираат во сабота
По најавата од скопски „Водовод“ за прекин во водоснабдувањето од вечер (20 декември) во поголем дел од градот, од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ информираат за МИА дека најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено.
Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева вели дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.
„Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето“, појасни Срцева за МИА.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов утре не очекува проблеми во работата на оваа клиника.
„Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7“, изјави Настов за МИА.
Според најавата, прекинот во водоснабдувањето ќе биде вечер по 22 часот, а ќе трае се до санирање на дефектот.
Без вода се очекува да бидат голем дел од скопските општини, освен Чаир, Бутел, Радишани, „Пластичарска“ до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда - висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман
Во ракетен напад врз Киев повредени најмалку двајца
Најмалку две лица се повредени и згради се оштетени во руски ракетен напад утринава (20 декември) врз Киев, главниот град на Украина, соопштија локалните власти.
„Нападот предизвика пожари во делови од градот“, изјави шефот на воената управа на Киев, Сергеј Попко.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека најмалку две лица се повредени во нападот.
„Украинските системи за противвоздушна одбрана одбиваат ракетен напад врз Киев“, соопштија градските власти и претставници на воздухопловните сили.
Очевидци изјавија дека слушнале повеќе експлозии по предупредувањето за ракетен напад врз градот.
Работниците на Амазон штрајкуваат во САД
Работниците во седум објекти на Амазон стапија во штрајк во четвртокот за да го принудат големиот онлајн трговец да потпише колективен договор за време на празничниот период.
Синдикатот Teamsters, односно синдикатот на транспортери и камионџии, кој воедно е и најголемиот синдикат во Соединетите Американски Држави (САД), соопшти дека работниците кои пред неколку дена го официјализираа штрајкот почнуваат со протести.
Тие рекоа дека тоа е чекор што решиле да го преземат откако Амазон го игнорирал рокот, кој истече минатата недела, за почеток на преговори за колективен договор.
Амазон верува дека штрајкот на работниците нема да влијае на неговото работење Синдикатот објави дека застапува речиси 10.000 работници во десет објекти на Амазон, што е само дел од 1,5 милиони луѓе што Амазон ги вработува во своите магацини и канцеларии.
Штрајкот, кој започна во четвртокот, влијае на еден магацин на Амазон во Сан Франциско, Калифорнија и шест центри за исполнување во Јужна Калифорнија, Њујорк Сити, Атланта, Џорџија и Скоки, Илиноис, соопштија Teamsters.
Беше наведено и дека работниците на Амазон во другите објекти се „подготвени да се приклучат“ на штрајкот.
Узбекистанец обвинет за тероризам за атентат на руски генерал
Судот во Москва го обвини узбекистанскиот државјанин Ахмат Курбанов на 19 декември за тероризам и други обвиненија за убиството на висок профил на генерал-полковник Игор Кирилов, кој ги предводеше руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана.
Освен за тероризам, Курбанов е обвинет и за убиство и нелегално поседување оружје и муниција, јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Курбанов, роден во 1995 година, е обвинет дека на 17 декември активирал експлозивна направа што ја направил самостојно, сокриена во скутер паркиран во близина на станбена зграда во Москва.
Во експлозијата загинаа Кирилов и неговиот помошник. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) го приведе Курбанов веднаш по нападот во соработка со Министерството за внатрешни работи и Истражниот комитет. Инспекторите тврдеа дека Курбанов бил регрутиран од украинските разузнавачки служби.
Руските власти објавија видео на кое маж кој зборува слаб руски се претставува како Ахмад Курбанов од Узбекистан и „признава“ дека го извршил нападот. Околностите во кои е снимено видеото остануваат непознати.
За време на судското рочиште на 19 декември, Курбанов побарал преведувач поради неговото ограничено познавање на рускиот јазик.
Амбасадата на Узбекистан во Москва е активно вклучена во случајот. Тоа го коментираше апсењето на Курбанов на Телеграм, велејќи дека бил во контакт со руските агенции за спроведување на законот.
ФСБ во соопштение на 18 декември соопшти дека осомничениот бил регрутиран и обучен од специјалните служби на Украина и ветил пари за да го изврши нападот.
И покрај тоа што официјално нема преземено одговорност за убиството, извор од украинската безбедносна служба СБУ за РСЕ изјави дека експлозијата била резултат на специјална операција на украинската агенција.
По разорниот циклон, Макрон вети помош за островот Мајот и прогласи ден на жалост
Францускиот претседател Емануел Макрон го прогласи 23 декември за ден на жалост за жртвите на циклонот Чидо, кој пред девет дена го погоди Мајот, француски архипелаг во Индискиот Океан.
Според достапните податоци, во разорниот циклон загинале 31 лице, но се стравува дека бројот на загинатите е значително поголем.
„Нашите знамиња ќе бидат на половина копје. Сите Французи ќе бидат повикани на едноминутно молчење во 11 часот“, напиша Макрон во објавата на социјалната мрежа „Икс“ во четвртокот, Макрон го посети Мајот, кој беше уништен од циклонот Чидо и жителите без вода, храна и струја.
Тој вети дека ќе го обнови островот и најави компензациски фонд за оние кои не се осигурани, но не кажа колкава ќе биде сумата.
Француските власти соопштија дека најмалку 31 лице загинало, а повеќе од 1.500 луѓе се повредени, од кои 200 се во критична состојба. Сепак, се стравува дека загинале стотици, па дури и илјадници луѓе.
Макрон рече дека ќе преноќи на островот, а од неговиот кабинет соопштија дека во авионот на претседателот имало четири тони храна и медицинска помош, како и дополнителни спасувачи.
Дополнително, во петокот наутро пристигна брод на француската морнарица со 180 тони помош и опрема.
Циклонот Чидо го погоди и Мозамбик каде загинаа најмалку 73 лица, според локалните власти. Циклонот го погоди африканскиот континент во неделата, откако го уништи Мајот.
Мајот, кој се наоѓа во Индискиот Океан помеѓу источниот брег на Африка и северниот дел на Мадагаскар, е најсиромашната француска територија.
Мајот има повеќе од 320.000 жители, а француските власти процениле дека таму живеат уште 100.000 мигранти.
Тоа е единствениот дел од Коморските Острови што гласаше да остане дел од Франција на референдумот во 1974 година.
Во текот на изминатата деценија на таа француска територија пристигнаа голем број мигранти од соседните острови, независната држава Комори, една од најсиромашните земји во светот.
МВР поднесе кривична пријава за бегството на Груби
Опозициската СДСМ го повика министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да излезе и да ја каже вистината за бегството на Артан Груби, кој се бара со меѓународна потерница за проневера на 8 милиони евра во Државна лотарија. Во спротивно, како што посочуваат, тоа ќе го направи СДСМ.
„Тошковски два дена молчи и се крие од јавноста за скандалозните пропусти кои личат на организирано пуштање на Груби. Ова е скандал од огромни размери а информациите кои стигаат до СДСМ секој ден се се позагрижувачки, велат од СДСМ.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево се огласи на обвинувањата на СДСМ во врска со бегството на Груби. Тој посочува дека МВР има видео запис за настанот, а на полицискиот службеник му е изречена суспензија.
Додава дека против истиот наредниот ден се преземени сите истражни постапки и врз основа на истите е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава која што ќе биде наредниот ден, односно утре поднесена до надлежното јавно обвинителство, информира Тошковски.
И од ДУИ испратија писмено соопштение во кое не се говори директно за бегството. Од партијата од чии редови е токму Груби тврдат дека до ова немаше да дојде ако ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го прифатеа Законот за рестриктивни мерки кои го поднесоа нивни министри. Закон кој предвидуваше воведување строги ограничувања за лица ставени на црната листа на САД поради корупција.
„ДУИ не е совршена, ниту пак тврди дека е. Учиме од предизвиците со кои се соочуваме и се трудиме да се подобриме во служба на граѓаните. Сепак, ги отфрламе политичките кампањи мотивирани од двојни стандарди, стои во писменото соопштение.
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.
Двете лица се недостапни за органите на прогонот.
Груби во неделата преку објава на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и дека за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување. Тој беше ставен на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.
Лекари без граници го обвинија Израел за етничко чистење во Газа
Меѓународната организација „Лекари без граници“ го обвини Израел за етничко чистење во Појасот Газа, во извештајот „Газа: Живот во стапица на смртта“, кој беше објавен на 19 декември.
Генералниот секретар на таа организација, Кристофер Локјир, изјави дека „забележани се јасни знаци на етничко чистење, бидејќи Палестинците беа насилно раселени, бомбардирани и заробени“, пренесува AFP.
„Она што медицинските тимови го сведочат на терен за време на овој конфликт е во согласност со описите на се поголем број правни експерти и организации кои заклучуваат дека се врши геноцид во Газа“, рече Локјер.
Во извештајот се наведува и дека израелската опсада на таа палестинска територија драстично ја намалила испораката на хуманитарна помош.
Надлежноста да го испорача од октомври има само 37 камиони дневно, додека пред војната имало 500 камиони, се вели во извештајот.
Во извештајот се посочува дека медицинските тимови на „Лекари без граници“ прегледале 27.500 пациенти и извршиле 7.500 хируршки операции во Појасот Газа во текот на годината, како и дека болестите брзо се шират меѓу населението, имајќи предвид дека 90 отсто од 2,3 милиони се раселени и живеат во многу тешки услови.
Организацијата го осуди блокирањето на евакуациите од медицински причини, наведувајќи дека Израел одобрил само 1,6 отсто од таквите барања од мај до септември оваа година.
Во извештајот се наведува и дека биле документирани 41 напад врз вработени во таа организација, вклучувајќи воздушни напади врз здравствени установи и отворање оган врз хуманитарни конвои.
Лекари без граници наведува дека нејзините членови биле принудени да ги евакуираат болниците и здравствените центри 17 пати.
Во извештајот, организацијата повикува на итен прекин на огнот и крај на опсадата на Појасот Газа со цел да се овозможи испорака на хуманитарна помош и апелира до најблиските сојузници на Израел „да ја прекинат својата безусловна поддршка за Израел и да ја исполнат својата обврска за спречи геноцидот во Газа“.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година со напад на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.207 луѓе. Тогаш Хамас киднапираше 251 лице. Сега во Газа има вкупно 97 заложници, од кои 34 израелската армија ги прогласи за мртви.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Во израелската одмаздничка офанзива загинаа повеќе од 44.000 Палестинци во Газа, според локалните здравствени власти кои велат дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од загинатите. Израел соопшти дека убил над 17.000 милитанти без да обезбеди докази.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете