Достапни линкови

Енергетската криза: Скап увоз или рестрикции


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Владата денеска треба да прогласи кризна состојба во снабдувањето со енергетиката. Во услови на енергетска криза, експерти предупредуваат дека постојат две опции: да се купува струја по високи цени или да се воведат рестрикции.

Енергетската состојба во земјава е критична, а така е бидејќи се направени бројни пропусти во изминатиот период, вели професор Константин Димитров. Тој посочува дека надлежите требале навреме да преземат мерки, бидејќи енергетската криза во Европа се навестувала уште во април и мај, а според него, порблем е и „незнаењето“ при водењето на енергетскиот сектор.

„Пред четири години [власта] најавија дека треба да се отвори рудникот Живојно. Господинот Кочо Анѓушев тогаш рече дека прва задача ни е да го отвориме рудникот за да се обезбеди јаглен за нормално работење на РЕК Битола. Еве минаа четири години, една лопата таму не е фрлена“, вели Димитров.

Второ, вели Димитров, проблем е тоа што бил стопиран јавниот повик за изградба на двете хидроцентрали Чебрен и Галиште, а трето според него е нерализирањето на изградбата на трите гасни централи по 100 мегатави во тетовско, штипско и велешко, за кои веќе била подготвена студија.

„Јас би рекол дека ова е злосторничко здружување за уништување на енергетиката во Македонија за некој да може да ја купи за беспари како банкротирана, а народот ќе ги плаќа овие пари кои сега ќе се земат како кредити за енормната цена што се плаќа за земента струја“, вели Димитров.

Власта денеска треба да прогласи кризна состојба во снабдувањето со енергетиката.

Проблемот со недостигот на енергија во земјава е настанат со растот на цените на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја не се во можност да ги испочитуваат договорите потпишани со фирмите и институциите, кои од нив набавуваат струја на слободниот пазар.

Во таков случај, тие пријавуват дебаланс во МЕПСО којшто треба да го покрие недостатокот, но на тој начин МЕПСО троши од резервите. МЕПСО веќе има долг од најмалку 15 милиони евра за приклучување на европската енергетска мрежа, за што компанијата повеќе пати доби опомени, како што соопштија надлежните.

Од Владата за РСЕ пред неколку дена одговорија дека компаниите кои тргуваат со струја се виновни за оваа ситуација и тие ќе треба да го платат долгот на МЕПСО кон европската мрежа, но сепак Владата наведува дека постои можност и државата да им помогне на овие компании.

Во јавноста веќе има стравувања од рестрикции и зголемување на сметките за струја, но македонските власти уверуваат дека рестрикции нема да има, а дека сметките ќе останат исти до крајот на годината.

Министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела рече дека енергетската кризна состојба ќе ја прогласат поради големите ценовни шокови на берзите за струја и за да може Владата директно да вбризга средства во буџетот во ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност.

Во Уредбата за прогласување на кризна состојба се направени измени за да може да се префрлат средства за енергетските компании, вели Бектеши.

„Од Министерството за економија се обезбедени околу 100 милиони евра за да може да се интервенира во овие две компании за да може МЕПСО да ги покрие долговите кои ги има, а ЕСМ да обезбеди јаглен за производство на електрична енергија“, рече Бектеши.

Претходно периодов, АД ЕСМ распиша тендер за дополнителна набавка на јаглен за РЕК Битола за потребите на стопанството и институциите, наведувајќи дека тоа е потребо за да се зголеми домашното производство за фирмите и институциите да добијат струја поевтина од оние на берзите.

РЕК Битоа е еден од најголемите загадувачи на животната средина во земјава, но истовремено термоелектраната произведува до 70 проценти од потребите за струја.

Од АД ЕСМ посочија дека струја за домаќинствата има и дека компанијата во целост ги испорачува потребните количини на електрична енергија кон универзалниот снабдувач за домаќинствата ЕВН Хоум.

Но, во меѓуврме во РЕК Битола прво се случи пожар во трафостаницата на постројката, а потоа и дефект во Блокот 1 што доведе до привремено запирање на работата, а земјата потребите ги покрива преку увоз по неколкукратно повисоки цени.

„Ситуацијата со енергетиката е жална, критична, трагична... Еве сега купуваме струја ама до кога? Дека некој ни дава кредити за да можеме да купуваме“, вели Димитров додавајќи:

„Ако некој следел навреме и ако размислувал, а не мислел само тендери да прави за децата блиски до фирмата, ќе размислеле за ова“, вели Димитров.

Ситуацијата е „или – или“, вели Димиторв посочувајќи дека едната опција е државата да троши пари за да купи струја, а доколку нема пари, според него ќе има рестрикции.

„Нема трето. Ние сега нема да платиме веднаш. Но, во следните десет до 15 години кога треба да се враќаат долговите со затезни камати, ќе плаќате вие помладите“, вели Димитров.

Димитров вели дека треба да се надеваме дека за 24 до 48 часа часа ќе биде поправена пукнатата цевка во котелот на РЕК Битола, за 15 до 30 дена да се поправи трафостаницата и да се забрза ремонтот во Блокот 2, навреме да стигне увезениот јаглен, а истоврмено да не падне снег, камионите да можат да се движат низ Плетвар и навреме да го истоварат во термоелектранта.

Во меѓувреме, од АД ЕСМ соопштија дека работат на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и дека се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава. Во однос на пожарот кој пред два дена изби во Блок 3, АД ЕСМ соопшти дека оштетувањето на трансформаторот е од поголеми размери и дека одреден период нема да биде во можност да биде приклучен во производниот систем.

ТЕЦ Осломеј во моментот е во редовен сервис, велат од АД ЕСМ, а Струја се произведува во хидроцентралите, гасната електрана Енергетика - Скопје и ветерниот парк Богданци.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG