Достапни линкови

Јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски, 150 години од раѓањето“ во Национална галерија


Иконопис на Ѓорѓи Зографски
Иконопис на Ѓорѓи Зографски

Повеќе од 50 дела, икони и слики, од сите творечки фази на авторот ќе се најдат на јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓањето“, што од 3 до 26 ноември ќе се одржи во Национална галерија, објект Чифте амам, во Скопје.

Во Национална галерија уште еден исклучителен проект во поодамна започнатата низа што ја чинат на пример изложбата посветена на 150 годишнината од раѓањето на Димитар Андонов Папрадишки во 2010 година и потем „Македонско профано сликарство од XIX и почеток на XX век“, одржана три години подоцна.

Имено, од 3 до 26 ноември, во објектот Чифте амам во Скопје, ќе биде поставена јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓањето“. На неа публиката ќе има можност да види повеќе од 50 дела, икони и слики од сите творечки фази на авторот грижливо селектирани од колекциите на нашата национална установа, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св.Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино од Велес, семејството Зографски како и голем дел од приватни сопственици. Поставката како куратори ја потпишуваат Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.

Тие во своето обраќање до јавноста ќе забележат дека меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за прв пат кон крајот на 19. век го на прави историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.

Понатаму во текстот тие пишуваат: Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници.

На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство, главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки.

Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата не образованост тој ја надоместува преку контактите со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста. Ова е специфично и за неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина.

Портретот, како сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. Така „Портретот на Јаков Зографски“ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано бележаната и документирана таква творба. Емотивно мотивиран кон портретирање на својот татко, Зографски со посебно внимание го предава свенатото и уморено лице на татка си. Побелената коса, ситните очи и свенатите образи ја објективизираат оваа состојба.

Еден од првите портрети што Зографски го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“.Мошне грижливо и педантно е изведена пластичноста на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило. Целото внимание притоа Зографски го посветил на обработката на главата: мека коса, крупни очи, правилни веѓи и чисто лице.

Тој насликал уште педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на видни личности од Македонија и од Србија.

Згора неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.

Инаку, прелистувањето на биографијата на Ѓорѓи Зографски го вели следново.

Ѓорѓи потекнува од рензовско-зографскиот род од мијачкото село Тресонче, еден од најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство.

Се родил во село Папрадиште, Велешко, во 1871 година и е директен потомок на познатата зографска, резбарска и градителска фамилија на Дамјан Јанкулов (1770 – 1830). Неговиот татко Јаков бил мајстор градител, резбар и живописец. Од најраното детство младиот Ѓорѓија почнал да го придружува својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает.
Во 1884 година семејството на Зографски се сели во Велес. Во новата градска средина тогаш младиот зограф го доживеал првиот доста значаен период од својот живот. Имено, во 1887 година рускиот конзул Иван Јастребов познавајќи го неговото дотогашно творештво, му предложил школување во Русија. Уште истата година Зографски заминува за Москва каде останал цела една година.
Од 1907 година Зографски престојувал во Ниш каде отворил свое атеље и освен икони, сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија.
За време на Првата балканска војна Ѓорѓи Зографски живеел и работел во Велес. Барајќи можност за заработка, отворил фотографско студио во близина на Саат-кулата, во центарот на градот. По завршувањето на војната, поради големиот авторитет што го уживал помеѓу граѓаните, како ценет зограф, а пред сѐ како човек со демократски убедувања, бил избран за кмет на Велес.
Починал во декември 1945 година, на 74 годишна возраст.


  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG