Достапни линкови

Имагинарните отпечатоци на Наташа Андонова во Галеријата на МКЦ


Насловната страница на каталогот за изложбата „Помеѓу зборот и сонот“ на Наташа Андонова
Насловната страница на каталогот за изложбата „Помеѓу зборот и сонот“ на Наташа Андонова

„Помеѓу зборот и сонот“ е насловена монографската изложба на академската сликарка Наташа Андонова која во рамките на циклусот Калеидоскоп и програмата КреАрт, во организација на Музеј на град Скопје, од 5 април се одржува во изложбениот салон на Младински културен центар.

Нескротлив жар, посветеност и маестрално мајсторство, е експресијата која ве обзема кога пред вас се отвораат сликарските приказни исткаени во магичниот свет создаден ПОМЕЃУ ЗБОРОТ И СОНОТ од академската сликарка Наташа Андонова, при што, истовремено откривате и пасиониран вљубеник во детската фантазија, но, и вешт уметник илустратор подготвен да се соочи со детската психологија, преку безброј поставени прашања да се креира сликата за имагинарниот свет на бајките и приказните.

Ова ќе го забележи Јасминка Намичева, советник кустос од Музеј на град Скопје, во својот кураторски текст печатен во каталогот за изложбата „Помеѓу сонот и зборот“ на уметницата Наташа Андонова што од овој понеделник се одржува во Белата галерија на Младински културен центар во Скопје.

„Таквата вештина би била невозможна мисија за остварување ако и самиот уметник не ја поседува искрата да го негува детето во себе. И токму, отсликот на тоа дете во имагинарните отпечатоци кои Андонова ги создавала во текот на десетина години во рамките на најразлични илустраторски проекти, најчесто за детски приказни и бајки, создаваат своевиден микро космос, во кој, сиот колористичен талент на Наташа се размавтува, изнедрувајќи ликови обликувани во еден здив, со еден потег на четката, разлелеани за да оживеат чудесни шумски жители и вселенски суштества, аждери и принцези од преку седум планини и седум долини, снежни виулици од руските бајковити шуми, самовили и маѓепсници, волшебни дрвја и чудесни царства во кои владее единствено законот на фантазијата“, вели Намичева.

Таа и сопојаснување дека во текот на својата творечка дејност, Андонова ќе експериментира во изразот со повеќе сликарски техники, но цртежот во молив и акварелот ќе бидат оние со кои ќе достигне високи дострели, оформувајќи личен ракопис на врвен мајстор. Дека дијапазонот на уметничката личност на Наташа е доста широк, со нагласок на детските илустрации, секогаш со прецизен цртеж и рафиниран и топол колорит.

„Сеопфатно, независно дали се работи за класичен цртеж на хартија или дигитален цртеж, лексиката на сликарството на Андонова, е повеќеслојна и се одликува со континуитет и доследност, со сензибилитет кој е речиси секогаш лирски интониран. Сликарските вредности на илустрациите на Наташа, зрачат со својата оригиналност и свежина, со широки потези и слободни форми, топла и ведра панорама на тоналитети со поетичен карактер, дела кои со своето постоење имаат трајна вредност и ја збогатуваат нашата ликовна современост“, смета кураторката.

Но, која е Наташа Андонова?

Родена 1974 година во Скопје, таа дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство. Магистрирала во 2010 на истиот факултет и од 2002 година е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Како ученичка при Училиштето за применета уметност „2 Август“ била добитничка на награда „Ѓорѓи Зографски“ , а потем и добитник на Годишната награда на Факултетот за ликовни уметности.

Зад себе го има и студискиот престој во Париз, Франција во 2006 година, а делата досега ги има изложувано на девет самостојни и повеќе групни изложби во Македонија и надвор од земјата.

Автор е на костимографија за десетина театарски проекти и имала бројни ангажмани како асистент костимограф. Работела и на филмски проекти како костимограф, сториборд автор, асистент костимограф, аниматор, илустратор... а во последните години активно работи 2-Д анимација.

„Помеѓу зборот и сонот“ како десетта самостојна поставка доаѓа по две години од „Секунда пред будење“, одржана во организација на ДЛУМ во Домот на АРМ, и за неа Наташа Андонова знае да каже дека е продукт на нејзината љубопитност, на личната потреба постојано да трага по нови знаења, искуства и светогледи.

„Детето во нас никогаш не е доволно пораснато за да престане со љубопитност. Ние сме постојано во потрага по нови знаења, искуства и нови светогледи. Тоа значи дека растеме.Растеме низ игра, а фантазијата е горивото за растењето. Тука има препреки , грешки и паѓање, како и во бајките. Во бајките, прозата и поезијата суштинското добро е коренот на кој почива мотивот и доаѓањето до него е целта. Во потрага по тоа добро, чекорат храбрите јунаци-ликовите со атрибути на лојалност, доблест, љубов, љубопитност заедно со нивните опоненти во еден виор и вртлог на фабулата. Нивната авантура е наша авантура, се идентификуваме, осознаваме и највеќе од се - создаваме слики, визуелни отисоци кои се складираат во нашето помнење и се репродуцираат ненајдејно и спонтано кога ќе им се посака. Помеѓу зборот и сонот се простира сликата, ликот, атмосферата кои ги викаме илустрација“, вели Андонова.

Во авторското обраќање таа и со објаснување дека делата се, работени се последните три години. Истакнува дека темите се разликуваат и во нив „преокупациите се преместуваат од бајките кон научната фантастика“.

„Во илустрациите се чувствуваат одеци од некои романи, акумулирани и свежи сеќавања на раскази и песни. Интерпретација на текстот онака како што оставил отисок, со сета доживеана атмосфера, прочитан одамна и доживеан некогаш. Нагласување на спонтаноста како една од најважните одлики на креативниот израз, на моментот кога почнува да се одмотува клопчето на внатрешниот свет. Некаде се директни импресии од книги - “Засекогаш војна” од Џои Халдеман или сеќавања на “Алиса во Земјата на чудата” од Луис Керол, “Страшна Ноќ” од Славко Јаневски, Руски бајки или некогаш несвесно навраќање на омилената поезија или поема „Песна над Песните“ и „Дениција“ од Петре M. Андреевски. Некои од цртежите се работени како одеци без некоја конкретна тема, работени по метод на слободна асоци-јација на неинхибирано бележење на формите како што навираат од несвесното. Работени се како записи директно диктирани од потсвесните залихи на стравот и желбите со непредвидлив исход. Моделирани се и поврзани миговно и автоматски како ехо на некоја состојба во моментот на делување“, истакнува Андонова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG