За првпат на овие избори граѓаните ќе може да гласаат со истечена лична карта, а ќе се користат и читачи на отпечатоци. Вторпат се одржуваа избори во време на корона. Кампањата официјално започна на 27 септември, но партиите „ловот“ на гласови го започнаа многу порано, со промоции на терен и средби со граѓани, а и на социјалните мрежи постојано трае меѓусебното препукување и обвинување. ДИК го утврди редоследот на гласачките ливчиња, а партиите кои ќе учествуваат на изборите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. На овие избори имаме две меѓуетнички предизборни коалиции. Од едната страна е коалицијата на владејачките партии СДСМ, ДУИ, Беса и ДПА, а се окрупни и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ, склучи предизборна коалиција од партиите од албанскиот блок Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Изборна кампања
Деветнаесет дена на располагање за изборна кампања ќе имаат партиите и независните кандидати за првиот круг од претстојните локални избори. Изборната кампања за првиот круг од локалните избори, согласно Роковникот на Државната изборна комисија почнува на 27 септември во 00 часот и ќе трае до 15 октомври. Вториот круг ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.
Централниот настан на СДСМ за почеток на кампањата ќе биде во Битола, а завршниот настан ќе биде во Куманово на 15 октомври. ВМРО-ДПМНЕ традиционално почнува од Охрид, а ќе заврши во Штип. Кампањата за локалните избори ДУИ ќе ја почне и заврши во Гостивар. Беса стартува од Скопје, а својата кампања ќе ја заврши во Тетово. Во Тетово ќе заврши и кампањата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, а ќе почнат од Чаир.
На 16 октомври гласаат болните, немоќните, а на 17 октомври е денот на изборите. Јавниот увид во Избирачкиот список траеше од 21 до 9 септември. На 24 септември Избирачкиот список е заклучен, а треба да биде потпишан до 1 октомври.
Државната изборна комисијата (ДИК) информираше дека се потврдени 303 листи за градоначалници и 567 за советници за претстојните локални избори закажани за 17 октомври. На изборите ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани.
ДИК отфрли две листи за градоначалници, една во Охрид и една во Струга и на и шест за советници во Врапчиште, Ѓорче Петров, Зелениково, Кичево, Струга и Тетово.
Но, партиите не го почекаа официјалниот старт на изборната кампања, па веќе со месеци се на средби со граѓани, посетуваат населени места, функционери вршат увид во проекти и тоа го користат за промоција на кандидатите за градоначалници.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски неодамна во интервју за РСЕ рече дека партиите имаат право да ги презентираат кандидатите, но дека ДИК се додека не добие на хартија потврда кој е официјално кандидат за градоначалник не може да делуваат. Но по потврда на кандидатите а Комисијата разгледува дали има или нема прекршување на изборниот законик, но потсетува дека сега имаат многу работа и обврски кои мора да ги завршат.
Антикорупциска Комисија посочи на заобиколување на изборните правила со темпирани тендери и почнување на проекти од локалните власти, како и на поддршка на централната власта на градоначалниците кои ќе трчаат по уште еден мандат.
Кои теми ќе бидат главни во кампањата?
Платите и економските политики, криминалот и корупцијата, како и отворените прашања со Бугарија се дел од темите во фокусот на политичките партии во изминатиов период пред претстојните локални избори. Околу овие теми ќе се кршат копјата и во изборната кампања, а главно место ќе зазема пожарот во Тетово во кој во ковид болница изгореа 14 луѓе, и понудените и засега не прифатени оставки од здравствените власти и директорите на болницата, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети.
„Трагедијата во Тетово, не е директно поврзана со изборите, но е многу важна тема што треба да се расчисти и заслужува да се бара одговорност од сите тие што биле вклучени на кој било начин. Неизбежно е да се дискутира за тоа и не гледам зошто не треба да се дискутира, затоа што тоа е прашање што ќе има влијание и врз другите теми“, вели Мехмети.
За тоа пак, зошто на локални избори, локалните теми се помалку застапени, професор Никола Дујовски вели живееме во општество во кое во најголем дел сè зависи од претседателот на партијата.
„Локалните теми се најмалку застапени. Но, тоа е сосем разбирливо затоа што локалните теми ги знаат кандидатите за градоначалници кои предлагаат тоа што треба да се направи. Лидерите на политичките партии секогаш имаат пристап да зборуваат за големите стратешки прашања. Јас мислам дека граѓаните кај нас се уште не се доволно зрели да го изберат вистинскиот човек кој ќе биде „татко на општината“, туку гледаат од која политичка партија е. Обично дури и на локалните избори се гласа за политичката партија, а не за човекот кој е кандидат“, смета Дујовски.
Кодекс за фер и демократски избори
Претставници на политичките партии, кои учествуваат на изборите, го потпишаа Кодексот со кој се обврзаа на демократски изборен процес. Тие ставија потпис дека ќе ги почитуваат основните човекови права и слободи за да има транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Учесниците на изборите се обврзаа дека нема да вршат притисоци и закани врз вработените во администрацијата или во други институции и претпријатија финансирани од државата.
Гласање со истечена лична карта
Една од измените, според новиот Изборен законик, е дека граѓаните можат да гласаат со истечена лична карта, која им е истечена од денот на распишување до денот на одржување на изборите. Втората измена, е дека граѓаните ќе можат да гласаат со патни исправи, но важноста на патната исправа ќе се смета со рок на важност од 31 јули 2020 до 31 декември 2021 година. Третата измена се однесува на тоа граѓаните кои не се во Избирачкиот список, а ги исполнуваат условите да гласаат на денот на изборите по добивање решение од ДИК.
Летото настана проблем со издавање лични карти во земјава, оти системот на МВР претрпел измени и не можеше да се издаваат лични карти со старото име, а во Собранието е заглавен закон за употреба на новото уставно име на личните документи, па над 40 илјади граѓани останаа без важечки лични карти.
За првпат на овие избори ќе се користат читачи на отпечатоци од прст за време на изборите. Само претседателот на Избирачкиот одбор или неговиот заменик, ќе имаат посебни идентификациски смарт картички и единствено тие ќе бидат овластени за управување со уредот за биометриска идентификација на граѓаните. Првите терминали веќе пристигнаа во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.
Пратениците на распуст за време на кампањата
Пратениците не работеа ни еден месец по одморот во август, и сега пак одат на пауза. Од 27 септември, па во наредните 20 дена пратениците нема да работат. Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека за време на кампањата Парламентот нема да заседава за да не се искористи собраниската говорница за партиски предизборни пораки.
Пленарна седница во тие 20 дена би имало само ако се случи нешто итно, рече тој.
ДКСК- Службените возила паркирани, но во приватните си точат службено гориво
Според измените на Изборниот законик, функционерите не смеат да користат службени возила за партиски цели и за одење на настани. Но потпретседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Катица Николовска на јавна дебата предупреди дека дел од градоначалниците трошат средства од буџетот на општините за набавка на гориво, кое се точи во приватни возила, кои пак потоа се користат во функција на изборните активности.
Таа рече дека ДКСК ги следи сите дојави за точење гориво од општински пари во изборни цели, ги евидентира, нотира, и согласно надлежностите на Комисијата, ќе се оцени дали има потреба од отворање на предмет, постапување и соодветно санкционирање. Од ДКСК сметаат дека донекаде успеале да го решат проблемот со користење на службени возила за партиски активности, останува уште да се најде начин да се спречи користењето на горивото платено со општински пари а користено за приватни возила.
Интересни битки - кој против кого?
За осумдесете градоначалнички позиции плус градоначалник на Град Скопје, ќе се натпреваруваат вкупно 303 кандидати кои се предложени од коалиции, партии и од група избирачи. Според статистиката објавена на страницата на Државната изборна комисија од пријавените учесници за изборите 56,13 отсто се мажи, а 43, 87 отсто жени. Но за советничките листи има квоти за жени, но ни и за кандидатите за градоначалник, па така само околу 8 отсто од кандидатите за градоначалници се жени.
Дури 12 кандидати ќе се обидат да дојдат до градоначалничката позиција во Скопје. Меѓу нив се актуелниот градоначалник Петре Шилегов, две жени, музичари...
Куманово пак, се смета за бастион на СДСМ. Таму и во период кога речиси целосната централна и локална власт беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ во државата, градоначалникот беше од СДСМ. Сега е интересно што досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој ,исто така, беше од СДСМ се кандидира како независен по повеќе месечните несогласувања со раководството на владејачката партија.
Во Тетово ќе се води битка меѓу владини коалициски партнери, во Битола актуелниот министер за локална самоуправа Горан Милески се натпреварува за прв човек на градот. Овие избори ќе ги одбележат и рекордно високата заинтересираност на независните кандидати за градоначалници и советници.
Втори избори за време на корона
Како и за Парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од ковид-19 и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.
Локалните избори на 17 октомври 2021 година ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.