Тетово цело лето се соочува со несобрано ѓубре околу контејнерите, а најавите кои доаѓаат од политичките субјекти како да навестуваат кампања за локалните избори која ќе го опфати и справувањето со предизвиците од животната средина. Како и во другите градови, и тука има нова граѓанска иницијатива која ќе се бори за советнички места фокусирајќи се на екологијата во Тетово.
„За жал сите власти досега сите нивни енергии ги имаат во вработувањето на партиските милитанти за некако при-пејд да имаат што повеќе гласачко тело базирано врз клиентелизам. И ова се одразува на најнегативниот начин зашто нема ни капацитети ни инфраструктура ЈКП да се справи со сметот кој во последните години е зголемен поради новите начини на живот“, вели Нгадњим Мехмети од иницијативата Подобро за Тетово.
Владејачката ДУИ, чиј кадар е актуелната градоначалничка Теута Арифи, најави зелена агенда за подобра животна средина и квалитетен живот, вклучително и за Тетово. Валентин Тасески од ДОМ, партија која важи за „зелена“ и која е на централно ниво дел од власта, оценува дека кампањата може да биде насочена кон животната средина испреплетена со другите теми. Сепак, според него, нема да има реална промена во градот бидејќи луѓето се свесни за неуспехот на партиите да создадат подобро место за живеење со децении наназад.
„Јас се сомневам дека оние партиски политички конфигурации кои досега ја ставија на маргините животната средина дека сега ќе се отепааат од работа да ја поправат состојбата. Прво заради тоа што тоа не им е фокус, друго заради тоа што не ја знаат проблематиката во сржта и трето заради тоа сепак во позадина се плашам дека имаат лукративни мотиви“, вели Тасески.
Неповолната животна средина беше основа барем за нова демократско-политичка свест со појавата на граѓански иницијатива насекаде низ државата, смета Сретен Коцески од Институтот за развој на заедница.
„Тоа повеќе го сметам и во еден дел и како разочарување од политичките партии кои досега ги водеа општините без разлика која партија и каде, затоа што граѓаните сакаат квалитетен живот, сакаат чист воздух и инфраструктура и патишта. Но, во голем дел ако ги споредиме партиските платформи и програми на почеток пред да го добијат мандатот и на крај ќе видиме дека тие ветувања во најголем дел не се исполнети“, потенцира Коцески.
Нечист воздух, несоодветен третман на сметот, немање зелени површини се дел од еколошките теми со кои се соочува градот под Шара.