Достапни линкови

Вести

МЗ: 80 проценти од новите случаи со ковид се невакцинирани

Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, информира Министерството за здравство. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

„Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид-19, од кои 591 пациент или 87 проценти не биле вакцинирани, а само 87 или 12 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања“, се вели во соопштението од ресорното министерство.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и со „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација.

„Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, се посочува во соопштението.

Од Министерството појаснуваат дека за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

види ги сите денешни вести

Бајден најави нова помош од 2,5 милијарди долари за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска (30 декември) најави дополнителна безбедносна помош за Украина од 2,5 милијарди долари, додека ги користи последните недели на функцијата за да ја зголеми воената помош за Киев пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе власта.

„Соединетите Држави ќе продолжат немилосрдно да работат за да ја зајакнат позицијата на Украина во оваа војна во остатокот од мојот мандат на функцијата“, вели Бајден во изјавата.

Најавата на Бајден вклучува воена помош од 1,25 милијарди долари извлечена од залихите на САД и 1,22 милијарди американски долари од пакетот на Иницијативата за безбедносна помош за Украина (УСАИ), последниот пакет на УСАИ во времето на Бајден на функцијата.

Според УСАИ, воената опрема се набавува од одбранбената индустрија или партнери, наместо да се црпи од американски залихи, што значи дека може да бидат потребни месеци или години за да пристигне на бојното поле.

Руската инвазија на Украина трае речиси три години, а неодамна Русите ги користеа севернокорејските трупи за да ја зајакнат својата борбена позиција.

„Севернокорејските сили доживуваат масовни жртви на првите линии на руската војна против Украина, при што 1000 нивни војници се убиени или ранети само во последната недела во рускиот регион Курск“, изјави во петокот портпаролот на Белата куќа Џон Кирби за новинарите.

Во изјавата, Бајден рече дека новата помош ќе и обезбеди на Украина „непосреден прилив на капацитети што таа продолжува да ги користи со голем ефект на бојното поле и долгорочно снабдување со воздушна одбрана, артилерија и други критични системи за оружје“.

Речиси три години од почетокот на војната, Вашингтон обезбеди 175 милијарди долари вкупна помош за Украина, но неизвесно е дали помошта ќе продолжи со тоа темпо под раководство на Трамп, кој ќе го замени Бајден на 20 јануари. Трамп рече дека сака да ја доведе војната до брз крај. За време на кампањата за претседателските избори, Трамп го доведе во прашање нивото на вмешаност на САД во конфликтот, сугерирајќи дека европските сојузници треба да сносат поголем финансиски товар.

Како што јавува Ројтерс, некои од неговите колеги републиканци, кои ќе ги контролираат и Претставничкиот дом и Сенатот почнувајќи од следниот месец, исто така се спротиставиле да испратат поголема помош за Киев.

Бајден рече дека Министерството за одбрана е во процес на испорака на стотици илјади артилериски куршуми, илјадници ракети и стотици оклопни возила „што ќе и помогнат на Украина во пресрет на зимата“.

Таравари вели дека има пари за 1117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

Обезбедивме буџет за 1117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, а со почетокот на новата година ќе се објават конкурсите, се пофали денеска (30 декември) министерот за здравство Арбен Таравари, на брифинг со новинарите.

„Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја“, рече министерот.

Таравари вели дека еден од најголемите проекти што е започнат, е спојувањето на јавните установи од Комплексот клиники „Мајка Тереза" во нов правен субјект Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза" Скопје. Притоа додаде дека оваа иницијатива ќе обезбеди поефикасно управување и унапредување на здравствените услуги за сите граѓани.

Во врска со предизвиците во руралните подрачја, Таравари вели дека се планира воведување стимулативни мерки за привлекување здравствени работници да работат во овие средини.

Таравари информираше дека на полето на инфраструктурни инвестиции, се работи на модерни хируршки сали во ГОБ ,,8 Септември" и во Клиничка болница Тетово, потоа современ ургентен центар и педијатриски центар во Струмица, финализирање на проектот за болницата „Св. Еразмо" во Охрид со отворање во 2026 година, реконструкции на болниците во Велес, Гостивар, Прилеп, Демир Хисар, како и Центарот за цистична фиброза Козле.

„Наш приоритет остануваат КБ Штип и ОБ Кичево, за кои активно работиме на меѓувладин договор со заинтересираните страни. Во однос на легислативни промени, во пролет очекуваме усвојување на новиот закон за лекови, синхронизиран со европските стандарди, а до крајот на 2025 година финализација на законот за медицински средства“, рече министерот.

Здравствените власти посочија дека во соработка со Министерството за дигитална трансформација, интензивно се работело и на развивање конкретни решенија за модернизација на здравствениот систем, а до пролет очекуваат да има првични резултати и јасна насока за идната дигитализација.

Обвинителството бара притвор за четворица за шверц на возила и фалсификување исправи

Основно јавно обвинителство, Скопје
Основно јавно обвинителство, Скопје

Надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за четири лица, како и предлог за мерки за претпазливост за едно лице осомничени дека учествувале во дејствија криумчарење и фалсификување исправи и службени исправи.

Од Обвинителството информираат дека еден од нив не е достапен на органите на прогонот и за него притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Дополнително, за едно лице од осомничените во вчерашната акција веќе е распишана меѓународна потерница и по него се трага поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје.

„Уште четири лица, македонски државјани, исто така се опфатени со постапката, меѓутоа во моментов не се неопходни мерки за нивно обезбедување. Единаесеттиот осомничен, пак, е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција“, се наведува во соопштението од ОЈО.

Оттаму додаваат дека освен овие 11 осомничени, кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи опфаќа уште две лица, меѓутоа нивните дејствија се опфатени во постапката што претходно ја водеше ОЈО Скопје, па пријавите за нив ќе бидат отфрлени.

Осомничените текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и дел од нив по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.

Меѓу осомничените има и службени лица-вработени во управни служби за регистрација на возилата.

Германија планира да ги продолжи граничните контроли

илустрација
илустрација

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека планира да ги продолжи граничните контроли и по март 2025 година, наведувајќи го како причина за тоа, успехот во ограничувањето на нелегалната миграција и борбата против шверцот со луѓе.

Фезер рече дека контролите ќе бидат неопходни се додека Европската Унија значително не ја зајакне нејзината заштита на надворешните граници.

Германското Министерство за внатрешни работи одлучи да ги прошири граничните проверки на сите копнени граници на земјата во средината на септември за да ја ограничи нелегалната миграција.

Полицијата претходно привремено вршеше проверки долж границите на Германија со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија.

Проверките на копнените граници со Данска, Белгија, Холандија и Луксембург се нови.

Германија и сите нејзини соседи се членки на Шенген зоната, што нормално значи дека луѓето можат да ги преминуваат границите без никаква потреба од визи или проверки.

Шенгенските правила им дозволуваат на земјите повторно да ги воведат проверките на привремена основа. Германските гранични контроли се ограничени на шест месеци, но може да се обноват.

Контролите долж границата на Германија со Австрија, на пример, првпат беа воспоставени на привремена основа во 2015 година, но оттогаш се континуирани.

Според полициските податоци од ноември, во октомври биле откриени 6889 обиди за неовластено влегување. Од март до август, бројот бил помеѓу 7000 и 7800 секој месец, според Федералната полиција, а помал во јануари (6906) и февруари (5998).

СЗО побара прекин на израелските напади врз болниците во Појасот Газа

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска (30 декември) го повика Израел веднаш да ги прекине нападите врз болниците во Појасот Газа, откако во рок од само неколку дена беа извршени напади врз две болници во палестинската енклава.

Тедрос на платформата Х предупреди дека здравствениот систем во Појасот Газа повторно е под сериозна закана, повикувајќи го Израел да престане да ги напаѓа болниците бидејќи на Палестинците во енклавата им треба пристап до здравствена заштита.

Израелската војска соопшти дека цел на вчерашниот напад на болницата Ал Вафа во градот Газа биле милитанти на Хамас.

Нападот на болницата Ал-Вафаа се случи ден откако Израел ја заврши операцијата во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, напад за кој СЗО соопшти дека ги принудил пациентите и персоналот да ја напуштат зградата.

Израелската армија го уапси и директорот на оваа болница Хосам Абу Сафије, велејќи дека е осомничен дека е член на Хамас.

Од 6 октомври, Израел ги фокусира своите воени операции на северот на Газа, велејќи дека има за цел да го спречи Хамас да се прегрупира. Меѓутоа, израелската војска изврши воздушни напади и гранатирања и во други делови на палестинската енклава.

Поднесено обвинение против 13 луѓе за трагедијата во Нови Сад

Протести по несреќата на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица
Протести по несреќата на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ и поранешната директорка на Инфраструктура на железницата на Србија, Јелена Танасковиќ, за уривање на бетонската настрешница на влезот на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 луѓе.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека поднело обвинение против тие лица во врска со трагичниот настан од 1 ноември годинава .

Наведено е дека - меѓу обвинетите е и Ј.Т. (Јелена Танасковиќ) поранешен в.д генерален директор на „ Инфраструктура на железница на Србија “ , Г.В. (Горан Весиќ) поранешен министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, А.Д. (Анита Димовски) поранешен помошник министер во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура и Н.Ш. (Небојша Шурлан) поранешен генерален директор на „Инфраструктура на железница на Србија“.

Тие се товарат за сторено кривично дело Тешко дело против јавната безбедност од член 288 ст.2 од Кривичниот законик.

Обвинението, е поднесено по завршување на истражната фаза од кривичната постапка со издавање на Наредба за завршување на истрагата.

Обвинението е поднесено до Вишиот суд во Нови Сад, придружено со целата документација собрана во текот на предистражната и истражната постапка, како и сите други докази кои го поткрепуваат постоењето на основано сомнение за поднесување обвинение.

Обвинителството побара продолжување на притворот за оние кои веќе се во притвор, како и враќање во притвор на оние кои моментално се на слобода, вклучително и поранешниот министер Весиќ.

Во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, на лице место загинаа 14 лица, додека три беа тешко повредени. Подоцна почина уште еден од тројцата повредени.

Настрешницата се урна откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Се очекува пресуда за родителите на детето кое уби ученици и чувар во училиште во Белград

илустрација
илустрација

Суд во Белград денеска (30 декември) се очекува да ја соопшти пресудата против Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на детето кое на 3 мај 2023 година со пиштол усмрти девет ученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, и рани уште пет ученици и наставничка.

Судот ќе донесе првостепена пресуда на која одбраната и обвинителството ќе имаат право на жалба до Апелациски суд.

Судскиот процес од самиот почеток е затворен за јавноста, но пресудата ќе биде јавно објавена.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, побара судот да изрече максимална затворска казна. Тој во завршниот збор му предложи на судот Владимир Кецмановиќ да биде осуден на затворска казна од 14 години и 11 месеци за кривични дела - тешко дело против општата безбедност и запуштање и злоставување малолетно лице.

Тој предложи и единствена затворска казна од пет години и пет месеци за Миљана Кецмановиќ за сторени кривични дела-недозволено производство, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи и запуштање и злоставување малолетно лице.

Предложена е максимална казна затвор од три години за инструкторот за стрелање Немања Маринковиќ за кривично дело давање лажен исказ.

Стефановиќ смета дека за брачниот пар Кецмановиќ нема олеснителни околности, туку само отежнувачки бидејќи не изразиле ниту каење ниту емпатија за жртвите

Јужнокорејските истражители бараат налог за апсење на поранешниот претседател

LAOS-ASEAN-DIPLOMACY
LAOS-ASEAN-DIPLOMACY

Јужнокорејски тим задолжен за истрага на сменетиот претседател Јун Сук-Јол од функцијата со парламентарно отповикување, поради неговото прогласување воена состојба претходно овој месец, побара налог за негово апсење.

Јун не се појави на сослушување во полицијата и Одделот за истраги за корупција на високи функционери, кои спроведуваат заедничка истрага за тоа дали воената состојба прогласена на 3 декември може да се смета за бунт.

За првпат во историјата на Јужна Кореја е побаран налог за апсење на актуелен претседател на земјата. Судот мора да одлучи дали ќе издаде налог за апсење по барањето. Бунтот е едно од ретките злосторства за кои претседателот на Јужна Кореја нема имунитет.

Уставниот суд на Јужна Кореја моментално одлучува дали да го врати на функцијата Јун Сеок-Јол или трајно да го смени. Институцијата има рок од 180 дена да донесе одлука.

Во петокот судот го одржа првото подготвително рочиште, на кое беше одбиено барањето на адвокатите на Јун за одложување на судењето. Следното рочиште е закажано за 3 јануари.

Зеленски очекува САД да објават одлука за нова помош за Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека очекува САД денеска да објават одлука за нов пакет значителни количини воена помош за неговата држава.

„Знам дека се подготвува важна американска одлука за поддршка на Украина. Очекуваме официјално соопштение уште утре: значителни пакети поддршка за нашите војници, како за време на годините на војна за заштита на Украина“, рече Зеленски во видео порака, додавајќи:

„Колку е посеопфатно снабдувањето партнерите, толку повеќе животи на нашите млади луѓе ќе се спасат“.

Според него, продолжува работата на тоа да се обезбеди другите партнери на Украина да ја задржат поддршката на потребното ниво.

„Денеска разговарав со канадскиот премиер Џастин Трудо. Следната година почнува канадското претседавање со Г7 и важно е дефинитивно да се зајакне меѓународната соработка со цел заштита на нашите вредности и животот на нашиот народ“, рече Зеленски.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден деновиве побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година, Вашингтон одвои 175 милијарди долари помош за Украина.

Милановиќ и Приморац влегоа во вториот круг од претседателските избори во Хрватска

Претседателски избори во Хрватска
Претседателски избори во Хрватска

Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ и кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, влегоа во вториот круг од претседателските избори, кој ќе ќе се одржи на 12 јануари.

Милановиќ во првиот круг од претседателските избори на 29 декември освои 793.808 гласови или 49,11 отсто, а Приморац 313.124 или 19,37 отсто, покажуваат прелиминарните податоци на Државната изборна комисија.


Независниот кандидат Марија Селак Распудиќ освои 9,24 отсто, а Ивана Кекин од „Можеме“ 8,87 отсто.

Зад нив се независниот кандидат Томислав Јоњиќ со 5,07 отсто од гласовите, Миро Буљ од листата „Мост' со поддршка од 3,82 отсто, Бранка Лозо од партијата „Дом и Народно собрание“ со 2,41 отсто и Нико Токиќ Картело два со 0,88 отсто од гласовите.

Бројот на обработени избирачки места е 6.733 од вкупно 6.755.

До 19 часот на 29 декември беа отворени повеќе од 6.500 избирачки места во Хрватска и во 38 други земји каде право на глас имаа над 3,7 милиони гласачи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG