Почина петнаесетгодишно девојче со симптоми на ковид, соопшти на 1 септември Министерството за здравство. Пациентката починала на Инфективната клиника, откако претходно 13 дена имало симптоми на болеста. Пред да биде лекувана десет дека имала тегоби, соопштуваат од Министерството. Според кажувањата на нејзиниот татко и мајката на пациентката, таа починала од ковид.
Ова е најмладата жртва на ковид во овој бран. Во мај минатата година почина бебе, кое на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија. Тоа претходно се лекуваше на Детската клиника и имаше позитивен резултат на ковид-19.
Рекордери по број на починати од ковид
Македонија е на второ место во светот по смртни случаи по жител како последица на ковид-19 во изминатата недела. Според бројот на вкупно починати на милион жители од ковид-19 за време на пандемијата, пак, земјава се наоѓа на петтото место во светот, покажуваат податоците на Ворлдометар.
Во изминатите седум дена, во Македонија имало 101 починати од коронавирус на еден милион жители. Повеќе починати имала само Грузија со 130 починати од коронавирус на еден милион жители. Останатите земји што се пред Македонија не се држави туку територии, како Гвадалупе, Француска Полинезија, Аруба и Сент Мартен.
Од почетокот на пандемијата, со 2850 починати од коронавирус на милион жители, Македонија е на петтото место во светот. Поголема смртност имале само Перу, Унгарија, Босна и Херцеговина и Гибралтар, кој исто така не е држава.
За една недела 199 жртви на коронавирусот
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека од 23 до 29 август починале 199 луѓе од последици предизвикани од ковид-19. Најголем дел од починатите се од Скопје (46), Тетово (42), Гостивар (27), Кичево (12) и Куманово (11). Речиси 70 отсто од починатите се на возраст над 60 години.
Но меѓу починатите минатата недела имаше и луѓе на дваесетина години.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека мноштво од починатите имале претходни болести, дека луѓето долго се лекуваат дома и во болница доаѓаат доцна со лоши параметри и со ниска сатурација, односно ниско ниво на кислород во крвта.
Пановски - 44 отсто од хоспитализираните умираат
Година и пол се повторува истата приказна, вели епидемиологот доктор Никола Пановски. Луѓето од Куманово имаат претходни болести, а тие од Врање немаат, зар тоа е некој различен народ во однос на исхрана, обичаи, начин на живот, прашува докторот. Тој вели дека податоците досега покажуваат дека 44 отсто од хоспитализираните во Македонија умираат, додека тој процент во светот е во просек 17 проценти.
„Сега ако имаме 1000 хоспитализирани, 440 нема да се вратат дома, тоа е огромен процент и треба да се види што е причината. Второ, ако знаете дека смртноста е голема, треба и граѓаните и власта поодговорно да се однесуваат со мерките, бидејќи друго е да се разболите во друга земја, а друго е во Македонија каде кога ќе отидете во болница со една нога сте во гроб, тоа треба да го знаат и граѓаните за да се штитат што повеќе и да се вакцинираат“, вели доктор Пановски.
Доктор Пановски вели смртноста од овој бран на ковид-19 не е висока, освен во Македонија. Тоа се должи пред се на вакцинацијата и на тоа што земјите имаат протоколи, искуства и ги менуваат протоколите во зависност од новите научни докази. Затоа и имаат поголем успех во лекувањето, вели доктор Пановски.
„Прават анализа и како е почната пандемијата, ако ги гледате Италија, Шпанија, Германија, процентот на смртност кој бил пет отсто на почетокот од позитивните, сега е многу понизок, а сега со вакцината оди и многу пониско од 0,5 проценти. Кај нив се научи нешто за година и пол, кај нас очигледно не се научи ништо, бидејќи кај нас смртноста расте со секој нов бран. И додека одговорните велат граѓаните се криви, таа смртност секогаш ќе расте. Ако не ја барате причината, дали се тоа можеби многу лекови, дали премногу или премалку се дава кислород“, вели доктор Пановски.
Матичниот лекар Лиридон Диша вели дека високата смртност од ковид се должи на повеќе фактори. Според негово лично мислење во земјава постојат многу лекари, кои, за жал, како што вели не ги следат сите етички и професионални граници во нудењето медицински третман на позитивни од ковид.
„Со ваквите непрофесионални начини на „лекување“ тие им губат време на пациентите чија состојба се влошува, па потоа тие во терминален стадиум се префрлуваат во ковид-центрите. Ова е една јавна тајна, која, за жал, никој не сака да ја чуе“, вели доктор Диша.
Тој додава дека болеста не е шега, туку една од најзаразните и најспртосносни болести со кои се соочува човештвото, но како што вели лекарите ги исцрпеле сите можни методи како да ги убедат луѓето.
„Ако луѓето секојдневно слушаат и со свои очи гледаат како други луѓе умираат, навистина не знам како на друг начин можам да ги убедам. Сега мислам дека процесот на убедување е веќе минато. Треба да се сконцентрираме на што повисока бројка на вакцинирани луѓе, само тоа може да се спаси“, вели матичниот лекар Лиридон Диша.
Рекордот на починати од ковид-19 во четвртиот бран е регистриран на 31 август кога починале 37 луѓе, меѓу нив и 22-годишник. Во изминатата година и пол, колку што трае пандемијата, пак, рекордот на починати во едно деноноќие е 51 човек, регистриран на 7 април.
Досега од ковид починале и шест трудници и 31 здравствен работник
Во земјава како последица на ковид починале повеќе мажи, отколку жени, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје. Над 70 отсто од починатите, за кои има податоци, имале претходни болести, како болести на срцето, дијабет и белодробни болести. Регистрирани се шест смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Најголем дел од смртните случаи, над 94 отсто, починале во болница, а другите починале дома.
Во ковид центрите во Скопје и низ државата хоспитализирани се над 1100 луѓе, а речиси 850 од нив се на кислородна поддршка.
Министерот Филипче ги демантираше вестите дека пациентите не се лекуваат по протокол. Тој вели дека никаде во светот нема унифициран пристап за лекување за ковид, туку има препораки во зависност од тежината на клиничката слика на пациентот. Во секој ковид-центар има експерт специјалист, или пулмолог или интернист од областа на пулмологијата или инфектолог, и тие работат по истите препораки, вели министерот за здравство.
Минатата недела меѓу починатите од ковид беше 24 годишник, кој на свое барање бил испишан од болница, иако бил запознаен со сериозноста на болеста и му било кажано дека треба да остане на болничко лекување. Ден откако ја напуштил болницата повторно го донеле, но во потешка состојба, по што починал и покрај дадената терапија.
„Од оваа болест ние и претходно видовме помлади починати лица. И тоа е навистина една страшна клиничка слика со страшни оштетувања на белите дробови, што најверојатно потекнува од тромбози на ниво на најмалите крвни садови на белите дробови што е во клиничката слика на оваа болест“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додава дека болничко лекување им е достапно на сите што имаат потреба во кое било време.
Доктор Пановски вели дека повеќето од болниците кои сега се ковид-центри никогаш не работеле со тешко болни пациенти.
„Во последните 40 години сите се препраќаат пред сè во Скопје или во Штип и Битола. Значи го немаат искуството и одеднаш им се случи, особено во вториот, третиот и сега овој бран да имаат многу пациенти. Тоа е едно, второ е дека ниту матичните лекари немаат протоколи, даваат лекови во огромен број, не се чека да се следи ситуацијата, туку се дава ѓоа превентивно, што не постои, има многу фактори“, вели доктор Пановски.
Здравствените власти повторуваат дека вакцинацијата е клучна во борба со ковидот, оти податоците покажуваат дека далеку поголем е бројот на заболени и починати лица кои не се вакцинирани.