Достапни линкови

Ковид 19 ги напаѓа младите - Тетово и Струга со најмногу починати во последните 24 часа


Во изминатите 24 часа во земјава се евидентирани 1.166 нови случаи заразени со ковид-19 од направени 6.458 тестирања. Пријавени се 29 починати лица од кои 6 починати лица од Тетово, 5 починати лица од Струга, велат од министерството за здравство.

Најмладата жртва на ковид-19 е 21 годишно момче од Тетово кое десетина дена во болница се борело со компликациите од инфекцијата предизвикана од коронавирусот. Во изминатите 24 часа тој е шестата жртва од Тетово. Во изминативе 24 часа пријавени се 29 починати лица од кои 6 починати лица од Тетово, 5 починати лица од Струга, 4 лица од Скопје, по 3 лица од Гостивар, Куманово и Струмица, по едно починато лице од Кичево , Битола , Велес , Македонска Каменица и Пехчево.

Докторот Гзим Нуредини од тетовската болница вели дека најмладата жртва на ковид-19 дваесет и едногодишното момче било примено во болница со тешка клиничка слика и без претходно познати хронични болести. Лекарскиот тим кој го лекувал се сомнева дека причината за смртта на младото момче е одреден синдром.

„Ова е нешто многу сериозно да ви почине дете младо без коморбидитети, но лекарите што го прегледале се сомневаат за одреден синдром, но за тоа треба генетски тестирања, не реагирал на терапија. Давале терапија, а одело на полошо, бил лекуван и во Тетово и од Скопје лекари дошле, да не се сомневаат и граѓаните“, изјави д-р Нуредини.

Тој додава дека момчето било лекувано по сите медицински протоколи, во консулатација со лекари од скопската инфективна клиника, но бил резистентен на антивиралната терапија.

„Беше примен во многу тешка општа состојба, по консултација со Инфективна клиника во Скопје, родителите одбија да го носиме. Посетен беше од доктори од Скопје, ден пред да почине и дента кога почина. Бил на цела антивирална терапија по најновите протоколи за лекување, за жал беше резистентен на терапијата. По официјални анамнестички податоци што ги имаме, се работи за лице без никакви коморбидитети,“ вели д-р Нуредини.

Во тетовската болницата се лекуваат 123 пациенти со ковид 19, а 188-те абмулантски прегледи за едно деноноќие укажуваат дека состојбата не се смирува. Нуредини вели дека голем број на заразени се и млади лица, па затоа апелира на поголема одговорност.

„Во Тетово има многу млади заразени – да не мислат дека е од клима, настинка, треба да се тестираат. Или ако не се тестираат нека се изолираат. Оти не дај Боже да ги фати сега и младите, градот е полн со млади луѓе“, вели тој.

Тетово е еден од градовите најжестоко погодени од новиот бран на коронавирус. Состојбата не е подобра ниту во Гостивар. Притисокот најмногу се чувствува во најголемата здравствена установа, општата болница „Ферид Мурад“. Таму веќе се врши реорганизација на одделенијата и се прават дополнителни приклучоци за доток на кислород, неопходен за лекување на пациентите. Во моментов во гостиварската болница се лекуваат над сто пациенти, од кои повеќето на кислородна поддршка.

Според последните бројки од министерството за здравство,најголем број на активни случаи на заразени со ковид-19 се евидентирани во 4451, потоа во Тетово каде што има 2030 активни случаи на заразени со ковид-19 и Гостивар кој брои активни 1548 случаи.

Во Полошкиот Регион има 2424 лица на кои им е издадено решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Вчера од СВР Тетово соопштија дека во Тетово вкупно 1386 имаат решенија за изолација а во Гостиварско вкупниот број изнесува 1086.

Од Министерство за здравство велат дека ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.

„Недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки“ се вели во соопштението. Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени“, се наведува во соопштението.

Министерството за здравство ги повикува младите да се вакцинираат

Од ресорното министерство посочуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG