Дваесет и пет кандидати за градоначалници кои ќе настапат независно на претстојните локални избори ги собрале потребните потписи до законскиот рок, кој истече синоќа, соопшти Државна изборна комисија. Меѓу нив од позвучните имиња се и независните кандидати кои ќе се вклучат во трката за градоначалник на Град Скопје, како Ана Петровска од „Зелен хуман град“, претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска и Максим Димитриевски актуелниот градоначалник на Куманово, кој овој пат не ја доби поддршката од СДСМ за изборите.
Но, најмногу независни кандидати, според листата на ДИК, нема да има во Град Скопје, туку во трката за градоначалник за општина Чучер Сандево и Македонска Каменица. За двете општини има по тројца независни кандидати кои собрале потписи. Потоа по еден независен кандидат има за Росоман, Македонски брод, Кратово, Охрид, Прилеп, Радовиш, Свети Николе, Брвеница, Илинден, Битола, како и Врапчиште, Лозово, Гевгелија, Пехчево и Богданци. Според ДИК, 12 кандидати за градоначалници не ги собрале потребните потписи.
Потребните потписи за листи на кандидати за членови на совет на општините собрале 57 групи избирачи. Меѓу нив е и листата на „Шанса за Центар“ на Јана Белчева Андреевска со кандидати за членови на совет на општина Центар. Белчева Андреевска беше советник во општината од редовите на СДСМ. На листата има и група избирачи предводени од Невена Горгиевска со листа на кандидати за членови на совет на општина Карпош. Потписи не успеале да соберат 13 групи избирачи.
„Појавувањето на независни листи може да ги помати сметките на поголемите партии во советничките листи, но тешко за градоначалник, бидејќи таму е мнозински модел. Тоа значи дека во основа, градоначалниците сепак очекувам да бидат од поголемите партии, но ќе се бара поширок консензус во рамки на советите за тековното работење на општините“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ претходно соопшти дека ќе и даде поддршка на независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека во едно демократско општество кога има поголема конкуренција ќе има и подобар квалитет на кадри. Во секој случај, според него, независните кандидати би го разбиле монополот кој го имаат политичките партии.
„Во зависност од структурата на тие што ќе ги формираат тие листи евентуално може да имаат успех. Не верувам дека не може да постигнат да имаат советници. Сепак ова се локални избори и бројот на гласови да се влезе во советници е многу помал отколку бројот на гласови на пример за парламентарни избори и за независни пратеници“, вели Муслиу.
ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива соопштија пред некој ден дека постигнале договор за соработка на изборите. Претходно СДСМ најави партнерството со БЕСА, ДПА и ДУИ.
Листите на останатите кандидати треба да се поднесат заклучно со 11 септември до 24 часот. Локалните избори се закажани за 17 октомври. Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб-страница, а ОИК во сите население места ќе ги огласи утврдените листи на кандидати за градоначалници и за советници. Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври. Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите започна на 21 август и ќе трае до 9 септември.
Ова ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија. Досега на локалните избори имало независни кандидатски листи кои успеале да освојат советнички места.