Достапни линкови

Со апарати за отпечаток на прст за поголема сигурност на изборите


Даштевски: Цел тим, a не еден инженер ќе се грижи за ИТ безбедноста на ДИК
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:17 0:00

Даштевски: Цел тим, a не еден инженер ќе се грижи за ИТ безбедноста на ДИК

Терминали за отечаток на прст се користат во 50 држави, пред се од третиот свет, вели Александар Даштевски, претседател на ДИК во интервју за РСЕ. Земјава е дел од НАТО, се стреми кон ЕУ и не може да си дозволи експерименти, како гласање за неколку секунди, како на претходни избори, вели тој.

Господине Даштевски во однос на здравствените протоколи за гласање, какви мерки ќе бидат преземени, како ќе изгледа гласањето?

Прво и најважно е, сите луѓе, кој сака, секако тоа е доброволно, да бидат вакцинирани. Сега се прават списоци кој сака да се вакцинира заради лична безбедност, но и поради безбедност на гласачите, да се заврши таа работа и другите протоколи сите што важат општо ќе бидат запазени. Значи добивме гаранција дека ќе ни бидат обезбедени маски, побаравме средства за дезинфекција, ќе се почитува два метри дистанца, избирачките одбори ќе водат сметка да не се прави гужва на избирачкото место. Сите протоколи што важат сега ќе бидат применети, меѓутоа ќе бидеме во чекор со сите промени што ќе бидат донесени.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски неодамна изјави дека новите фингерптин машини што ќе бидат донесени во земјава се чекор кон демократија. Што мислите Вие лично колку е чекор кон демократија да им се проверува отпечаток од прст на гласачите за време на изборите? Примери каде што се користат вакви машини има во Ерменија, Бразил, Авганистан...

Во светот има 50 држави каде што се користат вакви машини, меѓутоа секако тоа се држави каде што треба да има. Имавме најсвеж пример од референдумот каде утврдените резултати ни укажуваат дека имало гласање за 7, за 9 секунди итн., значи сите тие недостатоци ќе се отстранат и сметам дека ќе имаме подобар фидбек, подобар осврт на работите како навистина стојат. Тоа би требало да биде така бидејќи ние нели се стремиме кон НАТО и ЕУ, не треба да си дозволиме такви експерименти да правиме, да гласаме за неколку секунди. Од друга страна тоа влева поголема сигурност на изборите доколку реално се почитуваат тие гласања, а ако не се почитуваат вметнато е во законот дека на тие места каде што не се почитува законот гласањето може да се поништи.

Дел од НАТО сме, се стремиме кон ЕУ, а користиме методи од држави во Азија, Африка и Јужна Америка

Така е. За да дојдете до демократијата мора да постои некој начин за тоа. Цела Западна Европа воведува електронско гласање кои би било уште поскапо, а ние за ова велевме дека е скапо, а сепак е ризично за држави во кои демократијата не е на високо ниво. Ова е прв чекор и најважен, ние мора од нешто да почнеме. Ние почнуваме од тоа, тоа е безбедно, за разлика од електронското гласање. Во Бугарија, на пример, после вторите избори, тие спроведоа електронско гласање, и рекоа дека апсолутно не било добро изведено, дека апаратите се расипувале, се штелувале, дека немало доволно принтери да се проверат резултатите, а Бугарија е земја членка на ЕУ. За да не се доведеме до таква состојба треба да почнеме со овој чекор, па понатаму да ја развиваме демократијата на уште повисоко ниво доколку се создадат услови за тоа.

Какви мерки се преземени за заштита на личните податоци коишто ги добивте од МВР за употреба на овие апарати за проверка на отпечаток, ако се земе предвиде дека на минатите избори Државната изборна комисија беше мета на хакерски напади?

За овие податоци посебно се преземени специјални мерки. Ние донесовме ИТ стратегија, која ја правиме чекор по чекор. Почнавме од веб страната, ако сте ја отвориле ќе видите дека сега е многу поубава, подобра, нова веб страна која е заштитена од хакерски напади и такви работи. Преземавме многу мерки за заштита на податоците на граѓаните, што е строго доверливо. Податоците што ни ги дава МВР се криптирани и никој не може да ги декриптира, тие ќе се декриптираат на денот на полнење, ќе се наполнат во терминалите, во тие апарати и ќе бидат заштитени таму, ќе бидат криптирани дополнително и таа услуга ја купуваме дополнително и таа е најскапа услуга бидејќи најскапо чини криптирањето. Затоа и се случуваат хакерски напади на секаде, ако нема доволно средства за купување на таква заштита, криптирање, тогаш ќе ги пробијат. Што се однесува до овие апарати, тие ќе бидат офлајн, нема да работат на интернет, така што нема да може да бидат напаѓани. И серверот со кој ќе се полнат и празнат ќе биде офлајн, нема да биде вклучен на интернет, бидејќи податоците се кај нас, ќе се преземат на тој сервер и ќе бидат криптирани.

Колку ИТ техничари ќе се грижат за безбедноста на податоците од МВР што ги имате во ваша сопственост во моментот? На минатите избори за тоа беше задолжен само еден ИТ техничар.

Сега е друго. Имаме еден тим, се вика таск форс, единица со задачи, составен од главните министерство што се компетентни за тоа, како што е МВР, Министерство за информатичко општество и администрација и други институции. Минатиот пат се грижел еден инженер, меѓутоа тогаш се работеше само за една апликација за податоците за излезноста во текот на денот и првичните неофицијални податоци , која не била доволно заштитена. Тоа, да кажеме, 10 отсто од целокупната работа, една апликација. Сега ќе се грижи цел тим, имаме земено повеќе ИТ инженери кои ќе се грижат за сите други работи и имаме еден тим кој ќе се грижи само за овие апарати за отпечатоци на прсти, бидејќи тие се поупатени во таа област и сметаме дека овој пат ќе биде нешто сосема друго, не можам да кажам ништо однапред, но се надевам дека сè ќе помина во најдобар ред.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG