Достапни линкови

Дендиас задоволен, а за Османи спроведувањето на Преспанскиот договор е жив процес


Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас вели дека е задоволен од имплементацијата на Преспанскиот договор во земјава. Неговиот домаќин Бујар Османи пак, рече дека кај локалните грчки власти нема ентузијазам за менување на сообраќајните знаци

Задоволство од динамиката на реализација на Преспанскиот договор изразија шефовите на македонската и грчката дипломатија Бујар Османи и Никос Дендиас по денешната средба во Скопје. Денешните разговори велат тие, ги потврдиле заедничкото пријателство, поддршка и меѓусебна соработка во многу области.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас порача дека Владата на грчкиот премиер Мицотакис ќе соработува со македонската влада за остварување на заедничките цели и се заблагодари за промените кои од македонска страна биле направени во делот на имплементацијата на договорот од Преспа. Тој ја поздрави најновата промена на името на Археолошкиот музеј на Македонија во Археолошки музеј на Северна Македонија и промената на улицата на која се наоѓа МНР од „Филип Македонски“ во „Стив Наумов“.

„Ние во Грција имаме едно мото а тоа е дека добрите сметки ги прават добрите пријатели, бидејќи добра вера и добрата волја за имплементација на договорот се основа за поддршка и влез на вашата земја во ЕУ. Би сакал да го изразам моето задоволство од чекорите кои неодамна беа преземени, како што е отстранувањето на таблата на зградата во која се наоѓаме, која беше поставена во други времиња и наречена „Филип Македонски“. Друг позитивен чекор е промената на името на Археолошкиот музеј и промената на таблите на граничните премини. Имплементацијата е една бирократска работа за која и по 2, 5 години гледаме дека треба временска рамка за целосна имплементација“, рече Дендиас.

Во делот на тоа колку Македонија е задоволна од спроведувањето на обврските од Договорот од грчка страна, министерот Бујар Османи рече дека Грција ги исполнила двете суштински обврски, а тоа се поддршката за членството во НАТО и поддршката за членството во Европската Унија, додека како што рече прашањата на меморандумите се прашања на секторската соработка.

Во делот на обврските кои се однесуваат на промена сообраќајните знаци во Грција тој рече дека објаснувањето е дека локалните власти нема ентузијазам за промена на истите, но дека добил уверување дека наскоро ќе се реши и ова прашање.

„Имплементацијата на Преспанскиот договор не е чин од еден акт туку тоа е жив процес во кој најважно е дали се има политичка волја. Тоа што денеска го констатиравме е дека силно веруваме во тој договор и во перспективата на нашето пријателство и стратешко партнерство“, рече Османи.

Инаку меморандумите од 2019 година, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на воздушниот простор, се уште не се ратификувани од грчка страна.

Македонската страна, пак, ги замени знаците на кои пишуваше Република Македонија, на спомениците на кои се претставени херои кои како што е наведено во Договорот „ упатуваат на античката елинска историја и цивилизација“ постави табли со појаснувања, пристапи кон остранување на симболот со сонцето од Вергина, како што се предвидува во истиот текст. Од неодамна во земјава се издаваат и личните карти и пасошите со уставното име на државата.

Во однос на обврските на Грција се предвидува таа да не приговара на барањата за членство или членството на земјава под името Република Северна Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членуваат.

Обврска, пак, која брзо ја завршија двете страни е подигнување на канцелариите за врски во Скопје и Атина, кои беа на тоа ниво од независноста на земјава поради спорот за името, во амбасади.

Грчкиот министер за надворешни работи денеска ја повтори и поддршката која Грција и ја дава на Северна Македонија во однос на нејзиниот пат кон Европската Унија.

„Избравте да учествувате во Европската Унија. Ви советувам овој ваш избор да продолжите да го негувате бидејќи тој е во најдобар интерес на вашиот народ и веруваме дека ќе успеете наскоро да бидете дел од Унијата кога ќе бидат исполнети соодветните услови и ќе помогнеме на секој можен начин, и Вам и на вашата влада“, му порача Дендиас на неговиот домаќин.

На состанокот ,меѓу другото, станало збор и за продлабочување на економската соработка, како и за меѓуграничниот железнички транспорт, а се зборувало за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога. Двајцата колеги разговарале и за можна потенцијална хуманитарна криза по напливот на мигранти од Авганистан, при што било договорено заедничка соработка и комуникација на сите нивоа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG