Достапни линкови

Реакции за најавените санкции на САД за непочитување на Договорот од Преспа


Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска излегоа со реакции откако претседателот на САД Џо Бајден го прошири опсегот на санкции за поединци и организации од земјите на Западен Балкан што ги загрозуваат мирот и стабилноста на регионот и не почитуваат спогодби како што е Договорот од Преспа.

Секоја суверена држава има право да ја заштити својата национална безбедност и демократија на начин на кој смета дека е потребно, изјавија претставници на ВМРО-ДПМНЕ во однос на предвидените санкции на САД за непочитувањето на Преспанскиот договор. Владејачката СДСМ ја поздрави одлуката на Бајден и наведе дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму е против Договорот од Преспа.

Реакциите доаѓаат откако Соединетите држави соопштија дека ќе ја ажурираат својата политика, а американскиот претседател Џо Бајден прошири два долгогодишни декрета поврзани со Западен Балкан.

Белата куќа соопшти дека извршната наредба обезбедува дополнителни санкции против поединци или субјекти кои им се закануваат на мирот и стабилноста во регионот и ги поткопуваат демократските процеси или се занимаваат со сериозни кршења на човековите права и корупција.

Претседателскиот декрет го додава Договорот од Преспа за решавање на спорот меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година, како и договорите со кои се стави крај на конфликтот во Босна и Херцеговина.

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски вели дека членството во НАТО, заштитата на националниот идентитет и членството во ЕУ се стратешки приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние ја почитуваме и ќе ја почитуваме волјата на граѓаните“, изјави Муцунски.

Од друга страна, владејачката СДСМ ја обвини опозициската партија дека е антизападна и дека е против државните интереси. ВМРО-ДПМНЕ е против членството во НАТО и ЕУ и против стратешките интереси, се вели во соопштението на СДСМ.

„Со оваа одлука се проширува опфатот на санкциите и врз оние лица или ентитети што ги загрозуваат Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор“, соопшти пратеникот на СДСМ Миле Талевски.

Антонио Милошоски - претседател на собраниската Комисија за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека во изминатиов период земјава имала искуство со вакви санкции, но дека личностите кои биле на црната листа на САД сега се коалициски партнери на премиерот Зоран Заев.

„Кога веќе се предвидени санкции за корупција би било добро САД да се позанимаваат со фамилијата на власт во земјава“, вели Милошоски.

Инаку, декретот за санкции на 26 јуни 2001 година прво го донесе тогашниот претседател на САД Џорџ Буш и оттогаш санкциите редовно се продолжуваат.

Санкциите вклучуваат забрана за влез во САД и замрзнување на имотот и финансиите во Соединетите држави. На граѓаните на САД им е забрането да учествуваат во трансакции со лица на списокот со санкции.

Имиња на санкционирани лица и организации не се споменуваат во соопштението на Белата куќа, издадено на 8 јуни.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG