Достапни линкови

Договорот од Преспа во проширените санкции на САД за Западен Балкан


Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден го прошири опсегот на санкции за поединци и организации од земјите на Западен Балкан, што ги загрозуваат мирот и стабилноста на регионот. Во декретот е додаден и Договорот од Преспа.

Соединетите држави ја „модернизираат“ својата политика за санкции кон Западен Балкан со натамошно насочување кон корупцијата, кршењето на човековите права и актите што ја загрозуваат демократијата во регионот, соопшти Стејт Департментот.

„Соединетите држави препознаваат дека корупцијата ја загрозува економската рамноправност, глобалните напори против сиромаштијата и развојот и самата демократија“, наведува државниот секретар Ентони Блинкен во соопштението.


Заев – Брнз: Политиките на дијалог отвораат перспективи

Ажурираната политика дојде во форма на извршна наредба од претседателот Џо Бајден, проширувајќи ги двата долгогодишни декрета поврзани со Западен Балкан.

Белата куќа соопшти дека извршната наредба обезбедува дополнителни санкции против поединци или субјекти кои им се закануваат на мирот и стабилноста во регионот, ги поткопуваат демократските процеси или се занимаваат со сериозни кршења на човековите права и корупција.

Според новата политика, американските власти исто така ќе имаат можност за санкционирање на актери кои кршат или го попречуваат спроведувањето на регионалните договори и Меѓународниот механизам за кривични трибунали, наследник на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.

Претседателскиот декрет го додава Договорот од Преспа за решавање на спорот меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година, како и договорите со кои се стави крај на конфликтот во Босна и Херцеговина.

Декретот за санкции на 26 јуни 2001 година прво го донесе тогашниот претседател на САД Џорџ Буш и оттогаш санкциите редовно се продолжуваат.

Сервер: ЕУ неразумно ги одложи преговорите со С. Македонија и Албанија

Валидноста на декретот беше продолжена од претходните американски претседатели, а неименуван претставник на Белата куќа за Гласот на Америка изјави дека новиот указ потпишан од Бајден „експлицитно појаснува дека Албанија е дел од Западен Балкан“.

Санкциите вклучуваат забрана за влез во САД и замрзнување на имотот и финансиите во Соединетите држави. На граѓаните на САД им е забрането да учествуваат во трансакции со лица на списокот со санкции.

Имиња на санкционирани лица и организации не се споменуваат во соопштението на Белата куќа, издадено на 8 јуни.

Изјавата ја нагласува долгогодишната посветеност на САД за спроведување на повоени договори и зајакнување на институциите основани по распадот на поранешна Југославија.


„Обезбедувањето на безбедноста и политичката стабилност на Западен Балкан е во согласност со заложбите на администрацијата на Бајден за унапредување на основните интереси на американската национална безбедност, вклучително и заштита на демократските институции. Администрацијата ќе продолжи да ги решава предизвиците на Западен Балкан“, се вели во соопштението во кое се додава дека затоа САД се посветени на промовирање на отчетност и борба против неказнивоста на оние кои се вклучени во значителна корупција во Западен Балкан и низ целиот свет.

Белата куќа понатаму објасни дека корупцијата го нарушува економскиот раст, го олеснува организираниот криминал и ја поткопува довербата во демократските процеси.

Палмер: Евро-атлантските интеграции значат подобра иднина за БиХ

„Ова им ги отвора вратите на нашите стратешки противници да ја поткопаат демократијата, да го запрат напредокот кон ефикасно и одговорно управување и да спречат регионот на Западен Балкан да постигне целосна интеграција во трансатлантските институции. Тие им овозможуваат на поединците да ја искористат слабата владеење на правото и да профитираат од системската корупција на штета на обичните граѓани. Со тоа тие претставуваат закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите држави“, се заклучува во извештајот.

Министерството за финансии, како што се наведува, во консултации со Стејт департментот, ќе продолжи со ажурирање на списокот на лица кои се под санкции, во согласност со указот на Бајден, кој беше донесен на 8 јуни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG