За само една година во време на пандемија кога поголемиот дел од администрацијата не работеше и не се реализираа сите предвидени проекти, вкупниот долг пораснал за 6,4 милиони евра повеќе од лани. Само во првиот квартал од годинава вкупниот доспеан а не платен долг на сите 80 општини изнесува 62,3 милиони евра, покажуваат податоците на министерството за финансии. Ако во овие бројки се додадат и долговите на јавните претпријатија кои се под капа на општините во вредност од 52,4 милиони евра, тогаш вкупниот долг на локалната власт во првиот квартал од годинава изнесува 114,7 милиони евра.
Дополнително ако на оваа сума се додадат и заемите кои се активни, а доспеваат за две години општинскиот долг расте за нови 6,7 милиони евра. Лани заклучно со декември вкупниот долг на општините и јавните претпријатија изнесувал 108, 3 милиони евра. Државниот ревизор утврдил дека минатата година вкупно 11 општини биле со блокирани сметки поради неплатени долгови.
Лидер на ранг листата на најзадолжени општини и годинава е Тетово со вкупно 11,3 милиони евра заклучно со март годинава. Веднаш по неа е Охрид со 7 милиони евра. На трето место е скопската општина Карпош со долг од 4,9 милиони евра. Веднаш зад неа е Гостивар со 4 милиони евра и Делчево и Струга со по 3 милиони евра доспеани а не платени долгови. Овие општини го сочинуваат половина од вкупниот долга на локалните власти. Овие општини влегуваат во ранг листата на 20-ти најголеми должници од вкупно 1200.
Во нив не спаѓаат долговите на јавните претпријатија кои се под нивна капа. Од нив најголем должник е кумановското претпријатие за Водовод со речиси 8 милиони евра долг. По него е скопското претпријатие за Водовод со долг од 5,6 милиони евра. Третото место го делат тетовското комунално претпријатие со 4,7 милиони евра и кумановското Чистота и зеленило со 4,3 милиони евра.
Долговите на општините меѓу статистиката и тврдењата на опозицијата
Професорот Борче Треновски вели дека од почетокот на фискалната децентрализација дел од општините имаат проблем со управување со парите.
„ Не е тајна дека скоро половина од општините се уште се зависни од централната власт, на пример руралните власти зависат околу 75 проценти од трансфери од централната власт, потоа, кај урбаните општини тоа е околу 60 проценти додека кај Град Скопје и скопските општини оддржуваат некое понезависно ниво“, вели професорот Треновски.
Од основниот буџет на Владата преку дотации до општините влегуваат годишно 10,6 проценти од вкупните расходи односно 350 милиони евра. Тие пари се наменети за финансирање на надлежностите на општините од областа на културата, социјалната заштита и заштита на децата, образованието и здравствената заштита, преку конкретни програми.
Владата на последната седница донесе одлука со која парите од програмата ТАВ кои изнесуваат вкупно 50 милиони евра, а беа услов за добивање на концесија на скопскиот аеродром ќе бидат распределени кај 36 општини кои аплицирале за инфраструктурни зафати од непосреден интерес на граѓаните од опфатените општини со овој пакет.
„Реализацијата на ТАВ Програмата, со која се предвидени 94 проекти во целата земја, во вредност 49,7 милиони евра, проекти кои се за реални потреби на граѓаните, го покажува токму тоа. Пред само две недели, ги доделивме првите 23 договори за реализација на инфраструктурни проекти во вредност од 609,9 милиони денари или 9,9 милиони евра, а денес ќе бидат доделени дополнителни 36 договори за чија реализација се издвоени 1 милијарда и 76 илјади денари или 17,5 милиони евра,“изјави минатата недела вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Според она што го објави Владата, овие пари се доделени за проекти за водоснабдување и проекти за изградба и рехабилитација на улици и локални патишта.
Една од општините кои аплицирале за проекти е најзадолжената општина Тетово која ќе добие пари за уредување на речни корита. Во оваа општина клучен проблем секое лето е водоснабдувањето. Потоа на листата на добитните на пари е и Гостивар за реконструкција на општинската болница. Според најавите на министерството за здравство, досега за реконструкција на хируршкиот оддел изнесувал 244 илјади евра, додека во тек се реконструкција на детското и интерното одделение.
Владата лани од буџетот им додели на Општината Куманово 113 илјади евра помош за реконструкција на спортски комплекс „Соколана“ и на општината Арачиново еднократна помош во износ од речиси половина милион евра, иако општината не наплаќа данок на имот и комунални такси.
На пример лани за речиси 15 милиони евра се задолжиле три општини кај домашните банки за инфраструктурни проекти покажува годишниот извештај за управување со јавениот долг на министерството за финансии. Според овој извештај Град Скопје, Ново Село и Кавадарци земале кредит од Комерцијална банка за спроведување на проекти во текот на минатата година.
Ревизор - финансиска нестабилност
Финансиската нестабилност на единиците на локалната самоуправа е главниот проблем кој го нотирал државниот ревизор при чешлање на ланскиот буџет.
Државниот ревизор утврдил дека 36 општини од вкупно 80 општини и Градот Скопје, реализирале приходи над 70% од планираните, а 33 општини реализирале од 50% до 70% од планираните приходи, додека 12 општини реализирале до 50% од планираните приходи. Ревизорот смета дека ваквата состојба наметнува потреба градските власти пореално да ги планираат парите.
„Од извршениот увид во доставената документација од Министерството за финансии утврдивме дека во декември 2020 година, од вкупно 81 општина, 11 општините се со блокирана сметка“ се вели во ревизорскиот извештај.
За ваквата состојба ,според документите на Министерството за финансии, ниту еден градоначалник не ја исполнил законската обврска после блокирање на сметката да донесе одлука за прогласување на финансиска нестабилност и за истото да ги извести Советот на општината, МФ, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.
„Ваквата состојба овозможува општините да генерираат нови обврски по разни основи, да започнуваат нови капитални проекти, што може да влијае на влошување на нивната ликвидност и на целокупната финансиска состојба во иднина, а со тоа и можност за дополнителна потреба од издвојување на средства од Буџетот на РСМ како финансиска поддршка на истите, што ќе значи дополнително оптеретување на Буџетот на РСМ“ се вели во ревизорскиот извештај.
Професорот Треновски вели дека мора да се примени делот од законот за финансиска нестабилност и да се санкционираат.
„Со цел да можат општините кои се во наоѓаат во таква состојба да се дисциплинираат и да им се помогне да се стават во ред, да не им се повтори ова, “вели Треновски.
Ревизорот утврдил дека министерството за финансии не си ја врши доволно својата работа, односно не извршил надзор врз работата на општините за проверка на причините на финансиката нестабилност. Истиот проблем е откриен и кај Финансиската инспекција во јавниот сектор, организациски поставена како сектор во Министерството за финансии, нема извршено инспекциски надзор по наведениот основ. Ревизорот бара да се воспостави надзор и контрола во делот на финансиската нестабилност кај единицата на локална самоуправа.