Кина на 1 јули ја одбележа 100-годишнината на нејзината владејачка Комунистичка партија со најава за нејзиниот подем на светската сцена, славејќи го растечкото влијание во странство, заедно со економските и политичките победи на домашен терен.
Си Џинпинг: Преродбата на Кина е историски неповратен процес
Стоејќи пред Портата на небесниот мир над портретот на Мао Це Тунг, кинескиот претседател Си Џинпинг одржа говор пред огромната толпа на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, каде што тој ја пофали партијата за извлекување на земјата од сиромаштија и вети дека ќе ги прошири кинеското воено и политички влијание, наведувајќи дека ерата на кинеското малтретирање „исчезна засекогаш“.
„Ние нема да прифатиме свето проповедање од оние што сметаат дека имаат право да ни држат предавања“, рече Си, додавајќи: „Никогаш не малтретиравме, угнетувавме или потчинувавме луѓе од која било друга земја и никогаш нема да го правиме тоа. Затоа, ние никогаш нема да дозволиме некој да ја малтретира, угнетува или потчинува Кина. Секој што ќе се обиде ќе удри во челичен ѕид од 1,4 милијарди луѓе“.
Огнената реторика, која беше исполнета со громогласен аплауз, доаѓа во време на растечки кинески национализам, што се совпаѓа со тоа што Пекинг презема поактивна и истакната улога во светските работи. „Меѓународното влијание и привлечноста на Кинеската комунистичка партија постојано се зголемуваат“, им рече на новинарите Гуо Јежу, заменик-шефот на одделот за надворешни врски на партијата.
Кина забележа огромни подобрувања во животниот стандард во последните 40 години, придружени со зголемено меѓународно финансиско и политичко влијание.
Сепак, како што забележуваат аналитичарите, додека многу земји имаат корист од подемот на Кина, Пекинг исто така е под критики за уништување на демократијата и човековите права во земјите над кои има економско влијание.
Тие велат дека овој тренд го нагласува зголемениот контраст помеѓу угледот на Кинеската комунистичка партија дома и тоа како се гледа во странство.
„Во кинеската дипломатија, домашната политика е секогаш на врвот, а начинот на кој се однесуваше Пекинг во последните неколку години е насочен кон таа домашна публика“, изјави за РСЕ, Питер Мартин, автор на книгата „Кинеската цивилна армија: Изработка на дипломатијата на волкот“, додавајќи:
„Многу влади се загрижени дека Кина ќе се обиде да го шири својот модел низ целиот свет, така што на меѓународно ниво постои поголема загриженост од кинеската Комунистичка партија отколку што имало од 70-тите години на минатиот век“.
Вртење на грбот
Бидејќи поголем дел од светот се справува со пандемијата на ковид-19, која наводно потекнува од централна Кина, Пекинг ги почна да ги покажува своите геополитички мускули.
Кина ги повика САД да ја повлечат забраната за инвестирање
Истражувањето спроведено на 30 јуни во 17 земји во развој во Северна Америка, Европа и Азија од страна на Центарот за истражување Пју, покажа дека повеќето земји ја гледаат Кина во неповолно светло.
Во текот на минатата година, Кина имаше трговски спор со Австралија, воен судир со Индија долж нивната заедничка граница и ефикасно ја презеде контролата над делови од спорното Јужно Кинеско море.
Политиката на Кина во нејзината западна провинција Ксинџијанг, каде што во логори има над милион Ујгури, Казахстанци и други муслимански малцинства, исто така ги наруши нејзините односи со многу земји.
Додека односите на Пекинг со владите на Централна Азија остануваат силни, растат негативни ставови за Кина кај локалното население. Владата на Соединетите држави и неколку западни парламенти во меѓувреме ги означија акциите на Кина во Ксинџијанг како геноцид.
Санкциите на Европската унија околу Ксинџијанг доведоа до блокирање на масовниот договор за инвестиции во мај меѓу Брисел и Пекинг.
Кинеската дипломатија „Воин волк“, која го зеде своето име од националистичката кинеска филмска франшиза, исто така, ги измеша пердувите во многу западни земји и доведе до дипломатски разлики низ цела Европа.
Кинеските инвестиции може да дојдат и со политичка цена
Наводите за „вакцинална дипломатија“, во кои Пекинг донираше и продаваше вакцини против ковид-19, исто така, го истрасираа патот за проширување на кинеското влијание и за тргување со вакцини за политички услуги.
Вакви обвиненија изнесоа западните дипломати, тврдејќи дека Пекинг извршил притисок врз Украина да ја повлече поддршката за поголема меѓународна осуда за Ксинџијанг, заканувајќи се дека ќе ги задржи пратките со вакцини.
Кинеските власти ги отфрлија обвинувањата. „Нема да видиме повторна калибрација во кинеската дипломатија. Пекинг не покажува знаци на омекнување на пристапот за кое било прашање, од еколошките политики до Ксинџијанг“, вели Мартин.
Следејќи го кинескиот пораст
„И покрај новите меѓународни тешкотии на Кина, Пекинг сè уште успешно го проширува влијанието низ поголем дел од светот“, вели Надиж Ролан, постар соработник во Националното биро за азиски истражувања и поранешен советник за кинески прашања на француското Министерство за одбрана.
„Светот во развој е огромна област каде што Кина всушност се повеќе се залага за проширување на сопственото влијание и тоа покажува резултати“, рече таа за РСЕ.
Пекинг ги прошири дипломатските врски низ Африка, Евроазија и Латинска Америка во последните неколку години, склучувајќи зделки за технологија и инфраструктура под маската на својата иницијатива Појас и пат.
Може ли Запад да осмисли алтернатива на кинескиот „Појас и пат“?
„Почнуваме да сме сведоци на транзиција која е многу поактивна каде Кина се обидува да ги обликува владините системи на земјите. Сè уште не се спроведува, но гледаме како се ставаат градежните блокови за иднината“, вели Ролан.
Си и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за нивното растечко партнерство за време на теле-конференцијата на 28 јуни, на која двајцата лидери го продолжија Кинеско-рускиот договор за добрососедство и пријателска соработка за уште пет години.
Во Србија, која е клучен центар за растечкото присуство на Пекинг на Балканот, кинеските технологии се основа во надзорните камери, а проектот „Паметен град“, кој вклучува собирање, складирање и управување со податоци е во тек во Белград и се планира за Нови Сад.
Кинеските компании исто така започнаа да обезбедуваат технологија за надзор и препознавање на лице во Централна Азија, каде што безбедносните служби на Казахстан, Киргистан и Узбекистан имаат склучено договори во последните неколку години.
Системите се продаваат официјално како мониторинг на сообраќајот, но употребата на технологијата предизвикува етички прашања за човековите права. Освен тоа, Кина прави упади во образованието.
Три српски универзитети потпишаа договор за соработка со универзитетот Џао Тонг, со што се отвораат вратите за подлабоки долгорочни културни врски.
Планираниот универзитетски проект во Будимпешта со универзитетот Фудан во Шангај се најде на удар во Унгарија поради употреба на средствата на даночните обврзници, но кампусот би значел важна пресвртница како прв кинески универзитет во ЕУ.
„Ова е следниот чекор на ширењето на моќта на Кина, која се искачи на ново ниво. Пекинг сака другите земји да станат подложни на принципите и вредностите на нивниот систем“, заклучува Ролан.