Достапни линкови

Како Кина стана изборна тема во Унгарија


Протести против планираниот кампус на кинескиот универзитет Фудан во Будимпешта, Унгарија, 5 јуни 2021 година
Протести против планираниот кампус на кинескиот универзитет Фудан во Будимпешта, Унгарија, 5 јуни 2021 година

Контроверзниот проект на Кинескиот универзитет во Будимпешта станува политичко прашање во Унгарија и ги става договорите на премиерот Виктор Орбан со Пекинг во центарот на вниманието пред парламентарните избори во 2022 година. Рид Стандиш и Балинт Салај

Во центарот на контроверзноста се плановите на владата за изградба на кампус од 1,8 милијарди долари на шангајскиот универзитет Фудан во Будимпешта. Документите што протекоа покажуваат дека владата ќе земе заем од 1,5 милијарди долари од кинеска банка за да покрие поголем дел од трошоците и да ги искористи кинеските компании за реализација на проектот до 2024 година.

Плановите им дадоа енергија на разни унгарски опозициски партии кои планираат да изберат еден кандидат против Орбан следната година, како и на политичката платформа на противниците на премиерот, бидејќи внимателно ги испитуваат блиските врски на неговата влада со Пекинг.

По серијата медиумски истражувања за плановите за кампусот, градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи - кој се спротивставува на планот и размислува да биде опозициски кандидат против Орбан - објави дека улиците каде што треба да се гради проектот ќе бидат преименувани во Слободен Хонг Конг, Далај Лама и Ујгурски маченици за да се потенцираат чувствителните прашања од досието на Кина за човековите права.

Потоа следуваа протести во Будимпешта на 5 јуни, кога илјадници луѓе излегоа на улиците, демонстрирајќи против плановите за универзитетот, кој треба да се гради на местото каде што претходно беше планиран студентски дом за унгарските студенти.

Унгарскиот парламент и покрај протестите го одобри предлогот да се донира државно земјиште за изградба на универзитетот. Анкетите покажуваат дека проектот за кинески кампус е непопуларен меѓу гласачите.

Дебата во ЕУ за слобода на медиумите во Полска, Унгарија и Словенија

„Владата сака да нè оптовари со долг над 1,5 милијарди долари поради Универзитетот Фудан, кој ќе земе пари од џебовите на секој Унгарец, бидејќи тој долг ќе мора да го отплаќаат нашите деца, па дури и нашите внуци“, рече Карачоњи за РСЕ.

Шефот на кабинетот на Орбан, Гергели Ѓуљаш, веднаш по потестот изкјави дека конечната одлука сè уште не е донесена и дека плановите за кампусот ќе бидат „подготвени за јавна дебата“ до 2023 година. Орбан на 10 јуни потврди дека ова прашање ќе биде ставено на референдум.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан присуствува на церемонијата на потпишување договор заедно со кинескиот премиер Ли Кечијанг, Пекинг, 25 април 2019 година.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан присуствува на церемонијата на потпишување договор заедно со кинескиот премиер Ли Кечијанг, Пекинг, 25 април 2019 година.

„Стана политичко прашање и треба да одлучуваме за тоа кој начин е најприфатлив за сите“, рече Орбан. Промените во ставовите најавуваат долга и напната политичка пресметка додека Унгарија се подготвува за парламентарните избори во 2022 година.

Опозициските партии конечно се здружија против партијата Фидес на Орбан, а премиерот се соочи со првите неизвесни избори по три последователни убедливи победи од 2010 година. Опозицијата се израмни со Фидес во анкетите, а како цели на кампањата ги избра блиските врски на Орбан со Кина и плановите за Универзитетот Фудан.

Референдум во Унгарија за кинескиот универзитет

„Референдумот треба да биде национален. Треба да се однесува на кинескиот долг. Ние не протестиравме против кинескиот народ, туку против подмолната продажба на унгарскиот суверенитет“, рече Карачоњи.

Кинеските врски во фокусот

Според аналитичарите и анкетите, прашањата од надворешната политика генерално не привлекуваат поголеми внимание кај населението, но унгарската опозиција се надева дека односот на Орбан спрема Пекинг и деталите за проектот на Универзитетот Фудан можат да се искористат за формулирање на пошироки прашања во врска со владата.

„Самата Кина е многу ограничен потенцијал како тема. Но, тоа може да се зголеми затоа што ова прашање предизвикува поширока загриженост за транспарентноста и корупцијата што е во срцето на сегашната влада“, изјави за РСЕ Габор Тока, виш истражувач на Централноевропскиот универзитет.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа преку видео конференција од неговиот кабинет во Будимпешта на 9 февруари 2021.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа преку видео конференција од неговиот кабинет во Будимпешта на 9 февруари 2021.

На 27 април, Унгарија потпиша стратешки договор со Универзитетот Фудан, според кој кампусот во Будимпешта ќе биде отворен за три години. Тоа би бил првиот кинески универзитет во Европската унија и прва филијала во странство на престижно високо училиште со седиште во Шангај што, според унгарската влада, ќе ги подигне стандардите за високо образование во земјата.

Проектот, сепак, брзо предизвика контроверзии и стана непопуларен меѓу гласачите. Според истражувањето на Институтот Републикон, околу две третини од Унгарците не ја поддржуваат изградбата на универзитетот. Анкетата исто така покажа дека една третина од гласачите на Орбан не се согласуваат со проектот. „Договорот со Фудан е многу лош договор и тешко е да му се продаде на народот“, вели Тока, кој ги следи анкетите за изборите во Унгарија.

Амнести Интернешнл: Владите ја користат пандемијата за кратење на човековите права

Документите добиени од „Директ36“, унгарски портал за истражувачко новинарство, на почетокот на април покажаа дека владата ќе земе голем и нетранспарентен заем од кинеска банка.

Одделна истрага на Директ36 покажа дека плановите за кампусот датираат од 2019 година, кога кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји им рече на унгарските политичари дека Универзитетот во Будимпешта е „главниот приоритет на Пекинг“.

Унгарија изгради блиски врски со Кина, кои се проширија откако Орбан се врати на власт во 2010 година и започна политика на „источно отворање“ за блиски односи со Пекинг и Москва со цел да привлече инвестиции и економски можности по светската економска криза. Оттогаш, Орбан градеше односи со другите „нелиберални“ влади, додека постојано се судираше со Европската унија, ограничувајќи ја независноста на судството и медиумите.

Будимпешта исто така ги налути сојузниците, блокирајќи ги критиките на ЕУ за односот на Кина кон човековите права, а во април кинескиот претседател Си Џинпинг му се заблагодари на Орбан за „зачувувањето на целокупните кинеско-европски односи“. Кинеските инвестиции во Унгарија остануваат на ниско ниво, но врските на Орбан со Пекинг доведоа до други истакнати проекти.

Во 2020 година, Унгарија зеде 20-годишен заем од 1,9 милијарди долари од Пекинг за изградба на железничка линија помеѓу Будимпешта и Белград. Сепак, проектот е контроверзен во Унгарија и низ целиот регион поради доцнењата и немањето транспарентност.

Во април 2020 година, унгарскиот парламент гласаше да ѝ се дадат на владата вонредни овластувања во борбата против пандемијата на ковид-19, но исто така гласаше за да се чуваат во тајност сите детали за проектот за железница

Подготовки за 2022 година

И покрај реакцијата против плановите за кампусот на Универзитетот во Фудан, аналитичарите велат дека на опозицијата ќе ѝ биде тешко политички да ги балансира нападите врз врските со Кина. Додека анкетите покажуваат дека повеќето Унгарци имаат негативен став кон Кина, лидерите на опозицијата се обидуваат дискусијата да ја темелат врз унгарската внатрешна политика.

Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи
Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи

Карачоњи објави дека тој и другите опозициски фигури планираат да испратат писмо до Џинпинг во кое се наведува дека ако победат на изборите, плановите за универзитетот Фудан во Будимпешта ќе бидат откажани.

Сепак, градоначалникот се обидува да го стави ова прашање во контекст на пад на демократијата и недостаток на транспарентност под владата на Орбан, наместо конкретно да го нападне Пекинг.

„Иако сме различни светови кога станува збор за човековите права навистина не сакаме елитниот кинески факултет да се гради на штета на унгарските даночни обврзници“, вели Карачоњи.

Од повлекувањето и објавувањето на референдумот, владата на Орбан се обидува да го одбрани својот став и да ја одложи негативната реакција на одлуката за по изборите следната година.

Иако не е утврден датум и не е јасно дали тоа ќе биде национална или само градска декларација, изјавата на Ѓуљаш укажува на тоа дека референдумот ќе се одржи кога ќе бидат завршени плановите за кампусот, што, според соработникот на Орбан, не ќе бидат подготвени пред 2023 година.

„Откажувањето на плановите би било премногу понижувачко за Кина. Орбан не може да дозволи Кина да биде толку понижена“, изјави за РСЕ Филип Ле Кор, експерт за Кина и Европа во Карнеги институтот за меѓународен мир.

Орбан, исто така, се чини дека привлекува внимание и за други прашања што ги интересираат гласачите, како што е миграцијата, што според анкетите, останува најголема грижа за повеќето гласачи.

За време на радио интервјуто на 11 јуни, премиерот Орбан рече дека со зауздувањето на пандемијата, миграцијата повторно ќе биде главно прашање, предупредувајќи дека „легии мигранти тропаат на скоро сите европски врати“.

„Луѓето имаат многу причини да бидат против оваа влада, но тоа нема да биде поради Кина. Владата на Орбан е добро подмачкана машина и го прави својот ПР паметно. Тие знаат како да ја испратат својата порака“, заклучува Тока.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG