Достапни линкови

Земјава очекува туристи од регионот, Македонците кај што не се бара ПЦР тест


Илустрација: Охридско Езеро
Илустрација: Охридско Езеро

Македонија ќе нуди бесплатни ПЦР тестови за коронавирус за привлекување странски туристи и ваучери за домашните. Туристичките работници велат дека сезоната во голема мера ќе зависи од темпото на вакцинација и стивнувањето на епидемијата.

Ваучери за домашни и бесплатни ПЦР тестови за коронавирус за странските туристи може да ѝ помогнат на оваа туристичка сезона. Најмногу се очекуваат домашни и гости од регионот, а ако пандемијата стивне и вакцинацијата се интензивира, во поголем број може да дојдат и гости од Холандија и од Полска.

Туристичките работници велат дека доаѓањето на гости од ЕУ е неизвесно, особено што сè уште не се знае дали матичните држави ќе им бараат задолжителен карантин на тие што патувале надвор од Унијата и дали Македонија ќе биде дел од тие земји за кои ќе се бара карантин.

Македонските граѓани, пак, најголем интерес имаат за Албанија и Грција, како и за земјите од регионот во кои нема да се бара ПЦР тест. За влез во Грција ќе биде потребен негативен тест, потврда за прележаност на ковид-19 или потврда за вакцинација. Албанија од 20 април воведе задолжителен карантин за влез од Македонија, на 5 мај го укина. Црна Гора и Турција не бараат никаков услов за македонски туристи.

Претседателот на Туристичко – угостителската комора Владимир Граматиков вели дека ако владата повторно даде ваучери за туризам може да има поголем број домашни туристи, исто како лани. Тој се надева дека владината најава за бесплатни ПЦР тестови за странски туристи може да вроди со плод и да привлече повеќе странци во земјава, но ништо со сигурност не може да се прогнозира зашто ситуацијата се менува од ден во ден.

„Доколку државата ги имплементира оние ваучери за туризам се надеваме дека ќе имаме домашен туризам и добар дел од луѓето ќе останат во Македонија, но сите оние коишто се вакцинирани и имаат можност да патуваат надвор, секако дека ќе отидат во Грција или во Албанија. Главно би оделе во Грција затоа што голем дел имаат ваучери од туристичките агенции и ќе си ги искористат ваучерите од минатата година коишто ги уплатија пред ковидот. Оваа година многу спектакуларни најави нема, има од Полска, има од Израел, има од Холандија некакви најави, ама дали ќе се остварат ќе видиме. Голема пречка за туристите коишто доаѓаат овде е после или карантинот којшто треба да го поминат во својата матична земја, или да вадат дополнителен ПЦР тест на влез во своите земји“, вели Граматиков.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во наредните денови ќе го објават јавниот повик за туристички ваучери, но за разлика од лани кога се доделуваа автоматски, сега заинтересираните граѓани со ниски примања ќе треба да аплицираат. Владата, пак, најави дека како дел од шестиот пакет мерки за помош на стопанството ќе обезбеди 50 илјади бесплатни ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсте Блажески вели дека има договори со странски тур-оператори, но се чека на подобрување на ситуацијата со пандемијата во земјава.

„Мислам дека сме на добар пат. Имаме ветување дека оваа недела ќе се започне со вакцинација на персоналот во целиот овој сектор и се надеваме дека во текот на мај секторот ќе се вакцинира и ќе имаме понуда на една побезбедна дестинација и тоа чекаат да го чујат партнерите од странство за да може да сметаат барем од почетокот на јуни да летаа авионите и тоа ќе биде показател за останатите странци дека Македонија е безбедна дестинација“, вели Блажески.

Тој посочува дека има попусти за гости од Србија како знак на благодарност за вакцинирањето на македонските граѓани.

Според него, годинава повторно најмногубројни ќе бидат домашните туристи, иако за разлика од лани, дел од македонските граѓани ќе летуваат во соседството.

Оваа година се очекува да биде подобра од минатата, кога туризмот доживеа огромен пад, но враќањето на нивоата од преткризните години ќе почека.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристи лани во однос на 2019 година се намалил за 60 отсто. Намалувањето на бројот на домашни туристи било околу 18 отсто, додека бројот на странски гости се намалил за скоро 85 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG