Достапни линкови

Грција постила ќилим за добредојде на туристите


плажа на полуостровот Халкидики, Грција
плажа на полуостровот Халкидики, Грција

Грција веќе почна да мести лежалки и чадори на плажите подготвувајќи се во мај повторно да им се отвори на туристите и да ја воскресне туристичката индустријата која, поради пандемијата на коронавирусот, лани ја претрпе една од најлошите години во последните неколку децении.

„Сè што ви треба е Грција“, изјави министерот за туризам Хари Теохарис во минатата недела во обраќањето од музејот во Акропол, во кој се сместени скулптури од грчката антика. Туристичкиот сектор сочинува околу една петтина од грчката економија.

Откако програмите за вакцинирање против ковид-19 почнаа во светот, Грција се потпира врз своите оценки во справувањето со пандемијата за да ги привлече странските туристи назад на нејзините острови.

Во Грција продолжен карантинот за уште една недела, училиштата затворени до 29 март

Тука и се повиците до Европа да донесе заеднички дигитален пасош што ќе покажува дали некој е вакциниран за да му се дозволи патување во текот на летото. Теохарис рече дека Грција ќе биде отворена за посетителите, како и да е.

„Луѓето кои се вакцинирани, имаат негативен тест или се опоравиле од болеста и имаат антитела се добредојдени во Грција и ние ќе ги пречекаме без оглед на какви било договори“, изјави Теохарис за Ројтерс.

Во 2020 година, најлошата година за глобалниот туризам според Светската туристичка организација на ОН, само 7,4 милиони луѓе патувале во Грција, што е помалку од кога било во текот на нејзината децениска економска криза и помалку од рекордните 31,3 милиони во 2019 година.

„Ќе имаме подобра година“

Приходите во 2020 година паднаа на 4 милијарди евра од 18 милијарди во 2019 година, а економијата стагнираше за повеќе од 8%, додавајќи притисок врз буџетот што веќе распукнува под еден од најтешките должнички товари во светот. Бројот на британски и германски туристи е намален за 70%, односно 62%.

„Ќе имаме подобра година од минатата“, рече Теохарис. „Ова не се гледа сега затоа што резервациите се депресивни ... има многу песимизам на пазарот, но сигурен сум дека на крајот мојата пресметка ќе биде точна“.

Грција, со околу 11 милиони жители, има над 7.000 смртни случаи од ковид-19 и повторно е во блокада откако напливот на нови случаи го стисна здравствениот систем зафатен од економската криза.

Теохарис ги оцени критиките дека туризмот ги зголемил новите инфекции во минатата година како „разбирливи ... но целосно неосновани“. „Вториот бран што ја зафати цела Европа приближно на крајот на октомври, почетокот на ноември, дојде во Грција точно во исто време, можеби дури и неколку недели подоцна“, рече тој.

Жителите на неколку грчки острови се вакцинирани и Грција планира да ги вакцинира сите туристички работници до летото. „Оние што не се вакцинирани ќе бидат тестирани најмалку еднаш неделно“, рече Теохарис, наведувајќи дека скоро секој петти работник во Грција е ангажиран во туристичкиот сектор.

„Ние мора да ги балансираме грижите и на оние што се вработени и на оние што треба да најдат работа“, рече Теохарис, заклучувајќи: „Оваа година мислам дека имаме повеќе алатки во нашиот арсенал“.

Владини ветувања за поддршка

Грчката влада во четвртокот соопшти дека ќе додаде нови 2,5 милијарди евра во својата кревка економија за да ја заштити од влијанието на пандемијата на коронавирусот, додека се бори да го намали притисокот врз нејзиниот преоптоварен здравствен систем.

Бугарија бара од Грција да не ги тестира превозниците на граница

Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека вкупниот износ на средства оваа година за поддршка на бизнисите и работните места ќе се зголеми на 11,6 милијарди евра од 7,5 милијарди првично наменети за оваа намена.

Се уште погодена од долгогодишната должничка криза, Грција се бори и со пандемијата на ковид-19, воведувајќи и укинувајќи ограничувања за да го заузда нејзиното ширење, како и повеќето европски земји.

И покрај напредокот со вакцинирањето и неодамнешното усогласување на правилата за заклучување, инфекциите во Грција постојано растат.

Повеќето од мерките објавени во четвртокот, кои вклучуваат простување до 50% од државните заеми на деловните субјекти и продолжување на роковите на отплата на 60 рати, се продолжување на постојните мерки.

Владата исто така соопшти дека ќе ги субвенционира месечните исплати на заеми за бизнисите погодени од ковид-19 до 90% за осум месеци и ќе обезбеди грантови за дел од нивните фиксни трошоци за кирии, енергија и телекомуникации.

Левичарската партија Сириза, главната политичка опозиција во Грција, оцени дека неочекуваната изјава на Мицотакис за економско олеснување е обид да се сврти вниманието од протестите во земјата.

Во минатата недела имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите откако едно лице беше претепано од полицијата за време на проверките за усогласеност со ограничувањата на ковид-19 оваа недела. По немирите Мицотакис во вонредно телевизиско обраќање повика на воздржаност.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG