Достапни линкови

Ковид пандемијата и менталното здравје на младите


Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје
Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Импактот на ковид кризата врз менталното здравје е огромен, а последиците се забележуваат дури сега, година и пол од почетокот на пандемијата, велат психолозите. Невротските растројства како анксиозност, панични напади и депресија, според нив, се особено на пик кај младите. Прилог на Марија Поповска

Уште на самиот старт на пандемијата предизвикана од коронавирусот Светската Здравствена Организација предупреди за влијанието коешто може да го предизвика врз менталното здравје. Светската Здравствена Организација заедно со псилохози и психотерапевти ширум светот постојано апелираат за негување на менталното здравје, особено за време на пандемија.

„Сите ние имаме падови и врвови на расположението, не секогаш сме смирени и стабилни. Некогаш сме повознемирени, некогаш помалку, меѓутоа треба да најдеме ситуација како да се справиме со тоа. Тоа искуство младите го немаат бидејќи се млади. Од самата своја младост и неискуство кога ќе дојдат до некоја проблем ситуација ја гледаат пострашно отколку што можеби навистина е“, вели психологот при СУГС Георги Димитров, Светлана Аспровска Тодоровиќ.

Тиана Ивановска пак, дипломиран лиценциран психолог и гешталт терапевт под супервизија, воедно и основач на социјалниот бизнис Себесложувалка, вели дека импактот на Ковид кризата врз менталното здравје е огромен, а последиците се забележуваат дури сега, година и пол од почетокот на пандемијата.

„Многу влијаеше, огромен е импактот. Дури сега го забележуваме. Затоа што кога се случува некоја непредвидена ситуација луѓето ги собираат сите можни механизми за заштита за да можат да преживеат. Тоа стегање траеше година дена, и сега полека луѓето се опуштаат зошто не можат веќе да го држат притисокот. И сега се појавуваат првите посериозни последици од пандемијата. Преплавени сме со повици, со баратели на услуги, луѓе што бараат некаква основна психолошка помош во криза.“, вели Ивановска.

Невротските растројства како анксиозност, панични напади и депресија се особено на пик кај сите возрасни групи. Исто така, она што Ивановска го забележува од искуството во периодот на Ковид кризата е тоа што опсесивно-компулсивното растројство го доживува својот подем, особено по прележување на Ковид. Кај таквите случаи по прележувањето на вирусот можно е појавување на страв од болести, затоа што на некој начин е доживеана траума при која, пациентот доживеал дека е на раб на преживување особено ако имал посериозна клиничка слика самиот тој, или некој близок во негова околина.

Во документот „Млади во криза 2.0“ издаден во март 2021 година од страна на МОФ, Здружение за истражување и анализи и Реактор-истражување во акција, се истакнува дека младите се една од значајно погодените групи од здравствено-економската криза во Македонија. За младите луѓе, особено за оние коие се припадници на ранливите категории, Ковид кризата предизвикува особени проблеми во областите на образованието, вработеноста, менталното здравје и расположливиот доход, стои во документот „Млади во криза 2.0“.

Документот содржи препораки кои ќе се достават и застапуваат пред институциите, со цел подобрување на животот на младите за време на криза. Меѓу другото, во однос на психо-социјалните и здравствени последици кај младите се бара обезбедување психолошка поддршка на учениците од страна на стручните служби во училиштата, односно информирање на учениците ширум земјата за механизмите преку кои можат да се обратат до училишните психолози во случај на потреба од психолошко советување.

Адолесцентите сами по себе се поризична категорија и се особено изложени на влијанија врз менталната состојба кои се предизвикани како последица на Ковид пандемијата, првенствено поради самата исклучително важна и сензитивна развојна фаза во кој се наоѓаат, истакнува училишниот психолог при СУГС Георги Димитров, Светлана Аспровска Тодоровиќ.

И покрај тоа што повеќе од една година учениците се соочени со една нова ситуација како учењето од далечина, Аспровска потенцира дека тоа не ја исклучува можноста за непречена работа на училишните психолози во поглед на психолошките советувања на учениците кои се соочуваат со тековни потешкотии и проблеми. Како што посочува и самата, и самите психолози се приклучени на платформата Тимс каде ги држат советувањата на учениците, а доколку некој има потреба од разговор во живо, тоа се прави во рамки на училиштето со почитување на сите здравствени протоколи.

Освен кај адолесцентите кои се особено чувствителна категорија, сè повеќе психички растројства се јавуваат и кај деца на многу помала возраст. Психологот Тиана Ивановска вели дека особено загрижувачки е порастот на ментални нарушувања кај децата. Поради паниката на родителите, тие почнуваат да компензираат, па сè повеќе кај нив се пројавува и компулсивното растројство, што се јавува во форма на постојано бришење, чистење, миење на рацете. Тој научен модел и пример по кој се однесуваат децата, Ивановска смета дека е многу нетипичен, особено за деца на 7-8 годишна возраст.

Училипниот психолог Аспровска Тодоровиќ смета дека адолесцентите пак, се соочуваат со една ситуација каде треба да изберат помеѓу препораките од родителите за заштита од вирусот и однесувањето на врсничката група од која очекуваат да бидат прифатени, со што притисокот и стресот кај нив дополнително се зголемува.

„Нормално е стравот кој го чувствуваат возрасните во ранлива категорија во однос на болеста да се префрла и се пренесува и на младите, да бидат одговорни да не се носители на болеста и тоа е многу важно. Од друга страна пак не сум сигурна колку едно дете кога ќе излезе од дома со препораките од родителите тие препораки се поклопуваат со однесувањето надвор, дали врсниците исто така се однесуваат. Па тука има и притисок од врсниците. На тие деца во тој период најважно им е да ги прифатат врсниците. Се ставаш во една ситуација каде се преиспитуваш дали ќе го почитуваш она што ти го кажуваат од дома или правилата кои ги наметнуваат врсниците.“ додава училишниот психолог Аспровска Тодоровиќ во врска со влијанието на стресот врз адолесцентите.

Освен тоа, стресот кај адолесцентите е предизвикан и во однос на дигитализирањето на наставата со која образовниот систем функционира повеќе од една година. Според Аспровска Тодоровиќ некои ученици се соочуваат со потешкотии во самиот образовен процес, бидејќи не сите подеднакво добро го прифатиле и примениле принципот на онлајн учење.

„Има деца коишто имаат проблем со вклучувањето и со јавното говорење на самиот час. Кај некого можеби е од самата конструкција на личноста можеби некои се поинтровертни и потешко можат да зборуваат на онлајн часот. Од друга страна па можеби некое од децата може нема технички услови за такво вклучување. Не знаеме сите во какви услови се дома, на пример може да има некое семејство кое е дисфункционално, додека го испрашуваш ученикот можеби се слушаат гласови отпозади може да се случи да речеме да се гледаат условите во коишто живеат, а детето не сака тоа да го покаже. Може да постојат различни причини за некое дете помалку да се вклучува на онлајн наставата и тоа е исто предизвик.“, додава училишниот психолог при СУГС Георги Димитров Аспровска Тодоровиќ.

Барања за подобро утре на младите

Освен барањето за достапноста на училишните психолози за учениците, една од препораките до институциите објавена во документот „Млади во криза 2.0“ е обезбедување на бесплатна телефонска линија за психолошка поддршка која би функционирала на национално ниво, бидејќи како што е наведено и во самиот документ, често пати психолошкото советување е потешко достапно за младите во помалите градови, а средствата кои се потребни за покривање на сесиите за советување не секогаш се во рамки на буџетот на младите.

Во текот на пандемијата Владата на Република Северна Македонија на својот веб сајт објави телефонски линии за бесплатна психилошка поддршка за одредена категорија на ранливи групи на граѓани, и тоа: поддршка за деца на предучилишна, училишна возраст, тинејџери и нивните родители, возрасни лица во самоизолација со поддршка на македонски и албански јазик, психолошка поддршка за родители на деца со попреченост, трудници и родилки, лица со нарушен слух, говор и глас. Меѓутоа за оние останатите кои не се наоѓаат на листата на ранливи групи на граѓани сè уште не постои број каде можат да се обратат за бесплатно психолошко советување. Единствено нешто што постои е листа од совети и начини како да се намалат негативните мисли и чувства предизвикани од неизвесноста околу пандемијата.

Во насока на подобрување на квалитетот на животот на, во документот „Млади во криза 2.0“ од институциите се бара обезбедување на културно-забавни активности и зголемување на можностите за социјална интеракција меѓу младите, во согласност со препораките за заштита на здравјето од Ковид 19. Останати препораки од оваа област кои се бараат од институциите се и креирање на психо-едукативна веб платформа за млади и отворање и поддршка на постоечките шелтер центри за советување и заштита на жртвите на семејно и сексуално насилство.

Последиците од пандемијата

Психологот Тиана Ивановска истакнува дека целиод кризен период во кој се наоѓаме ја изложува на ризик секоја една индивидуа, особено оние кои од претходно болувале од некое растројство, бидејќи самотото тоа придонесува за пројавување на посериозни симптоми и влошување на состојбата. Воедно, додава и дека кај народот постои погрешна слика околу начинот на кој треба да се справува со менталните нарушувања и апелира за одржување на добросостојбата и грижа за менталното здравје, бидејќи и најмал тригер може да не врати на почеток.

„Имаме страшен пораст на користење на медикаменти. Понекогаш се потребни нормално, но не секогаш. Дури и кога се конзумираат треба да се посетува психолог и психотерапевт за да може да се сработи она што лековите го стишуваат како симптом.“, додава Ивановска.

Она што генерално влијае на големиот подем на психолошки растројства последнава деценија, психолог Ивановска смета дека е последица на глобализацијата и преголемата дигитализација на општеството како и постојаната изложеност на вишок информации кои индивидуата не е во состојба да ги обработи. Сето тоа, како што вели и самата, доведува до оптеретување на когнитивниот апарат и најчесто доведува до симптоми на анксиозност.

Анксиозните мисли и чувства не ги избегнуваат ни адолесцентите кои како што вели училишниот психолог Аспровска Тодоровиќ, често пати знаат да се поистоветуваат со некој свој идол на социјалните мрежи. Сè уште несвесни за себе и својот идентитет, често користат термини за своето ментално здравје кои може да не се адекватни на состојбата во која се наоѓаат.

XS
SM
MD
LG