Достапни линкови

„Трезор“ на СЈО во фото финиш


Со завршните зборови на одбраната и обвинителството влегува во „фото финиш“ судскиот случај „Трезор“ во кој првообвинет е сега притворениот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков. Делото е тешко речиси еден милион евра за набавка на опрема за МВР.

Судскиот случај на поранешното Специјално обвинителство за набавка за дел од опрема на следење на комуникации во вредност од речиси еден милион евра од фирмата „Финзи“ е пред правна разрешница. Денеска обвинителите Артан Арјо и Трајче Пеливанов во авршните зборови во овој предмет за кој година и пол се расправа во судница, но во повторена постапка, побараа казна затвор за обвинетите.

„Покрај тоа, судот да ги задолжи обвинетите да ја надоместат штетата предјавена и од државното правобранителство на територијата на Град Скопје како и имотно правно барање во износот од разликата на конфискуваниот имот во висина од 10 милиони и 819 илјади денари со износот на прибавената имотна корист на „Финзи“ од 47 милиони и 990 илјади“, рече обвинителот Ајро.

Првообвинет во овој предмет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кој засега е осуден на 12 години затвор за предметот „Таргет Тврдина“ и претходно на три години казна затвор за предметот „Титаник 2 “. Покрај него на обвинителна клупа во овој предмет е и неговиот поранешен шеф на кабинет, Тони Јакимовски. Против него и уште тројца вработени во УБК е отворен и уште еден предмет во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал. Станува збор за основан сомнеж за злоупотреба на службени пари и оштета врз буџетот од 50 милиони денари.


Како третообвинет во предметот „Трезор“ е Небојша Стајковиќ кој во времето на стореното кривично дело извршувал функција помошник министер во МВР.
Четвртообвинет е и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој што веќе неколку години е во бегство.
Четворицата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Обвинителот Пеливанов во своите завршни зборови истакна дека обвинетите Мијалков и Грујовски настапувајќи од позиција на апсолутна моќ ја искористиле ситуацијата и со умисла ја злоупотребиле службената положба.

„Набавката на опремата која не била извршена директно од ГАМА, туку преку дотогаш анонимната фирма Финзи Скопје чиј директор на почетокот бил Владислав Стајковиќ, брат на обвинетиот Небојша Стајковиќ, а подоцна сега починатиот Коста Крпач со краен сопственик Орце Камчев со тогаш во блиски односи со обвинетиот Сашо Мијалков претставува договор за набавка на опрема која е прва голема зделка на Финзи Скопје која и носи заработка од 26.568.276 денари, а подоцна и заработка од 21.422.500 денари за одржување на опремата,“ изјави во своите завршни зборови обвинителот Пеливанов.

Според обвинителниот акт, во периодот од 2010 година до 2015 година преку фирмата „Финзи“ каде што директоруваше сега починатиот сведок на СЈО Коста Крпач од буџетот на МВР биле „испумпани“ 860 илјади евра преку неколку сомнителни договори за набавка на опрема. Но, парите не завршиле во целост на договорените сметки, туку биле користени за лично богатење, сметат обвинителите.

Според она што обвинителката Фатиме Фетаи го претстави во јавноста при презентација на истрагата, тројцата вработени во УБК во 2010 година во име на полицијата стапиле во контакт со британска компанија „Гама Интенешнл“ за набавка на опрема за потребите на управата, но проблемот настанал кога во целата игра се вмешала како посрединик фирмата „Финзи“. Наместо МВР директно да ја набави опремата од британската фирма Гама ТСЕ , набавката одела преку фирмата „Финзи“ со што цената „рипнала“ за над 360 илјади евра.

Според истражувањето на британските медиуми кое содржи изворни документи, Велика Британија ги одобрилa дозволите за извоз на фирмата „Gamma International UK“ за снабдување на софистицирана опрема за надгледување на мобилни телефони, позната како „IMSI catchers“, во Република Македонија. Британскиот неделник „Computer Weekly” објави истражување кое содржи обемна документација, која меѓу другото опфаќа одговори од Министерството за надворшени работи на Обединетото Кралство, интерна електронска комуникација меѓу Британската Амбасада во Скопје и Министерството, пишана комуникација меѓу фирмата „ Гамма интернешнал“ и „Гамма Груп“ и МНР, ценовникот на фирмата „Гама" за опремата за надзор „Финфишер“, нивниот каталог за перформансите на опремата за прислушкување на мобилни телефони итн.

Писмената комуникација открива дека лиценцата за извоз на софистицираната опрема била издадена на „Gamma International UK Limited“ на 3 октомври 2012 година и тоа за шест единици од нивната опрема за следење, а за тоа бил консултиран и висок владин функционер во Британија. Во документите се посочува и дека македонската влада веќе имало купено опрема за следење од британската фирма „Гамма“ и тоа една година претходно, во 2011 година, но не е прецизирано за каква опрема се работи.

Вториот спорен договор во предметот „Трезор“ е набавката за оддржување на опремата која МВР книговодствено ја води со вредност од 1 денар. Со фирмата на Крпач „Финзи“ овој пат во 2012 година е склучен договор за оддржување на опремата во вредност од 30 илјади евра месечно. Вкупната вредност на договорот бил 285 илјади евра, иако компанијата, според сознанијата на сега поранешното СЈО, немала нити капацитет нити опрема за оддржување.

Пеливанов во завршниот збор посочи дека од прикажаните докази произлегува дека фирмата „Финзи“, имала само едно вработено лице, а тоа е сега покојниот Коста Крпач, што значи дека компанијата немала капацитети за да ги изврши обврските за оддржување на набавената опрема.

Одбраната на Мијалков, адвокатот и поранешен обвинител Љупчо Шврговски вели дека обвинителите немаат доволно материјални докази за да го докажат обвинението.

„ Јавниот обвинител не достави материјален доказ, вештачење од областа на економско- финансиската наука, вештина и знаење за кое е потребно стручно мислење и експертиза од таа област. Јавниот обвинител ги нема тие знаења и тие вештини и во никој случај не можа да конструира штета која им ја става на терет на обвинетите. Напротив одбраната во доказна постапка презентираше доказ од кој што произлегува недвосмислено дека штета за министерството за внатрешни работи нема и дека фирмата Финзи работела со позитивна нула,“ изјави Шврговски.

Како сведок во постапката во судница се појави и поранешниот заменик министер на МВР Ѓоко Поповски кој е осуден на затворска казна поради набавката на луксузниот мерцедес наменет за поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство.

„Договорите, барањето за понуда, и сертификатите за краен корисник со фирмата „Финзи” за набавка на опрема за УБК се подготвени од Комисијата за јавни набавки и службата во МВР,“ сведочеше поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски.

Поповски: Набавките за УБК беа барани и по устен пат од Мијалков и Грујовски

Појаснувајќи ја процедурата за набавка на опрема за потребите на УБК, Поповски во сведочењето посочи дека барањата ги добивале по писмен пат со документ, но и со усни барања од Мијалков, и од началникот во УБК, Грујовски. А дури потоа посебна Комисија за набавки во МВР ја извршувала набавката.

Како дел од доказите во судница беа пуштани и снимките на кои се слушаат разговори од 2010 и 2011 година меѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски, Сашо Мијалков и Влатко Мијалков и на Влатко Мијалков и Саша Глишиќ.

Случај Трезор- јавноста исклучена, се сослушува сведок од УБК

На почетокот на судскиот процес Мијалков се изјасни за невин. Адвокатот на Мијалков, Шврговски тогаш во воведен говор истакна дека обвинението се темели на полуиндиции и оти одбраната нема да има тешка задача. Според адвокатите, и во материјалните и вербалните докази се изнесуваат тези кои целосно одат во корист на одбраната. Случајот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презема предметот од поранешното СЈО. Завршните зборови на одбраната се закажани за 29 март годинава

Фирмата „Финзи“ вклучена и во „Империја“

Фирмата „Финзи ЛЛЦ“ во чија сопственост е и македонската Финзи всушност е регистрирана на истата адреса во САД како и „Калвус“, а нејзин краен сопственик е контроверзниот бизнисмен и осомничен во предметот „Империја“ за перење пари, Орце Камчев, покажуваат доказите на СЈО. Управител пак, бил Владислав Стајковиќ, кој е еден од обвинетите во Империја и брат на Небојша Стајковиќ, кој бил помошник министер во МВР. Потоа на неговото место доаѓа сега покојниот Коста Крпач, за чија смрт останаа неодговорени прашања дали е навистина самоубиство или пак станува збор за убиство.

„Финзи“ е дел од предметот Империја. Според истрагата и податоците кои обвинителката Лиле Стефанова ги сподели пред две година на брифинг со новинарите. Во неколку наврати на сметката на Финзи преку кипарските банки биле префрлени 650 илјади евра кои завршиле во Систина Кардиологија. Прв сопственик на Систина Кардиологија е токму Финзи, а фирмата подоцна е преименувана во Си-Фи Кар. Сега сопственик на Си Фи Кар е сестрата на Камчев, Кристина Камчева Стојческа која заедно со нејзината мајка исто така се на листата на осомничени во случајот.

СЈО: Доколку Мијалков и Камчев не бидат казнети, нема правна држава

Ова е трет предмет за кој чека пресуда Мијаков. Претходно беше осуден во предметот „Таргет Тврдина“ за незаконското масовно прислушување кое како афера го објави во 2015 година тогашниот опозициски лидер Зоран Заев. Првата таканаречена бомба беше објавена во февруари во 2015 година. Бомбите на Заев открија дека нелегално биле прислушкувани голем број луѓе, новинари, политичари, високи владини функционери. Во дел од телефонските разговори можеше да се слушне како поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, неговата помошничка и лице од Израел договараат трансфер на пари за поткуп од израелска фирма, за да се овозможи купување на опрема за следење во 2011 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG