Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција досега не отвори предистражна постапка за спорната набавка на софтвер за „определување на просечна брзина на возила во сообраќај и изрекување на казни“ која ја спровел поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, а бил наменет за МВР. Обвинителството топката за отворање на преистражна постапка ја префрла во Министерството за Внатрешни Работи и Финансиската полиција. Станува збор за софтвер кој Генералниот секретаријат на Владата го набавил пред 8 месеци од фирмата „Инвока Гроуп“ кој ниту е инкорпориран во системите на МВР, нити МВР, како што , има план да го користи.
Во писмениот одговор од Обвинителството за РСЕ е наведено дека со интерес ги следат случувањата и информациите во врска со набавката. Во продолжение велат дека нивната задача според законот е да гонат сторители на кривични дела.
„Но, доколку институциите во чиј делокруг на работа е откривање на кривични дела и нивни сторители, не постапат согласно нивните надлежности, тогаш обвинителството ќе постапи согласно член 41 став 2 од Законот за кривична постапка, односно јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција“, се вели во одговорот.
Но, во овој случај софтверот е набавен и наменет од Генералниот секретаријат на Влада за МВР, иако оттаму велат дека немаат намера да го користат.
Од МВР засега нема коментар за тоа дали тие преземале одредени дејствија или не, откако Обвинителството ги посочи како надлежни за откривање на кривични дела.
Од Управата за финансиска полиција во писмен одговор до РСЕ велат дека согласно законите за кривичната постапка и за финансиската полиција, дејствијата кои ги презема во предистражна постапка секогаш се вршат во координација со надлежен Јавен обвинител.
„Доколку во определени случаи се оцени дека постојат основи на сомнение или основано сомнение за сторено кривично дело од надлежност на Управата, истата врз основа на добиена Наредба од надлежен обвинител или по добиена Кривична пријава, како и по службена должност превзема дејствија за истражување и за истите дејствија го известува надлежниот Јавен обвинител,“ се вели во одговорот за Радио Слободна Европа од Управата за финансиска полиција.
Оттаму додаваат дека будно ги следат настаните и информациите кои се пласираат во јавноста преку медиумите во сите сфери кои се поврзани со надлежноста на Управата.
Заев не знае дали Рашковски е надвор од земјата
Претходно Обвинителството во 2019 година отвори предмет по допрен глас против Рашковски за набавката на радарски системи, односно системот за управување со воздушниот простор. Една година подоцна Обвинителството го отфрли тој предмет, односно посочи дека не увидела кривична одговорност кај Рашковски.
Опозицијата обвинува за селективен пристап на Јавното обвинителство, кое засега нема поведено постапка за спорната набавка за софтверот. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вели дека во земјава се водат постапки за набавени софтвери кои не се користат, но само за луѓе кои не се блиски до Заев. Како пример ја посочи кривичната пријава против вработен во Мепсо за набавен софтвер во 2016 година.
„Оштетен е државниот буџет, а ЈО не реагира, можеби само и само затоа што Драги Рашковски е и приватно и во владата близок на Зоран Заев, човек кој што наводно го реформираше судството и ги остави Јовески и Русковска да ги водат Јавните обвинителства, “вели Стоилковски.
Ивановска: ДКСК собира податоци за случајот со кинеските вакцини, треба да се вклучи и ЈО
Во меѓувреме, од Антикорупциската комисија велат дека тие отвориле предмет и дека во изминатава недела откако изби аферата, доставиле прашања и побарале документи од сите надлежни институции за овој случај.
„Сега чекаме одговори“ велат оттаму.
Дали Рашковски е автор на набавениот софтвер ?
Владата со соопштение одговори дека со набавката на софтверот станува и сопственик на авторските права, но останува нејасно во јавноста како „Инвока груп“ и Рашковски го расчистиле овој сегмент пред тие да преминат во сопственост на Владата.
„Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки“ беше посочено во владиното соопштение објавено минатата недела.
Едно до неколкуте прашања кои се отвораат во овој случај е што точно како производ патентирал Рашковски, и колку од таа патентирана идеја се совпаѓа со спецификациите во јавната набавка за софтверот.
Според последните информации објавени на емисијата 360 степени, Рашковски ја патентирал идејата за софтвер кој подоцна со јавна набавка го нарачал и платил на „Инвока Гроуп“ од државниот буџет пред да биде извршено негово тестирање за функционалноста. Рашковски уште во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“. Во тој период софтверот не бил изработен во целост од фирмата „Инвока Гроуп“ затоа што според известувањето за склучен договор на Бирото за јавни набавки, набавката во целост била реализиран во 2020 година.
Од Национална aсоцијација на пронаоѓачи на Македонија, во писмено соопштение е наведено дека идејата на нивниот член и кандидат за извршниот комитет на Светската федерација на иновативни асоцијации, Рашковски со својот патент од областа на безбедноста во сообраќајот освоил највисоки признанија на саеми ширум светот и дека ќе настапи на уште најмалку 7 други саеми. Во нивното соопштение е наведено дека патентите се правна категорија, со која авторите (носители на патентните права) имаат монополско право на располагање и одлучување врзани за нивниот патент.
„Исто така треба да се знае, дека патентите не подлежат на тендери. Патем кога се работи за ваков вид на патентирна безбедносна опрема, таа може да се продаде само на институции кој се за тоа надлежни или на друга компанија (а во тој случај, истата би требале да ја увезуваме) ваква опрема не може да се продаде на Бит пазар“, пишува во соопштението.
Неодговорени прашања за набавката на софтверот
Клучното прашање на кое побаравме одговор од Владата, а за кое до објавување на овој текст одговор не добивме, е дали со оваа набавка на софтвер се покажува дека Владата прави посебен паралелен систем за надгледување на возила во сообраќајот надвор од тој на МВР.
МВР минатата недела соопшти дека има планови за набавка на нови камери и подобрување на системот „Безбеден град“. Работна група во рамките на министерството работи на нов проект за воведување на санкционирање на сообраќајни прекршоци преку камери, велат оттаму.
Но, во тој проект не влегува софтверот кој што пред осум месеци го набави поранешниот генерален Секретар на Владата Драги Рашковски за 81 илјада евра. Дали тоа значи дека во македонските власти работат на два нови паралелни системи за следење на возила, покрај двата веќе постоечки. Станува збор за еден во МВР познат како „Безбеден град“ и поставен од претходната власт во 2012 година, како и оној на Град Скопје со кој градот се грижи за безбедност на сообраќајот и неговото техничкото регулирање. Одговор на ова прашање од Владата не добивме, како ни на прашањето зошто воопшто Генералниот секретаријат набавил софтвер наместо МВР, кој како што велат оттаму, нема намера да го користи.
„Чуму ние би правеле софтвер ако немало причина заради МВР? Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој може да се употребува во МВР“, велеше премиерот Зоран Заев пред една недела, но ветувањето не е исполнето.
Во јавноста не беа прикажани најавените документи, ниту деталите кои новинарите ги бараа за набавката.