Достапни линкови

Битката против корупција декларативна, многу афери без разврска


Банкноти по 1000 денари
Банкноти по 1000 денари

Јавни набавки, вработување во јавен сектор, правосудство и органи за спроведување на законот се петте основни сектори со висок ризик од корупција, покажува Националната стратегија која со месеци чека амин од пратениците. Во меѓувреме опозицијата обвинува за низа коруптивни афери на власта.

Дополнување на собранискиот Деловник, воведување санкција за одбивање на пријавување на имотна состојба на функционери, нов закон за лобирање, затоа што сегашниот е нефункционален, измени на Изборен законик за онлајн рекламирање во пресрет на локалните избори, дополнување на кодексите за професионално однесување на судиите и на јавните обвинители, како и дополнување на Законот за јавното обвинителство со одредби кои го дефинираат Кодексот на јавните обвинители и начинот на неговото донесување. Ова се дел од законските решенија кои се наведени како неопходни во Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси.

Јавни набавки, вработување во јавен сектор, политички систем, правосудство и органи за спроведување на законот се петте клучни и основни сектори во кои е детектиран висок ризик од корупција, покажува Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Оваа стратегија од годинава ќе треба да се спроведе во наредните пет години. Но, веќе со месеци пратениците никако да се ја разгледаат и да гласаат за нејзино донесување.

Под закрилата „сè е по законот“ во земјава се спроведуваат многу коруптивни дејствија, вели претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

„Треба сеопфатна борба, треба цело општество еднаш да реши – Да ние ќе завршиме со корупцијата. Но, сè додека некој си го гледа само својот интерес, а да признаеме дека има такви, борбата е нормално многу потешка“, вели Ивановска.

Ивановска: Корупција со изговор „сè е по закон“
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:52 0:00
Директен линк

Поранешниот антикорупционер и адвокат Драган Малиновски смета системот е поставен и прашањето е колку навистина вложуваме во него за тој реално да даде квалитетни резултати.

„Еве да ја земеме за пример Антикорупциската комисија, од која сите очекуваме да го реши проблемот со корупцијата. Но, да се запрашаме што правиме освен примарниот буџет кој го има таа за тековните работи. Што правиме за неопходните дополнителни ресурси за таа да биде ефикасна – ќе видиме дека лошо стоиме. На пример не може да барате да се справи со имотната состојба на функционерите, да ја следи, а да нема соодветен софтвер, да нема пристап до сите потребни дата бази, вие едноставно и давате надлежност, но не и можност да си ги исполни надлежностите“, вели Малиновски.

Антикорупциската комисија бара и донесувањето на закон за потекло на имот на секој граѓанин, со што, ќе се избегне ризикот одредени функционери својот имот да го пријавуваат на туѓо име додека се на функција, а потоа да си го вратат на свое име, бидејќи ДКСК понатаму нема законска надлежност да ја следи имотната состојба.

Малиновски додава дека е неопходно да се премине од декларативна на вистинска заложба за борба против корупцијата.

„ Рецептот за справување со корупција е многу едноставен. Јакнење на капацитетот на институции кои се задолжени за борба против корупција, јакнење на капацитетот на јавна администрација да се однесува согласно етички и професионални стандарди“, вели Малиновски.

Во Националната стратегија се посочува дека ризикот за корупција во јавните набавки произлегува од погрешните технички спецификации или нивни прилагодувања на одреден економски оператор, неправилно утврдени критериуми со кои се фаворизира одредена компанија како и влијание на одговорните лица во институциите кои објавуваат тендер.

„И покрај задолжението од Владата и обврските за институциите произлезени од Акцискиот план за отвореното владино партнерство (2018-2020), само мал дел од институциите на своите интернет-страници ги објавуваат плановите за јавни набавки; линковите до објавите на ЕСЈН на огласите за јавни набавки и тендерски документации; известувањата за склучен договор и за реализација на договорите; како и самите договори за јавни набавки и нивните анекси“, се вели во Националната стратегија за спречување на корупција.

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за транспарентност во јавните набавки за 2018 година, договорните органи просечно исполнуваат 55,2 отсто од утврдените критериуми, со што значаен дел од јавните набавки се под сериозен ризик од корупција.

Клучните проблеми при вработувањата во јавниот сектор се неусогласеност на голем број на закони кои го регулираат вработувањето со што се овозможува секаков вид на влијание: партиско влијание, непотизам, кронизам и клиентелизам. Потоа неефикасно раководење, управување и надзор кај одделни органи на управата, агенции, јавни претпријатија и АД во државна сопственост, како и законската регулатива која нема воспоставено јасен систем за евалуација на критериумите за селекција во процесот на вработување во јавниот сектор, се истакнува во стратегијата.

Антикорупциската комисија бара укинување на можноста за времено вработување преку агенции за времени вработувања, укинување на можноста привремените вработувања да се трансформираат во вработување на неопределено работно време без редовна постапка за вработување како и проценка на реалните потреби за бројот на вработени и нивната стручност во субјектите од јавниот сектор и јасно дефинирање на видот на образование.

Опозицијата редовно обвинува за корупциски скандали во власта


Во меѓувреме, опозицијата редовно на прес-конференции потсетува за отворените афери во изминативе две до три години кои се уште не добиле правна разврска.

Во јули минатата година, Антикорупциската комисија го отвори предметот „Леонардо“ во кој е инволвиран поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Во овој случај станува збор за набавка на опрема и договор со италијанската компанија. Рашковски тогаш се бранеше дека не е барано мито, се извини до небо. Од Антикорупциска велат дека случајот не е завршен, затоа што тоа е обемен предмет.

Поранешниот директор на ФЗО Ден Дончев беше на „мета“ во корупциски скандал кој опозицијата го нарече „Рекет 2“. Станува збор за случајот со „Диамед“ каде според обвинувањата на поранешната сопственичка, но и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се обидел да ја попречи продажбата на оваа компанија на странски инвеститор.

Дончев е инволвиран и во уште еден случај за кој истрага води Управата за финансиско разузнавање по барање на Јавното обвинителство. Станува збор за период додека тој бил директор на Фондот за здравствено осигурување, а добивал пари за консулстански услуги по основ на плати, од компанија со основна дејност интернет-портали што била финансирана од странска компанија.

На списокот со афери е и случајот познат во јавноста како „Фризерница“, за кој отвори предмет Јавното обвинителство, а во кој осомничена е директорката на Националната агенција за европски образовни програми Лидија Димовска за незаконско доделување грантови на блиски луѓе.

Опозицијата го оцени 111-тото место на ранг листата на Транспаренси Интернешнл како најлошо досега. Ова е полошо од мафија, ова е тонење по сите параметри, ова се докази за антиевропски и за антизападни вредности, раст на криминалот и корупцијата!“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски вели дека последниот извештај на Транспаренси Интернешнл во кој сме рангирани на 111 место не значи дека „корупцијата пораснала, туку резултатите се перцепција на граѓаните“.

„ Љупчо Николовски не е виновен за децениските проблеми во државата. Оваа генерација политичари, предводена од Зоран Заев, Оливер Спасовски и целиот наш тим, направи крупни чекори за земјата. По три децении станавме членка на НАТО и сме пред почеток на преговори со ЕУ“, изјави вчера Николовски.

За споредба, пред неколку години поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов за извештајот на „Фридом хаус“ од функционерската позиција го опиша како перцепција создадена од медиуми.

„Тоа што е извештај на „Фридом хаус“ е перцепција, тоа не е на основа на факти или аргументи и на основа на одредени документи туку на основа на перцепција, која е создадена од нашите медиуми“, рече претседателот Ѓорге Иванов, 18 јуни, 2015 година.

Впечатокот во јавноста е дека политичките партии кога се на власт извештаите на светските организации ги третираат како перцепција, а додека се во опозиција за нив тоа се реални показатели на лошата состојба во македонското општество.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG