„Биди одговорен, остани дома“, „Сакаш повторно да гушкаш? Од тебе зависи“, „Сите сме во ова заедно, ајде да го сопреме ширењето на ковид-19“.
Вакви кампањи, со кои се подига свеста кај граѓаните за ковид-19, може да се видат во медиумите во регионот, но и во светот, без разлика дали се приватни или се јавни сервиси. Кај нас вакви пораки може да се видат само на јавниот сервис, но не и на приватните медиуми, оти од пред неколку години со закон е забрането владино рекламирање во медиумите.
Според Директивата за радиодифузни медиумски услуги на Европскиот парламент и на Европскиот Совет од 2010 година „соопштенијата за јавни услуги“ кои се користат за промоција на јавните политики, претставуваат некомерцијални (бесплатни) реклами или огласи наменети за информирање на јавноста за конкретно прашање или општествен проблем. Тука најчесто спаѓаат кампањите за јавното здравство (против пушењето, алкохолот, користењето дрога), екологијата (загадувањето), образованието, јавната безбедност и за нив медиумите отстапуваат бесплатен простор и време во рамките на нивната програма за обезбедување на услуги во заедницата.
На пример, британскиот Канал 4 направи графика со натпис „остани дома“ која што беше емитувана во текот на целата програма. Спортисти се приклучија во кампањата на спортскиот канал Скај спорт со која ги повикуваше љубителите на спортот да продолжат да спортуваат во време на пандемијата, но тоа да го прават сами или во своите домови.
Телевизијата Скај како дел од својата програма направи едукативна рубрика „Учи од дома“ достапна за најмладите гледачи на телевизија, со цел да им помогне во образовниот процес на семејствата кои мораа да поминуваат поголем дел од времето дома.
Гледаноста на телевизиите во изминатава година на светско ниво скокна за 20 проценти во просек, покажуваат податоците од извештајот „Трендови на рекламни кампањеи за време на пандемијата со ковид-19“.
Владата размислува за финансирање реклами во медиумите
Владини преставници денеска со новинарските здруженија ќе разговараат за концептот како да се измени членот 102 во кој се забранува државни пари во медиумите преку реклами. Од Владата велат дека поради престојниот процес на имунизација се појавува потреба од измени на законот, односно владиното рекламирање како такво да остане и понатаму забрането, но да се овозможат кампањи од јавен интерес.
„Измената на член 102 е со цел да се овозможи институциите да можат да реализираат јавни комуникации (кампањи) од исклучителен јавен интерес и преку радиодифузерите, на теми кои се од витално значење за граѓаните и државата, како што е на пример вакцинацијата, антикорупцијата, справувањето со дезинформациите и слично“, соопштија неодамна од Владата.
Советот за етика во медиумите(СЕММ), Здружението на новинари(ЗНМ) и Синдикатот на медиумски работници(ССНМ) како партнерски организации се против финансирање на медиумски кампањи.
Катерина Синадиновска од Советот за етика вели дека самиот концепт на делење на јавни пари во медиумите може да биде опасност и да биде се толкува како влијание на власта врз уредувачката политика врз приватните медиуми.
„Но, не е точно дека сме тотално против јавни кампањи, се разбира ете на пример вакцинација, попис, општествени процеси кои заслужуваат да бидат искомуницирани. Но, апелираме до медиумите да го препознаат јавниот интерес да го препознаат и таквите кампањи да одат бесплатно“, вели Синадиновска.
Од ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ поддржуваат кампањи од јавен интерес, но за новинарски производи, кои во крајна инстанца ќе го подигнат квалитетот на програмата.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски вели дека принципиелно се против владино финансирање на медиумски кампањи. Доколку се зголемува нивото на пласирањето на јавни пари во медиуми може да настане дисторзија на пазарот или пак да се влијае врз уредувачките политики, вели тој.
„Треба да се следат демократските практики во другите западноевропски развиени земји каде тие се бесплатни бидејќи се од јавен интерес. Оттаму сметаме дека не треба да има промени во оваа насока“ вели Чадиковски.
Поранешниот претседател на ЗНМ Насер Селмани, кој долги години зборуваше гласно против финансирање на медиуми преку владини реклами и кампањи, вели дека со таквата идеја се враќа старата практика и ќе биде крај на секој обид медиумите да се ослободат од политичко влијание.
„Ако се врати финансирањето на владините реклами во медиумите тогаш дефинитивно заробената држава не само што не се распушта, туку Заев го има преземено принципот на Груевски да владее на недемократски начин со полициски методи и поткупување на медиумите во земјава“, вели Селмани.
Да не се случи повторно државен поткуп на медиумите
Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте национални телевизии Канал 5, Сител, Телма, Алсат М и Алфа ја поддржуваат идејата на Владата. Во нивното соопштение наведуваат дека поради едногодишно работење во услови на пандемија, потребно е да се измени членот 102 од законот со кој се забранува буџетски пари за информирање на граѓани преку радиодифузери.
„Земајќи ја во предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес, како што се на пример кампањите за заштитните мерки од Ковид-19, во смисол држење дистанца, носење на маски и слично, сметаме дека како европската, така и домашната јавност мора на вистинит, но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести, интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух и друго“, се вели во известувањето од ММА.
Селмани, пак, додава дека во многу европски земји општествено одговорните медиуми бесплатно ги прават здравствените кампањи.
„Медиумите и приватните медиуми имаат општествена одговорност да ги пуштат тие реклами бесплатно. Зошто би требало за такви кампањи да земат пари, каде е нивната општествена одговорност?. На крајот на краиштата тие имаа добиено лиценца за работа со која треба да исполнуваат одредени вредности кои што како општество ги исполнуваме. Зошто тие да не бидат одговорни и да придонесуваат за здравјето на граѓаните? Не е проблем само што државата ќе ги финансира,туку проблем ќе биде што државата ќе стане најголем огласувач, исто како во времето на Груевски“, вели Селмани.
Чадиковски посочува дека доколку има реална потреба од јавни кампањи тие треба на друг начин да се искомуницираат со јавноста. Како примери, како да им се помогне на медиумите во време на пандемијата, тој ја посочува можноста за таканаречени непарични вложувања како ослободување од одредени давачки.
„Наше барање е да се формира таканаречен Фонд за поддршка на проекти од јавен интерес со што дирекно ќе се помогнат новинарите и новинарството и ќе се помогне во зголемувањето на квалитетот на новинарска продукција и програмата, особено во локалните и регионалните медиуми“ вели тој.
Во изминативе три години за политичко рекламирање во медиумите биле инкасирани 9 милиони евра, па и ова ако се додаде ќе испадне дека над 50 проценти од нивното финансирање ќе биде од јавни пари, додава Селмани.
Уште во март 2020 година социјалната мрежа Фејсбук се обврза кон Светската здравствена организација дека бесплатно ќе објавува кампањи кои се однесуваат на информирање на корисниците на мрежата за ковид-19, за посебните мерки за заштита, за корисни информации околу справувањето со вирусот, но и дека ќе ги отстранува лажните информации кои се пренесуваат преку мрежата за коронавирусот.
Владиното финансирање на медиумите преку реклами беше своевиден симбол за спрегата на медиумите и претходната власт. СДСМ кога дојде на власт со закон забрани институции да трошат буџетски пари за реклами и договори за информирање во медиумите. Владиното рекламирање беше укинато токму со усвојувањето на посочениот член 102 и законските измени кои беа донесени на последниот работен ден од 2018 година.
Кампања за рамен данок, за платежни картички, за владина стотка, за информатичко општество, за туризам, за моќта на образованието, против корупција, против пушење, против абортус, за етика, отвори го срцето, беа дел од кампањите кои претходната власт ги третираше како јавен интерес и со нив ги финансираше приватните медиуми.