Две години од укинувањето на владиното рекламирање во медиумите повторно се најавува нивно враќање, а со тоа се враќаат и стравовите дека преку државни пари ќе се купува наклонетоста на медиумите, како што беше случај во минатото.
Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе биде даден предлог до надлежното министерство за укинување на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, односно негова промена со цел да им се помогне на медиумите.
Владиното рекламирање беше укинато токму со усвојувањето на посочениот член и законските измени кои беа донесени на последниот работен ден од 2018 година.
Целосното укинување на владиното рекламирање не е паметна одлука, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Но, според него, само доколу се исполнат два предуслови.
„Тоа е како да си ги фатил претходниците дека краделе тоалет хартија и заради тоа би забранил одење во тоалет. Мора да се најде начин Владата да може да комуницира со јавноста за легитимни теми како што се вакцинација, носење маски и појас додека се вози автомобил и сл. Но, има два проблема. Прво како да се дефинира што е јавен интерес а што не е. Кога е тоа злоупотреба на темата на кампања, кога не е. Второ мора да се најде клуч како средствата наменети за време во медиумите Владата да нема влијание каде ќе ги троши за да стане невозможно Владата условно речено да купува уредувачка политика преку средствата кои ги троши за јавно информирање“, смета Арсовски.
Укинувањето на владиното рекламирање дојде по направените злупотреби од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и клиентелистичкиот однос со медиумите вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Тој смета дека нема ништо лошо Владата да им помогне на медиумите бидејќи рекламите се главниот приход на медиумите. Но, опасноста е во злоупотребата на рекламирањето за придобивање и контрола на медиумите.
„Но мора да се води сметка истите да бидат распределени по соодветни критериуми по можност преку комисија составена од професионалци. Мора да се направи дистинкција меѓу односнот на политиката кон медиумите за нивна контрола и потребата на медиумите критички да ја опсервираат власта. Може да се осигура таа меѓу зона која нема да биде на штета на медиумите, а спеак ќе биде од помош тоа што владата ќе се рекламира на нив со цел тие да преживеат и да профитираат“,смета Незири.
Во членот 102 од законот се наведува дека државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.
„Се бара трајно решение за чие изнаоѓање е поканета и европската делегација да ни дадат експерти за да го формираме она што е најдобро за нас, а поучени од европските искуства во делот на невлијание на медиумите, а сепак обезбедување нивна дополнителна финансиска одржливост заради тоа што сите заедно заклучивме дека треба да развиваме и такви пакети. Не само заради Ковид-19, секако заради и поради тоа се добродојдени, но и по Ковидот ќе бидат на сила, а тоа дополнително ќе ја зголеми транспарентноста на државата и информираноста на граѓаните,“ рече Заев на прес-конференцијата 100 дена Влада.
Ако се овозможи стручната фела да има увид во тоа што е јавен интерес и дистрибуцијата на средствата да се одвива според одредени правила на пример по рејтинг или влијание на пазарот со цел да не се вршат злоупотреби, тогаш владиното рекламирање е прифатливо, додава Арсовски.
„Ако ги нема тие две работи тогаш тоа звучи неприродно како можност на влијание врз уредувачка политика“, порачува Арсовски.
ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ против измени на законот
Во заедничко соопштение на измените во законот се спротиставија и Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Советот за етика во медиумите и тие потсетуваат дека изјавата на Заев е во спротивност со владините политики, но и со претходните изборни ветувања на СДСМ дека нема да има јавни пари во приватни медиуми.
„ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување“, се наведува во соопштението.
Доколку предлогот биде прифатен, според нив, тоа нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив дополнително ќе го поремети и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот.
„Да се потсетиме дека парите на граѓаните завршуваа на приватни сметки, но не се трошеа за подобрување на квалитетот на програмата и содржини од јавен интерес, ниту за поголеми плати на медиумските работници“, се додава во соопштението.
Од ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ порачуваат дека не се против одредена финансиска поддршка за медиумите, но таа помош треба да произлезе од претходна јавна дебата и средствата исклучиво да се користат за проекти од јавен интерес.
За нетранспарентно владино рекламирање, поткупување на медиуми преку реклами, спрегата власт-медиуми претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ беше силно критикувана во сите извештаи на меѓународните организации и институции, години наназад.