Достапни линкови

Вести

Фетаи бара притвор за осудените во „Монструм“ поради опасност од бегство

Обвинителката Фатиме Фетаи на изрекување на пресудите за случајот „Монструм“, 23 февруари 2021
Обвинителката Фатиме Фетаи на изрекување на пресудите за случајот „Монструм“, 23 февруари 2021

Обвинителката Фатиме Фетаи, која заедно со обвинителот Гаврил Бубевски го застапуваа обвинението за случајот „Монструм“, денеска, по изрекувањето на пресудите, побараа определување на мерка притвор за неправосилно осудените Хаки и Фејзи Азири „поради опасност од бегство.

Денеска во Кривичниот суд во Скопје, за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, за кои судијата рече дека се виновни за кривичното дело „тероризам“, добија доживотен затвор, обвинетиот Хаки Азири доби казна затвор од 9 години, а Фејзи Азири е осуден на казна затвор од 15 години. Поради недостаток на докази, ослободен е обвинетиот Сами Љута. Пресутите се неправосилни и на нив има право на приговор.


„Заедничко за сите обвинети е околноста што постои опасност од нивно бегство, а првообвинетиот Алил Демири и второобвинетиот Африм Исмаиловиќ веќе девет години и се во бегство, за обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ нема ниту потреба, за нив постои решение за определување на мерка притвор“, рече денеска обвинителката Фетаи по соопштувањето на пресудата од страна на судијата Огнен Ставрев.

види ги сите денешни вести

Костадиновски: Подготвителната седница за Законот за јазици меѓу 19 и 21 март

Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, архивска фотографија од 20 јуни 2024
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, архивска фотографија од 20 јуни 2024

Подготвителната седница за Законот за јазици се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март. Ова го изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски кој информираше дека утре (24 декември) судот ќе има редовен работен состанок, на кој ќе се утврдуваат листата на учесници и спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон.

„Ние имаме предлог од судијата известител, но секој е слободен да предлага“, рече Костадиновски.

Дополни дека се предложени повеќе од 20 имиња, а станува збор за експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.

Костадиновски информираше дека е побаран пријателски совет од Венецијанската комисија, кој ќе биде усвоен на седницата на 14 и 15 март, а ќе биде објавен на 17 или 18.

Тој изрази жалење за недоаѓањето на некои од неговите колеги на седницата, но истакна дека нема да дозволи никој да ја уценува или блокира работата на Уставниот суд.

„Минимум кворум за работа на судот се пет судии, одлуките се носат со пет гласа, освен ако не е потребно квалификувано мнозинство. Подготвителната седница ќе се одржи доколку се исполнети условите од минимум судии присутни за работа, рече Костадиновски.

Во однос на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, кој рече дека албанскиот јазик не е прашање за македонскиот Уставниот суд, претседателот на Уставен изјави дека тие изјави биле непримерни и недостојни.

„Ако влеземе во коментари на странски државници, тоа не е моја работа. Но, секоја изјава од домашен или од странски чинител, што изразува сомнеж или етикетира наше постапување, должен сум да реагирам и реагирам,“ додаде тој.

Законот за употреба на јазиците, кој содржи 25 члена, беше изгласан во 2018 година, а стапи на сила во 2019 година.

Со иницијативите се оспорува и самиот негов назив, како и сите 25 члена. Се спори неговата проширена употреба во судските правосудните постапки, двојазичните униформи, симболите на парите, издавањето двојазички лични документи итн.

Венецијанската комисија во мислење од 2019 година забележа дека со ова законско решение не е прецизирано кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Комисијата тогаш оцени дека во одредени области законот може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка. Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенцијa за човекови права.

Одобрени пет кандидати за претседателските избори во Белорусија

Александр Лукашенко, претседател на Белорусија
Александр Лукашенко, претседател на Белорусија

Белоруската Централна изборна комисија (ЦИК) соопшти дека пет кандидати, вклучувајќи го и Александар Лукашенко, се пријавени за претседателските избори следниот месец, први откако по изборите пред четири години избувнаа немири, а опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.

Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, се очекува лесно да стигне до седмиот последователен мандат, бидејќи другите четворица кандидати објавени од ЦИК на 23 декември се сметаат за провладини кандидати.

„Лукашенко го објави датумот на неговиот „реизбор“ - 26 јануари. Тоа не е вистински изборен процес, спроведен во атмосфера на терор“, изјави прогонетата опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја, која се кандидираше против Лукашенка на изборите во август 2020 година, откако нејзиниот сопруг Сјархеј Цихануски, беше уапсен и затворен за време на кампањата.

„Нема да бидат дозволени алтернативни кандидати или набљудувачи. Ги повикуваме Белорусите и меѓународната заедница да ја отфрлат оваа фарса“, нашиша Циханускаја на платформата X.

ЦИК соопшти дека покрај Лукашенко, Олех Гајдукевич, Серхеј Сиранков, Ана Конапатскаја и Аљаксандер Хижњак добиле одобрение да учествуваат на изборите.

Масовните улични протести следеа по спорните претседателски избори во 2020 година кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.

Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.

Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.

Цихануски, како и други опозициски политичари и активисти, беа уапсени, а многумина беа осудени на долги затворски казни. Многу опозициски лидери остануваат во затвор или во егзил, додека Лукашенко одбива дијалог со неговите критичари.

Циханускаја беше принудена на егзил во 2020 година. Нејзиниот сопруг подоцна беше осуден за организирање на немири, меѓу другите обвиненија, и беше осуден на 18 години затвор.

Бајден преиначи 37 смртни казни во доживотен затвор

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ги преиначи казните на 37 од вкупно 40 осуденици на смрт. Според одлуката на 37 осуденици казната им е преиначена во доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Со тоа Бајден го осуети планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за забрзување на темпото за извршување на смртните казни.

Одлуката за помилување на еден претседател не може да биде поништена од неговиот наследник.

Трамп за време на првиот мандат (2017-2021) повторно ги почна федералните егзекуции по пауза од 20 години, додека Бајден, уште во кампањата соопшти дека е против смртната казна, а по преземањето на функцијата, во јануари 2021 година, ги стопираше егзекуциите.

Неодамна Бајден им ги ублажи казните на приближно 1500 затвореници кои беа ослободени од затвор и ставени во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирус и помилува 39 други кои беа осудени за ненасилни злосторства. Помилувањето следеше по општата амнестија за неговиот син Хантер, кој беше гонет за оружје и даночни прекршоци.

Франција ги засилува безбедносните мерки на божиќните базари

Парис, Франција
Парис, Франција

Франција најави примена на засилени безбедносни мерки, слични на оние од Олимписките игри, за време на божиќните базари, кои привлекуваат голем број посетители низ целата земја.

Мерките предвидуваат строга контрола врз лица означени како потенцијални закани за безбедноста, вклучувајќи ограничувања за движење.

Сепак, правниците и активистите ја критикуваат примената на мерките познати како МИКАС, кои дозволуваат административен надзор без судска постапка.

Еден од засегнатите, чеченски бегалец познат како Халед, изјави дека поради мерките ја пропуштил можноста да се запише на студии. Судот делумно ги укинал ограничувањата, но за него било предоцна.

„Овие мерки сè повеќе се користат како инструмент за предиктивна правда, наместо за справување со реални закани“, предупредува адвокатот Давид Поансинјон.

Министерството за внатрешни работи објави дека овие мерки се дел од стратегијата за спречување на терористички напади, особено по смртоносниот напад на божиќен базар во Магдебург, Германија.

Кина достави информации за истрагата на оштетените кабли во Балтичкото Море

Kинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ по повеќе од еден месец мирување во дански води повторно е во движење
Kинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ по повеќе од еден месец мирување во дански води повторно е во движење

Кина достави информации и документи за заедничката истрага на двата оштетени подводни кабли во Балтичкото Море и ги повика Германија, Шведска, Финска и Данска да учествуваат во истрагата, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина.

Портпаролката на министерството, Мао Нинг, изјави на прес-конференција дека Кина ги информирала сите засегнати страни и е подготвена да соработува.

Истрагата беше иницирана откако во ноември беа прекинати два оптички кабли, еден меѓу Финска и Германија, а друг меѓу Шведска и Литванија. Оштетувањето предизвика сомневања за саботажа и загриженост за безбедноста на критичната инфраструктура.

Шведската крајбрежна стража соопшти дека кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“ по повеќе од еден месец мирување во дански води повторно е во движење. Минатата недела, Кина дозволи претставници од Германија, Шведска, Финска и Данска да извршат инспекција на бродот.

„За да соработуваме со истрагата, бродот беше задржан подолг период. Поради здравјето на екипажот, сопственикот одлучи да го продолжи патувањето по консултации со засегнатите страни“, изјави Мао.

Се верува дека кинескиот брод „Ји Пенг 3“ бил во таа област во времето кога биле пресечени каблите. Пекинг негираше дека е вмешан во саботажите и изрази подготвеност да соработува со Шведска и други земји.

Бродот го напуштил руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември и два дена подоцна бил пресечен кабел меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд. На 18 ноември бил пресечен и кабел што оди од Хелсинки до Росток. Податоци од сајтови кои следат бродови покажуваат дека „Ји Пенг 3“ пловел преку каблите во времето кога биле пресечени.

„Вол стрит џурнал“ објави дека истражителите се сомневаат дека бродот намерно ги оштетил каблите така што го фрлил и влечел сидрото по морското дно повеќе од 160 километри.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатата недела кажа дека никој не верува дека каблите биле пресечени случајно.

Декемвриската синдикална кошница зголемена за 840 денари од ноемвриската

илустрација
илустрација

Минималната синдикална кошница за декември годинава изнесува 62 861 денари и е за 840 денари повисока отколку во ноември годинава кога изнесуваше 62 021 денар. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, таа изнесува 78 236 денари, соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23 075 денари или 36,7 отсто, за облека и обувки 5728 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6020 денари или 9,6 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2087 денари или 3,3 отсто, за здравје 1135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4727 денари или 7,5 отсто.

Потрошувачка кошничка: Што може да си дозволи семејство со две просечни плати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:28 0:00

За комуникации на едно четиричлено семејство во декември годинава му биле неопходни 3417 денари или 5,4 отсто, за рекреација и култура 4458 денари или 7,1 отсто, за образование 6984 денари или 11,1 отсто, за ресторани и хотели 4131 денар или 6,6 отсто, а за останати стоки и услуги 1100 денари или 1,7 отсто. Доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 21 395 денари.

Сојузот на синдикатите на Македонија бара мерките за намалување на цените и ограничување на маржите да траат подолго, а следната мерка да биде без претходна најава за трговците и стопанствениците, за да не прават злоупотреби со цените.

„Забележително е дека од септември кога беше воведена првата мерка од страна на Владата за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат, делот на храната и пијалоци во Синдикалната минимална кошница кој за декември изнесува 23 075 денари спореден со септември 2024 година (23 034 денари) е зголемен за 41,00 денари, со што се потврдува дека мерки се потребни почесто имајќи предвид дека од страна на трговците се злоупотребува секоја прилика за да се богатат на грбот на граѓаните и работниците“, се вели во соопштението.

Од ССМ додаваат дека загрижува тоа што трговците повторно го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и, како што се наведува, „евидентно ги зголемија цените, а дополнително и вредноста на Синдикалната минимална кошница за храна и пијалоци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23 075 денари е зголемен за дополнителни 397 денари, наместо да биде намален за најмалку 10 отсто“.

Хил: Нема најави за санкции против Нафтената индустрија на Србија

Амбасадорот на Соединетите Држави во Србија, Кристофер Хил
Амбасадорот на Соединетите Држави во Србија, Кристофер Хил

Амбасадорот на Соединетите Држави во Србија Кристофер Хил изјави дека нема најави дека ќе бидат воведени санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руска сопственост.

Тој за РТС изјави дека постои загриженост за тоа дали НИС во рацете на Русија на некој начин помага да се финансира војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.

„Можам да ви кажам дека откако Русите го купија НИС, постои голема загриженост за тоа, бидејќи таа е единствената рафинерија во Србија и бидејќи е во мнозинска сопственост на Русите, таа со години загрижува многу луѓе. Таа загриженост е уште поголема поради фактот што Русија продолжува да води варварска војна против Украина“, рече Хил.

Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Газпром Нефт и нејзината чадор компанија Газпром.

Гаспром нефт беше на црната листа на Европската Унија и САД во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим.

„Ќе видиме каков ќе биде исходот. Сакам да ве уверам дека конечната одлука нема да влијае на српската економија на кој било начин“, додаде Хил.

Стејт департментот на 16 декември во одговор до РСЕ соопшти дека САД јавно не објавуваат дејствија поврзани со санкции.

Како одговор на истрагата на РСЕ, беше наведено дека САД „остануваат посветени на нарушување на приходите и набавките и финансиските мрежи на Русија кои се користени за поддршка на нејзината војна против Украина“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 13 декември изјави дека САД планираат да воведат санкции кон НИС поради руската сопственост и дека Велика Британија ќе се приклучи на тие санкции. Еден ден подоцна, тој изјави дека се уште не го видел официјалниот документ со кој САД воведуваат санкции за НИС, но дека има „некаква официјална потврда“ дека одлуката ќе стапи на сила на 1 јануари поради руската сопственост.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Белград одбива да се приклучи на западните санкции против Москва и продолжува да одржува односи со официјални лица во Кремљ.

Србија е доминантно зависна од Русија во енергетскиот сектор, иако почна да ги диверзифицира насоките и изворите на снабдување со гас.

Грузиската претседателка повика на нов датум за избори до 29 декември

Грузискaта претседателка Саломе Зурабишвили
Грузискaта претседателка Саломе Зурабишвили

Грузискaта претседателка Саломе Зурабишвили ја повика владејачката партија Грузиски сон, која важи за блиска до Русија да одреди датум за нови парламентарни избори до 29 декември поради немирите кои беа предизвикани од последните избори и едностраната одлука на партијата да ги одложи преговорите со Европската Унија.

Зурабишвили е во судир со партијата откако победи на парламентарните избори во октомври, за кои имаше обвинувања за изборна измама. Опозицијата одби да го признае гласањето, обвинувајќи го Грузиски сон за фалсификување на гласањето за да се држи до власта.

Во говорот доцна на 22 декември, таа го покани рускиот милијардер Бидзина Иванишвили, поранешен премиер и основач на Грузиски сон, во претседателската палата на разговори за одредување датум за избори.

Грузиски сон негираше каква било изборна грешка и одби да размислува за нови избори и покрај речиси секојдневните протести поради неговата победа и неговата последователна одлука да ги прекине разговорите со 27-члениот блок до 2028 година.

„Иванишвили треба да дојде во палатата, а јас сум подготвен да седнам и да размислам како треба да се закажат изборите. Датумот на изборите треба да се договори до 29-ти“, рече Зурабишвили на митингот на авенијата Руставели во Тбилиси.

Поради технички проблеми за време на говорот, Зурабишвили рече дека ќе објави нова видео порака од обраќањето на 23 декември.

Грузија доби статус на кандидат за ЕУ во декември минатата година, но односите со Брисел беа напнати во последните месеци по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ протуркан во парламентот од владејачката партија.

Критичарите велат дека законот им се заканува на медиумите и групите на граѓанското општество и го отсликува сличниот руски закон што го користи Кремљ за да ги задуши политичките противници и граѓанското општество.

Грузиски новинари претепани од маскирани лица на тековните протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Иако првично беше поддржана од Грузиски сон за нејзината успешна претседателска трка во 2018 година, Зурабишвили беше трн во окото на владејачката партија. Иако официјално претседателот во Грузија ограничена церемонијална улога, Зурабишвили го критикуваше Грузиски сон за неговиот се поавторитаристички став.

Претходно овој месец, изборниот колеџ во кој доминира Грузиски сон го избра Михаил Кавелашвили, 53-годишен поранешен фудбалер и десничарски популист, за следен претседател на Грузија.

Неговата инаугурација треба да се одржи на 29 декември, иако 72-годишната Зурабишвили, чиј мандат завршува оваа година, рече дека нема да оди никаде.

Откако владејачката партија Грузиски сон прогласи победа на изборите на 26 октомври, протестите повторно започнаа и се интензивираа откако владата соопшти дека ги прекинува разговорите со Брисел за обидот на Тбилиси да се приклучи во ЕУ, најголемиот донатор на Грузија.

update

Социјалдемократите ќе ја предводат владата на Романија, Чолаку именуван за мандатар

Марчел Чолаку од Социјалдемократската партија
Марчел Чолаку од Социјалдемократската партија

Претседателот на Романија, Клаус Јоханис денеска (23 декември) му го даде мандатот за формирање на влада на актуелниот премиер Марсел Чолаку.

Социјалдемократска партија на Чолаку во анкетите на парламентарните избори на 1 декември беше на прво место.

За мандатарот и новата влада треба да се дебатира во Парламентот.

Според договорот, СДП ќе раководи со осум министерства, вклучувајќи ги правосудство, транспорт, труд и одбрана. Повеќето од сегашните министри на партијата ќе ги задржат своите позиции.

Центристичката Национално-либерална партија (НЛП) ќе има шест министерства, меѓу кои енергетика, внатрешни и надворешни работи, додека Демократската унија на Унгарците во Романија (ДУУР) ќе предводи две министерства, од кои едното за финансии.

Трите партии, заедно со претставници на етничките малцинства, формираат минимално мнозинство во парламентот.

На изборите одржани на 1 декември, СДП освои најмногу места, но три ултранационалистички и крајно десничарски партии, некои со проруски симпатии, добија околу една третина од мандатите.

Новиот кабинет ќе мора да одобри календар за нови претседателски избори, откако првиот круг од гласањето на 24 ноември беше поништен од Уставниот суд поради сомнежи за надворешна вмешаност и манипулации.

Во вториот круг требаше да се соочат независниот десничарски кандидат Калин Георгеску и Елена Ласкони од центристичкиот Сојуз за спас на Романија (ССР).

Владата исто така ќе се соочи со сериозен економски предизвик: намалување на буџетскиот дефицит, кој е највисок во ЕУ, од 8,6 отсто од БДП оваа година на околу 7 отсто до 2025 година. Според аналитичари, тоа ќе бара зголемување на даноците

Јужнокорејската опозиција бара да се објави законот за истрага за воената состојба

Привремениот претседател на Јужна Кореја, Хан Док-су
Привремениот претседател на Јужна Кореја, Хан Док-су

Најголемата јужнокорејска опозициска партија се закани дека ќе го отповика привремениот претседател Хан Док-су доколку тој не го објави законот за создавање специјална комисија за истрага на неуспешниот обид на соборениот претседател Јун Сук-јол да воведе воена состојба.

Премиерот Хан ја презеде функцијата од Јун, кој беше сменет од функцијата од парламентот на 14 декември и Уставниот суд на земјата чека одлука дали конечно да го признае импичментот.

Опозициската Демократска партија, која има мнозинство во парламентот, претходно овој месец гласаше за закон за назначување специјална комисија за покренување обвиненија против конзервативецот Јун, вклучително и бунт, и за истрага на неговата сопруга во врска со скандалот со луксузни чанти и други обвиненија.

Партијата, која го обвини Хан дека му помогнал на Јун да воведе воена состојба и го известил во полиција, рече дека „веднаш ќе побара постапка за импичмент“ на привремениот претседател доколку тој не го објави законот до утре.

Хан неодамна изјави дека се обидел да го блокира прогласувањето на воена состојба на Јун и се извини што не успеал.

Заедничкиот истражен тим во кој беа вклучени полицијата и Канцеларијата за високи истраги за корупција направи втор обид да го повика Јун на сослушување на 25 декември, иако не е јасно дали тој ќе се појави.

Шефот на националната полициска истрага У Јонг-су изјави денеска во парламентот дека полицијата двапати се обидела да изврши рација во канцеларијата на Јун, но претседателската служба за безбедност одбила да ги пушти полицајците. У Јонг-су додаде дека неговиот тим му испратил барање да ги зачува доказите, вклучително и безбеден телефонски сервер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG