Госпоѓо Грујовска, бугарските историчари и политичари деновиве бараат да биде признаена историската вистина за наводни бугарски корени на македонскиот јазик. Кои се, според вас, корените на македонскиот јазик?
Корените на македонскиот јазик, исто како корените на бугарскиот јазик, на српскиот, на рускиот, украинскиот, на словенечкиот, на сите словенски јазици, значи корените се словенски всушност. И конкретно овие народи што живеат овде на Балканот, своите корени ги имаат во старословенскиот јазик. Оној јазик на кој браќата Кирил и Методиј всушност ја направиле првата азбука, прво глаголицата, потоа нивните ученици кирилицата и на којшто, овој старословенски јазик, ги описменувале Словените ширум Европа, до Моравија нагоре и потоа симнувајќи се повторно надоле нивните ученици до Македонија, до Бугарија итн., поминувајќи ги Хрватска, Србија. Што сакам да кажам? Овие јазици сите имаат иста основа, исти корен, тоа се ако земеме да го следиме старословенскиот јазик и потоа развојот на црковно-словенскиот, на словенските јазици, ќе видиме дека тука имаме всушност идентичен, а различен развој. На идентичен начин се случувале разликите. Ако во старословенскиот имаме ронка за рака, во српскиот имаме рука, во македонскиот-рака, во бугарскиот р’ка. Тоа е она што сакам да го кажам имаме еден развој на гласовите од старословенскиот јазик, преку црковно-словенскиот развој на варијанти, па затоа постоеле различните варијанти на црковно-словенскиот, постои и македонската варијанта на црковно-словенскиот јазик. Оваа варијанта на црковно-словенскиот јазик, македонската варијанта е почетокот, е зародишот на денешниот литературен, стандарден македонски јазик, на современиот македонски јазик. И тука веднаш би го споменала и Крсте Мисирков, тој се родил на 18 ноември 1874 година во Постол, Егејска Македонија. Крсте Мисирков во 1903 година во петтата статија од неговата книга „За македонските работи“, всушност ја прави првата кодификација на македонскиот јазик. Тоа е една неофицијална кодификација. Зошто? Затоа што кодификација прави држава. А ние во 1903 сме немале држава, меѓутоа тоа што го кажал Крсте Мисирков потоа само го востановиле, го утврдиле и вистинските кодификатори на јазикот. И што вели Крсте Мисирков? Вели дека треба да имаме еден современ правопис, да се оттргнеме од историјата и да направиме еден современ правопис онака како што правеле на крајот на 19-от век сите современи нации во светот. Правописот и моделот на пишување да стане близок до широките народни маси за полесно да се описменуваат. Крсте Мисирков тоа го кажува. Потоа кажува дека сите говори, сите дијалекти да даваат свој придонес во идниот речник на македонскиот јазик, да се црпат зборови од сите говори, што е многу битно и ја поставува основата, оската на идниот литературен македонски јазик. Велешки, прилепски, битолски, на едно место кичевски, на друго место охридски, од разни причини и кажува зошто, затоа што на тој начин ќе бидеме најдалеку од соседите и ќе покажеме дека сме поинакви, дека сме различни, да се види различноста на македонскиот јазик.
Бугарската академија на науките има став дека македонскиот јазик не постои и дека е писмено регионална форма на бугарскиот јазик. Кои се научните аргументи за ваквите тврдења на бугарските академици?
Постојано го повторувам дека тоа е на еден дел од бугарските академици, на дел од научната јавност, не на целата, затоа што деновиве следиме и читаме за дневно политички потреби ги користат оние што велат дека ние сме некоја дијалектна форма. Сега јас сакам нешто да ве прашам? Ако во овој институт за македонски јазик Крсте Мисирков формиран од Блаже Конески во 1953 година Трајко Стаматоски, Тодор Димитровски, Благоја Корубин, Крум Тошев, ако дошле најголемите славистички и лингвистички умови од Европа, Америка и од светот, дали тие дошле да ја чествуваат дијалектната различност на бугарскиот јазик или дошле овде за да го проучуваат македонскиот јазик? Тоа е првиот аргумент за прифатеноста. Потоа на сите славистички конгреси кои се случуваат на секои пет години, македонските лингвисти се ценети, почитувани, прифатени. На последниот во Белград имав и нас свое излагање. И многу наши колеги тука од институтот, од Филолошкиот факултет, од МАНУ, сакам да речам дека сме прифатени секаде во светот и едноставно, би рекла, ова се работи за дневно политички потреби. Зошто? Затоа што мислат дека на овој начин можат да направат некоја штета за Македонија, за Република Северна Македонија, за македонскиот народ и за нашите аспирации кон ЕУ.
Дали можеме да заклучиме дека политиката ги извртува научните факти?
Е, тука е заклучокот. Секогаш со добра волја може да се најде решение доволно достоинствено за сите. Блаже Конески, таткото на современиот, стандардниот македонски јазик, тој беше наш професор, ние сме негови ученици и следбеници, ние не можеме да речеме нашиот професор згрешил.
Историски факт е дека македонскиот јазик е кодифициран, односно официјално озаконет во 1945 година. Дали тоа, госпоѓо Грујовска значи дека во периодот пред таа година не се зборувал македонскиот јазик?
Како не се зборувал македонскиот јазик? Еве сега да земеме неколку примери. Бели Мугри од Кочо Рацин објавена 1939 година. Тој јазик е толку близу до денешниот стандарден јазик со мали примеси од велешкиот, меѓутоа е многу близу до литературниот јазик, тоа е речиси литературен јазик во книга од 1939 година. Потоа имаме во 1940 и 1941 – Молскавица и Пеш по светот од Коле Неделковски. Па зошто фашистите го фрлија од зградата Коле Неделковски, затоа што не сакал да се откаже од својот мајчин јазик и од идејата да твори на мајчин македонски јазик. Сакам да кажам, јазикот постоел. И не само тоа, ако ги земеме книгите од цел 19 век, почетокот на 20 век, значи тука имаме примена, употреба на македонскиот јазик. Имаме одлични драми напишани меѓу двете светски војни. Претходно, во 19 век, имаме речници на повеќе јазици, на Ѓоргија Пулески, четиријазичникот на Данаил. Тоа се луѓе кои кажувале овде во Македонија, на овој простор, на нашите луѓе освен македонски им треба да ги знаат и другите јазици за да може да функционира еснафот, трговијата. И сега што се случува? Тие прават речници на четири јазика, на три јазика, заедно со македонскиот, тука е албанскиот, турскиот, влашкиот, грчкиот јазик, за да се покаже различноста на јазиците, од друга страна и потребата за заемно разбирање и за соживот.