Достапни линкови

Што по ветото од Бугарија, лидерска или парламентарна дебата?


Архивска фотографија-Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес, 10 ноември 2020
Архивска фотографија-Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес, 10 ноември 2020

Опозицијата смета дека по бугарското вето е неопходна лидерска средба за да се прецизираат македонските позиции, а власта пак дека нема потреба од такво нешто. Марко Трошановски од Институтот за демократија, смета дека подобра опција е декларација во Собранието, но предупредува на внимателност.

Ден откако Бугарија го блокираше македонскиот евроинтеграциски пат поради нерешени прашања на релација Скопје-Софија, стратегијата на власта во однос на внатрешната поставеност кон проблемот нема да се смени. Засега не е планирана лидерска средба или каков било друг формат во кој ќе биде вклучена и опозицијата, упатуваат одговорите што ги доби РСЕ од надлежните. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа велат дека засега нема најави за свикување на лидерска средба поради случувањата со Бугарија.

Од владата, пак, се повикуваат на изјавата на премиерот Зоран Заев, па велат дека нема потреба од лидерска средба оти имало јасна стратегија и побараа конструктивност од сите чинители.

„Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање“,рече Заев во телевизиско гостување.

Марко Трошановски од Институтот за демократија, пак, смета дека за проблемот со источниот сосед консензус е потребен.

„Секако треба нова средба на која би застанале сите политички партии како поддржувачи на некакви црвени линии кои би ги имале и зад некаква преговарачка стратегија меѓутоа мислам дека за тоа треба да оставиме во декември, кога се очекуваат најтинзевните дипломатски активности кои не би требало да бидат загрозени од разни политички изјави “, вели Трошановски.

Дека месецов до декември престојат интензивни разговори во обид да се најде решение најави и германскиот министер за Европа Михаел Рот по состанокот на Советот за општи работи на кој Бугарија, очекувано, ја блокираше преговарачката рамка за земјава. На таа изјава од германскиот почитичар се повика и премиерот Заев во неговиот статус на Фејсбук, нагласувајќи дека до декември постојат уште можности.

„Tреба да продолжиме во духот на дијалог, а не низ конфликти, да дојдеме до решение. Во вакви ситуации е многу лесно да се удираме во гради, но нашата намера е да бидеме рационални и да ги придвижиме работите според очекувањето на нашиот народ, а тоа е да чекориме и понатаму кон ЕУ“, напиша Заев.

Опозицијата, пак, бара негова оставка. Во соопштението тие се повикуваат на изјава на премиерот дадена пред ланскиот октомвриски самит кога Франција не дозволи почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија со барање за нова преговарачка методологија. По тој самит Заев си поднесе оставка, па предвремените избори се одржаа на 15 јули годинава, по што победи СДСМ и формираше влада. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски инсистира на лидерска средба и го обвинува Заев зошто не сакал.

„Зоран Заев не сака лидерска средба затоа што пред Владата изнесов јасен и прецизен став за неменување на Уставот, за посебноста на јазикот, идентитетот и правата на македонското малцинство. Заев не го слушнавме тоа да го направи. И конечно, проектот СДСМ и Зоран Заев заврши!“, наведува Мицкоски на Фејсбук.

Инаку претходно, во месецот на интензивни разговори со источниот сосед кои се водеа главно на ниво на министерства за надворешни работи на двете земји, опозицијата имаше два обиди да организира комисиска седница во Собранието на која владините претставници ќе реферерираат за разговорите, но и двата обиди беа неуспешни откако не дојдоа ниту шефот на дипломатијата Бујар Османи, ниту вицепремирот за евроинтеграции Никола Димитров.

Според Трошановски, декларација која би била донесена во Собранието е најдобра опција.

„Декларација во парламентот ни е потребна, но повторно и тука мора да се внимава тоа да не биде политичко партиски циркус кој што е само во интерес на добивање поени како што е ситуацијата со борбата против коронавирусот или претходно Преспанскиот договор. Инаку да, дефинитивно, би требало да застане парламентот, не лидерски средби, туку парламентот да застане зад некаква декларација“, вели Трошановски.

Во меѓувреме, во Бугарија и ден по блокадата во парламентот се дебатираше за релациите на Софија со Скопје, па министрите за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов одговараа на пратенички прашања.
Захариева рече дека за жал веќе имаат долг список случаи во кои Скопје не се придржувало до потпишаните двострани документи. Таа додаде дека додека не добијат правна рамка и од Скопје и во контекст на преговарачкиот процес со ЕУ нивната политика нема да биде променета и дека нема да дадат согласност одржување на првата меѓувладина конференција.

Инаку вчера, на Состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, кој се одржа онлајн, Бугарија и официјално стави вето на преговарачката рамка за земјава со што оневозможи првата Меѓувладина конференција да се одржи во декевмри. Германскиот министер за Европа Рот, чија земја до крајот на годинава претседава со ЕУ, ги повика двете страни да најдат решение наведувајќи дека има простор до декември, до кога трае и нивното претседателство, а треба да се одржи уште еден министерски состанок.

Рот прецизираше дека официјална Софија бара да има јасна дистинкција меѓу долгото и краткото име на државата, Северна Македонија и Република Северна Македонија, а и за употребата на македонскиот јазик, за кој како што претходно соопштија бугарските власти инсистираат да се употребува формулацијата јазик според Уставот. Премиерот Заев синоќа во интервју за ТВ 21 рече дека „сигурни сме во нашиот идентитет, а македонскиот јазик е непобитен“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG