Државните институции платиле најмалку 600 илјади евра само во првата половина од годинава за задоцнетите обврски кон правни и физички лица преку извршители, покажуваат податоците од владината платформа „Отворени финансии“. Сумите достигнуваат и до 17 илјади евра за единечно побарување кое извршител го наплатил од државна каса. Во системот речиси и да нема инститиција на која годинава „на врата и чукнале извршители“.
Извршителски рекорд годинава во реализирана наплата од Министерство за внатрешни работи во еден ден изнесува речиси 13 илјади евра од само еден налог реализиран на 13 јануари годинава. Додека на 30 ноември со 20 налози од МВР извршител повлекол 5 илјади евра од благајната.
Според пресметките кои ги направи Радио Слободна Европа од сметката на министерството за внатрешни работи од почетокот на месецов до сега од буџетската каса на министерството за внатрешни работи извршители повлекле 4 427 651 денари односно 72 илјади евра, во име на правни или физички лица, обврски кои министерството не си ги платило во рокот кога требало. Извршители велат дека од МВР најчесто извршуват наплата за неисплатени додатоци во плата за работа во ноќна смена или празници , надоместоци за продолжено работно време како и за јубилејни награди кои на вработените не им биле исплатени, па преку суд вработените си ги барале парите, велат извршителите.
За разлика од министерството за внатрешни работи кое во првите шест месеци од годинава исплатило речиси 200 илјади евра кон извршителски сметки, од касата на министерството за одбрана за првата половина од годинава се исплатени преку извршители вкупно 4 илјади евра, покажуваат податоците од „Отворени финансии“. Овие две министерства се земени како примери затоа што вработените во нив, според досегашната неколкугодишна практика, правата за додатоци во плата неретко ги бараат преку судот.
Извршувањето на судските пресуди за наплата на неисполнети финасиски обврски со некои институции оди полесно, но со некои многу потешко, вели претседателот на комората на извршителите Ванчо Марковски. Тој посочува дека досегашната пракса покажала дека не секогаш е полесно да се спроведува извршување врз државен орган по однос на побарувања од правни или физички лица.
„Има сегменти кога извршувањето против држани органи се извршува полесно, но има случаи кога спроведување на извршување против државни органи или јавни претпријатија формирани од државата или локалната власт, се спроведува многу потешко. Еве како пример ќе го наведам јавното претпријатие „ Македонија пат“ нема никакво извршување со годиништа наназад. Исто така можам да ви потврдам дека не се спроведува извршување кон јавни претпријатија кои се основани од единици на локална самоуправа или многу тешко се изведува извршувањето“, вели Марковски.
Тој објаснува дека причината за неизвршување на неплатени обврски на „Македонија пат“ кон приватни и физички лица кои за тоа добиле пресуда од Судот е лимитот кој што го има ова претпријатие, односно Основен суд Скопје 2 донел решение за дозволен лимит од 90 милиони денари.
„ Тој месечен лимит не може никогаш да се достигне и од таа причина не може да се спроведува извршување врз парични побарувања на доверители спрема Македонија пат“, вели Марковски.
Тој посочува дека некои единици на локална самоуправа имаат блокирани сметки, но не секогаш причинител на тоа се извршителите затоа што сметки може да блокираат и УЈП и Царинска управа. Тој посочува дека од друга страна од должниците се доверителите, правни или физички лица кои не можат да си ги наплатат услугите кои си ги извршиле и правото за наплата си го побарале и добиле по судски пат.
Обвинители своите права за исплата на надоместоци по судска пресуда си ги побарале преку извршители и со тоа се блокирани сметките на најмалку 6 обвинителства во земјава. Станува збор за Основните јавни обвинителства во Битола, Тетово, Струга, Охрид, како и вишото обвинителство во Битола и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.Потребни им се вкупно 160 илјади евра за деблодака на сметките.
Според податоците од дата базата „Отворени финансии“ во првата половина годинава вкупно 217 пати извршиле наплата од сметките на јавните обвинителства во земјава за вкупни побарувања од 70 илјади евра. Во период од јули до октомври од обвинителските сметки преку извршители 86 пати биле наплатувани долгови во вредност од 26 илјади евра.
Само во еден ден, на 5 март извршителка од обвинителската каса наплатила 10 822 евра за неисплатени обврски. Рекордот во наплата на истата извршителка по основ „главен долг за извршени исправи“ е од буџетот на УКИМ Медицински факултет. Оттаму извршителката наплатила 260 илјади евра во два наврати и тоа 143 илјади евра во март 2015 година и јуни истата година 113 илјади евра.