Достапни линкови

Новиот Тарифник ги налути извршителите


Со еднодневен прекин на работата, извршителите во државата покажуваат револт кон предложениот Тарифник со коj максималната награда за извршителот се намалува од 1000 на 300 евра. Граѓанските активисти пак, ја поздравуваат оваа владина иницијатива и предлагаат враќање на извршувањето во судовите.

Стотина извршителски канцеларии ширум земјава денеска се под клуч. Еднодневниот прекин на работа следува како знак на револт од најновите измени во законот за извршување и предложениот нов Тарифник кој го најави министерката за правда Рената Десковска, а со коj се предлага намалување на максималната награда за извршителот која можат да ја наплатат при извршување од сметките на граѓаните. Наместо како досега 1000 евра, таа според новиот тарифник се предлага да изнесува 300 евра.

Од Комората за извршители велат дека за нив се неприфатливи новите предлози на ресорното министерство, но се надеваат дека ќе успеат да најдат заеднички јазик и модел кој ќе биде во корист и на граѓаните и на извршителите.

„Денешниот прекин на работата е предупредувачки штрајк, но доколку министерството за правда пристапи кон измена на тарифата како што е предложено, без позитивно мислење на Комората, извршителите трајно ќе прекинат со работа сметано од денот на објавата на изменетата“, велат од Комората.

Една од опциите со кои се закануваат извршителите е дека ќе и предложат на Владата измени во законот со кој извршувањето ќе се врати пак во судовите, како што беше порано, но како што додаваат, тоа би било крајно неефикасно, а последиците во однос на наплатата би биле големи.

Од граѓанското здружение „Стоп за извршителите“ пак, кои се револтирани од работата на извршителите, ги поздравуваат најновите предлози и измени во делот на извршителите и извршувањето.

„Тарифата е драстично намалена, тоа е за поздравување, тоа ќе биде добар потег на Владата. Но нашата организација смета дека не треба да има приватни извршители, туку дека тие треба да бидат дел од судската власт и да работат за солидна плата. Тие денеска се будат како буржуазија, а всушност се под државна каса. Тоа е една апсурдна ситуација, бидејќи нив државата преку закони некогаш им дозволила да може вака да работат“, вели Ана Глигорова од граѓанското здружение „Стоп за извршителите“.

Глигорова обвинува дека голем дел од извршителите многупати го злоупотребиле законот и направиле тешки кривични дела во начинот на извршување. И од ова здружение најавуваат продолжување на протестите по Новогодишно-Божиќните празници. Тие бараат да се исполнат нивните барања како што се запирање на блокирањето на сметките, ограничување на времетраењето на наплата на долгот и регулирање на застареноста на долговите.

Од Министерството за правда велат дека се разгледуваат сите опции за да се постигне правичност при извршувањето. За во сабота е најавена владината седница на која како што информираат од правда, ќе се разговара не само за новиот Тарифник, туку и за измени во законот за извршување, но и за други закони кои засегаат прашања околу извршувањето, како на пример, отпис на камати и репрограмирање на долгот кај граѓаните.

Инаку, извршителите во Македонија лани наплатиле околу 127 милиони евра од граѓани, фирми и други должници. Според годишниот извештај на Комората, ова е наплата од реализирани 55,69 отсто од вкупно 112.250 барања за извршување. Најмногу пари во 2018 година извршителите наплатиле од должници правни лица - 78.778.108 евра, потоа од физички лица - 33.432.971 евра, а од државата 15.946.914 евра, се наведува во извештајот на Комората.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG