Надлежните од една страна велат дека нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки за спречување на коронавирусот и оти чекаат сегашните да дадат резултат, но од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче вели дека со оваа динамика на заболување болничките капацитети забрзано се пополнуваат.
Овие нејасни и некогаш противречни пораки може да предизвикаат забуна кај граѓаните.
Експертот за политички маркетинг Бојан Кордалов вели дека ова се кризни времиња и треба многу да се внимава што и како ќе се каже за да се влее доверба кај граѓаните. Темата не треба да се политизира, а важно е надлежните во здравството да испраќаат конзистентни пораки. Такви пораки треба да испраќаат и сите општествени и политички структури, а важно е, како што вели, и каква комуникациска стратегија се гради на оваа тема.
„Ова е комуникација во време на криза и многу е важно, кога, што и на кој начин ќе се каже. Често апелирам на потребата од колку што е можно поголема предвидливост во комуникацијата, мора да се обидеме, да смогнеме сили, врз научна база, здравствените експерти да постават бројки, да знаеме колку многу е многу, што е пик, не пик на болни, но пик на болни луѓе што нашите болници може да го поднесат, сè она што е научен и здравствен факт. На тој начин да се искомуницира, да се каже кога е постигнат пикот и кои мерки ќе следуваат во конкретни општини или на ниво на цела држава, кога ќе имаме некои хибридни мерки и кога е ниска вредност или кога нема да имаме никакви дополнителни работи кои треба да се преземат. Ако на тој начин ги поставиме работите, во голема мерка ќе може да ги вклучиме граѓаните да бидат сојузници во оваа битка“, вели Кордалов.
Тој вели дека пораките треба да бидат јасни, со едноставен јазик, за да стигнат до секој граѓанин, оти мора да се земе предвид дека луѓето се различни, со различни убедувања и верувања.
Во првите месеци од справувањето со кризата, министерот за здравство Венко Филипе добро се носеше и ја стекна довербата со јасна и конзистентна комуникација, која е многу важна во вакви моменти, но сега реалноста повремено или постојано веќе го демантира, вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски.
„Некои од изјавите не држат долго време, дел се и контрадикторни -дали има доволно места во болниците, дали нема, зошто се ослободуваат други ако има доволно места и слично. Информацијата што се споделува секако треба да е поконзистентна, јасна и секако точна. И во духот на денешниот ден, како што е потребен национален консензус за Бугарија, потребно е и за она. Кризата е толку голема и веќе станува, се чини, надвор од контрола, па треба да се искористат сите ресурси што ги имаме“, вели Кржаловски.
Тука посочува на пензионирани лекари и професори, за кои Филипче вели дека засега нема потреба да се ангажираат и неангажирани медицински лици.
Во болница 6,5 отсто од активните случаи
Заклучно со статистиката од 16 ноември во болница се лекуваат 1212 позитивни или суспектни на вирусот. Во земјава има 18488 потврдени активни случаи на заразени, што значи дека 6,5 отсто од активните се на болничко лекување. Од тие што се во болница, 433 се лекуваат во болниците во Скопје. Од минатата недела се отворија ковид одделенија на повеќе клиники, а се прават обиди за отворање на нови. Од Министерството за здравство секојдневно објавуваат соопштенија со број на хоспитализирани, и наведуваат дека слободни кревети има. Наведуваат и дека сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.
По средбата во понеделникот со директорите на клиниките во склоп на Клиничкиот центар, министерот за здравство Венко Филипче рече дека засега има стабилни бројки и според епидемиолошката слика очекува во периодот кој следи да има сè повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни, но дека сепак се подготвуваат за секакво сценарио. Се разгледуваат предлози и други клиники да ослободат дел до своите капацитети за лекување на болните со ковид, рече министерот Филипче на состанокот.
Од сè е по контрола до оди сè потешко
Во понеделникот вечерта, пак, министерот за здравство Венко Филипче во интервју за ТВ Сител рече дека веќе се наполните првите катови од зградите во интерните клиники, обезбедени се кревети и кадар, но дека оди сè потешко.
„Сè повеќе се исцрпуваат капацитетите во смисла на лекари, медицински сестри, тимови, интернисти, пулмолози и анестезиолози, како и болнички кревети. Спремни се и дополнителни капацитети и во ГОБ „8 септември“, но со оваа динамика навистина за кратко време може и тие дополнителни кревети коишто ги обезбедуваме да се пополнат. Веќе предвидуваме и места на хируршките клиники, но тоа може да значи, ако веројатно продолжи овој тренд, дека во еден момент ќе мора целокупниот нормален програм којшто сега сè уште функционира, системот за закажување „МојТермин“, редовните операции да почнат да се откажуваат и сите доктори, сестри да бидат посветени на лекување на пациентите со ковид-19“, рече Филипче.
Ден претходно, во изјава за медиумите, тој рече дека во овој момент сè уште нема потреба да се намали интензитетот на работи и закажување преку системот МојТермин.
Во меѓувреме, секојдневно на социјалните мрежи луѓе споделуваат ковид приказни, кои неретко завршиле и со трагичен крај, оти сè потежок е пристапот до здравствена заштита. По социјалните мрежи се бараат донори на крвна плазма, се собираат пари некој да се лекува на приватна клиника.
Бројките, заклучно со 16 ноември, говорат дека во моментов има официјално регистрирани 18488 активни случаи или секој стоти човек во земјава, во моментов има ковид. Од нив во Скопје има 8614 активни. Во скопските општини Аеродром, Гази Баба, Карпош, Центар и Кисела Вода има по над 1000 активни случаи. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 47636 позитивни на ковид, бројката на оздравени пациенти е 27803, а починати се 1345. Само вчера беа регистрирани 40 смртни случаи. Во последните недели секојдневно има по двоцифрен број на починати пациенти.
На 29 октомври со промена на Законот за заштита од заразни болести носењето маска стана задолжително и на отворен простор. Министерот Филипче тогаш рече дека се потребни околу две недели за да се види ефектот од досегашните мерки.
На 3 ноември владата донесе одлука после 21 часот да не работат угостителки објекти, освен за достава, и да нема групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 21 часот. Владата препорача граѓаните навечер да не се движат на јавен простор без поголема потреба. Од првата мерка поминаа три недели, а од втората две недели. Здравствените власти се против воведување карантин и построги мерки, во очекување сегашните мерки да дадат резултати. Но, од 29 октомври бројот на активни случаи е удвоен. Тогаш имало 9067, а во болница се лекувале 742, а имало 982 починати. После 20 дена имаме 18488 активни, хоспитализирани се 1212 луѓе а бројката на починати се искачи на 1345. Од 31 октомври секој ден има по двоцифрен број жртви.
Многу земји од регионот и во Европа воведоа порестриктивни мерки за да ги намалат високите бројки на новозаразени. Комисијата за заштита од заразни болести на состанокот во понеделникот не предложи нови мерки. Останува апелот за целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила, како што се забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.