И додека многу европски земји повторно воведуваат драконски мерки или полициски час за спречување на ширењето на вирусот, Шведска - која има забележано скоро 6.000 смртни случаи поврзани со ковид-19, една од највисоките стапки на смртност по глава на жител - само го прилагодува својот помек пристап со насочени измени.
Упсала, универзитетски град 70 километри северно од Стокхолм, кој забележа скок во случаите откако студентите се вратија наесен, воведе нови мерки. Меѓу другото, на локалното население му е препорачано да избегнуваат јавен превоз и личен контакт со луѓе надвор од сопственото домаќинство.
„Луѓето можат да издржат со толку строги упатства само во ограничен период. Не можете да започнете премногу рано и не можете да чекате премногу долго“, вели епидемиологот Андерс Тегнел, додавајќи:
„Со вакви мерки што ги воспоставивме, успеавме да постигнеме контрола над пандемијата во текот на пролетта и јас сум прилично сигурен дека можеме да имаме иста ситуација сега ако само го натераме населението да разбере колку е важно да се вратиме на однесувањето што го имавме оваа пролет.“
Земјата воведе и ограничувања на ноќните клубови. Најавувајќи ги новите мерки премиерот на Шведска Стефан Лофвен изјави:
„Денес владата донесе голем број одлуки, пред сè ги заоструваме правилата во врска со ноќните клубови за да нема гужви. Забавите во ноќните клубови треба да престанат сега и ова треба да биде случај за времето што е потребно за да немаме драматично зголемување на ширењето на инфекцијата.“
Сепак, Шведска останува единствената земја во светот што сè уште не препорачува маски за лице, тврдејќи дека тие обезбедуваат лажно чувство на безбедност што ги поткопува напорите за социјално дистанцирање.
Животот продолжува
Во главниот град Стокхолм, се чини дека секојдневниот живот се одвива речиси нормално, бидејќи локалното население се шета низ градот, спроти студено есенско време и оди во кафулињата, рестораните и продавниците што останаа отворени низ целата пандемија. И додека на сликите во медиумите повремено се гледаат преполни градски автобуси и ресторани, анкетите на шведската агенција за цивилни непредвидени состојби откриле дека 80 проценти од Швеѓаните го смениле однесувањето како резултат на препораките. Тие работат од дома или ги ограничуваат социјални контакти - иако нема казни или санкции за непочитување на истите. Во населбата Содермалм во Стокхолм, каде што претежно немаскирани велосипедисти и пешаци брзаа на работа во текот на утринскиот шпиц, Роџер Палмквист изјави дека му верува на шведскиот пристап. Но, тој призна дека полесниот шведски пристап веројатно нема да работи насекаде.
„Нема ништо што ве принудува, но Швеѓаните се такви какви што знаете, тие следат правила“, вели 60-годишниот морски капетан, истакнувајќи дека културите се различни во другите делови на Европа.
Свант Вергер, советник во шведската агенција за вонредни состојби вели:
„Сликата што ја добивме е дека луѓето сè уште сакаат да ги следат препораките, тие изјавуваат дека знаат како да се однесуваат, немаат недостаток на информации, како треба да прават и така натаму, но тие се некако малку уморни да го следат тоа постојано.“
Олеснување на другите мерки
Владата исто така ја укина својата специјална препорака од април за да се заштитат луѓето постари од 70 години и ризичните групи. Имаше загриженост дека мерката премногу ги изолира и доведува до други проблеми со јавното здравје, како што се депресија и осаменост.
Тие групи беа повикани да избегнуваат продавници, јавен превоз и секое место каде што се собираат групи луѓе. Претходно овој месец, владата исто така ја укина забраната за посета на домови за стари лица - едно од ретките ограничувања воведено за време на пандемијата.
Јавните собири на повеќе од 50 лица се забранети од крајот на март, но владата рече дека во четвртокот културни и спортски настани сега можат да примат 300 луѓе се додека седат со почитување на социјалното растојание.
Додека анкетите покажуваат дека мнозинството Швеѓани го поддржуваат пристапот на земјата, стратегијата има свои лоши страни. Некои ја обвинија Шведска дека игра руски рулет со животот на граѓаните, бидејќи бројот на починати е далеку поголем од соседните земји кои донесоа построги мерки. И неодамна во медиумите се разгневи лута дебата во врска со политиката на Шведска за лекување на повеќето постари пациенти со ковид-19 со палијативна нега, сметајќи ги премногу слаби за интензивна нега. Повеќе од половина од смртните случаи на ковид се случија во домови за згрижување стари лица. Властите во меѓувреме постојано нагласија дека целокупната стратегија на Шведска е избрана за справување со „маратон, а не спринт“.
Јохан Карлсон, директор на Шведската агенција за јавно здравје верува дека Европа покажала дека исклучувањата и повторното отворање „не се патот напред“.
„Нашата филозофија е да создадеме ситуација кога ќе можете да го живеете својот живот на разумно нормален начин со оглед на ограничувањата што се во сила“, рече Карлсон, додавајќи дека на секој пристап му треба широко прифаќање и придржување.