Достапни линкови

Само Земјоделското училиште во Битола со дозвола за физичка настава по сите предмети


Архивска фотографија - Настан во земјоделското училиште во Битола.
Архивска фотографија - Настан во земјоделското училиште во Битола.

Од 18 основни и средни општински училишта во општина Битола и едно државно средно, од кои половината бараа настава со физичко присуство на учениците, согласност доби само едно средно школо во градот, тоа е Земјоделското „Кузман Шапкарев“ за настава по сите предмети.

Државното музичко училиште дозвола доби со физичко присуство на ученици да ги одржува стручните премети, но не и општообразовните предмети, теоретските, солфеж, хор, оркестар и хорско пеење.

Од основните училишта во градот само „Ѓорги Сугарев“ доби дозвола за настава со физичко присуство, но во посебната паралелка, како и повеќе училишта во руралните средини. Според ова, најголемиот дел од училиштата и учениците во градот настава ќе држат онлајн.

Општина Битола веќе издвои над 7,8 милиони денари или 120.000 евра за набавка на компјутери и силна интернет врска за сите наставници и професори да можат онлајн настава да држат од основните и средните училишта во градот. Исто така, за сите училишта набавени се и бесконтактни топломери.

„Во однос на училиштата и состојбата со пандемијата Општина Битола издвои за набавка на компјутери и интернет врска 5,9 милиони денари за основните училишта и 2,4 милиони денари за средните училишта. За секоја училница во која наставниците и професорите ќе можат да држат настава, се обезбедува по еден компјутер“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

Основното училиште Ѓорги Сугарев.
Основното училиште Ѓорги Сугарев.

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека и наставата да се изведува со физичко присуство во дел од образованите установи, сепак мора да има и резервна варијанта, односно да бидат опремени со техника за изведување и на онлајн настава.

„Со ова даваме целокупна поддршка за успешен почеток на учебната година во овие околности , а тоа е уште една потврда за добрата кондиција на буџетот на Општината. Имајќи ги предвид спецификите во кои се наоѓаме, дури и таму каде што ќе има физичко присуство мора да има и варијанта за онлајн настава, зашто еден заболен ученик во една училница би значело автоматски изолација на останатите односно следење на настава онлајн“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Во меѓувреме училиштата ги подготвуваат распоредите на часовите, некаде тоа ќе бидат блок часови по одредени предмети, некаде единечни. Во дел од училиштата каде наставата нема да се изведува физички се планира барем првиот училишен ден во точно утврдени термини и групи учениците на отворено, со дистанца и маски, да ги подигнат учебниците и да се сретнат со наставниците и професорите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG