Достапни линкови

Судии кои оценуваат судии-вртење во круг


Втората странка во судските предмети останала неслушната. Адвокати велат дека никој не ги прашува што тие мислат за најавата за ревизија на предмети по случаен избор. Од друга страна, фелата е скептична дека најавените реформи ќе ја исполнат целта- прочистување на судството.

Ревизија по случаен избор на пет проценти од предметите од висок профил, ревизија на судски предмети кои застареле, со цел да се утврдaт реалните причини за застарување и каде е изворот со проблемот на застарување на предметите, проверка на имотна состојба на судиите, но и проверка на работата на судиите која ќа ја направи Судскиот совет особено во делот на застарување на предметите. Ова се дел од најавените реформи на новиот министер за правда Бојан Маричиќ.

Но, голем дел од правниците не се согласуваат дека со вака замислените ревизии ќе се исполни целта на реформата- прочистување на судството. За дел од адвокатите, проблемот лежи во Судскиот совет, во кој судиите би ги штителе како и досега своите колеги, а за други пак проблемот лежи во селективноста на изборот на предмети со кој нема да се прикаже реалната слика. Дел пак, предлагаат адвокатската фела да биде таа што ќе посочи кои предмети им седат во судските фиоки, а други не се согласувaат со ова поради субјективната природа на изборот.

Адвокатите како дел од судскиот систем нудат предлози, но велат дека нив никој ниту ги прашува за совет, ниту пак ги слушаат нивните предлози. Адвокатот Валентин Зафиров е еден од ретките кој ги искусил сите страни во судските постапки.

„Од 2008- мата година до ден денеска сум единствен судија кој што нема никаква дамка до тогаш, што искочи јавно да каже дека судството е под капата на извршната власт. Ме разрешија, ме осудија, ме ослободија, што не правеа со мене, јас останав на својот став. Никој не дојде да ме праша, освен што сите ми велеа дека сум во право, зошто е тоа така. Јас знам и одвнатре и како адвокат, па дури и како обвинет и осуден и после преку Врховен суд да покажам дека сум невин, значи никој не го интересира што може ќе земам голема оштета, зошто некој не одговарал за тоа, зошто некој тоа го дозволил, никој не ги интересира, а такви случаи и такви жртви има еден куп, па ете ги предметите “ вели Зафиров.

Тој беше осуден во предметот „Ликвидација“ во 2013 година, заедно со новинарот Томислав Кежаровски. Зафиров со уште неколкумина обвинители, судии и адвокати беа осудени поради начинот на кој што се водел судскиот предмет „Ореше“.

Укината пресудата за Кежаровски, предметот вратен на повторно судење

Кежаровски незадоволен од одлуката да не му се суди за „Ликвидација“

Зафиров вели дека тој предмет застаре и дека има одлука од Врховен суд со која се потврдува дека предметот не се водел во разумен рок, но за тоа никој не одговарал.

Според него, вистинскиот начин за квалитетна ревизија на судските случаи е преку конкретни предмети за кои статистика води Комитетот за заштита на правата на неправедно осудените лица. Зафиров додава дека не е потребно сите судии да се разгледуваат или разрешуваат затоа што во македонското судство постојат квалитетни судии, но тие се исплашени како што е секој граѓанин исплашен кога ќе треба да се судри со инстутиција.

Од друга страна, пак, неговиот колега адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека без оглед кој е процентот на вршењето на ревизија на веќе завршените предмети, тоа е нешто што нема да ја одрази сликата ниту e вистинската реформа која и е потребна на правосудството.

„ Многу оддамна се почна со евалуација на работењето на судиите, па се најавуваше реизбор, па ветинг, па ревизија на пет проценти или три проценти на предметите. Тоа се предмети кои се завршени, и тие се оценети во одредена постапка, дали жалбена, или пак оценка на работењето на судиите. Мислењето за тоа го дал Судскиот совет, и со тоа се вртиме во круг затоа што сега со ревизија на некои предмети по случаен избор пак би ја правел Судскиот совет“, вели Давидовиќ.

Тој додава дека ревизија може само да ја прави ново тело кое ќе биде составено од домашни и меѓународни експерти, па дури тогаш ќе може да се почне да се зборува за вистинска реформа, а не Судскиот совет кој беше критикуван во извештајот на Прибе како исполитизирана институција.

Новиот министер Бојан Маричиќ најави од следната пролет мониторинг на околу 50 судски случаи годишно од ЕУ, односно од домашни и странски експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

„Ние го добивме извештајот на Прибе, и во врска со него ништо не се направи и не се постапи, ова сега ќе биде повторно мониторирање, повторно комисии, нешто што веќе е направено, наместо да работиме на решавање на проблемот, нас дијагноза не ни треба, ние веќе имаме дијагноза, сега треба да ја сработиме работата“ вели Давидовиќ.

Зафиров посочува дека има бројни постапки пред Судскиот совет кои може да завршат со разрешување на судии, но тоа не се случува, освен во оние кои се политички мотивирани случаи. Како пример, посочува дека тој лично поднел преставка против судијка, но девет месеци предметот седи во фиока, односно ниту се разгледува предметот, ниту се преземаат мерки.

„Само со поведување на постапки и охрабрување на странките, на адвокатите, на обвинителствата да ги пријавуват неправилностите во судот, кои влијаат на нивното совесно и законито работење, и дека нема да трпат утре последици од осветничко однесување на тој судија или неговите колеги. Не е само судството, од една страна имаме сервилно судство кон обвинителството но од друга страна имаме ние и сервилна адвокатура, која не сака да си ја напушти комоцијата од типот од тоа да се видам со судијата, “ додава Зафиров.

Ретки се адвокатите кои покренуваат постапка против судија, за да не го налутат, вели тој. Тоа може да се случи само ако власта покаже јасни сигнали дека сериозно со конкретни дејства почне со „прочистување на судството“.

„Сите сакаат да викаат дека судството не чини, ама кога се во опозиција. Сегашната власт кога беше опозицијта беше за реизбор на судии, нешто што е неможно, и сега пак го актуелезираат тоа, ама јас не знам како ќе го направат тоа, особено затоа што се затворени со своите партиски советници, не коментирам за нивната стручност, туку не се отвараат пошироко за да добијат и поинакви мислења, на пример од адвокатурата, дали ние сме задоволни или не“ вели тој.

Прочистувањето на правосудството како и ревизијата на судските случаи и кадровското зајакнување на правосудството се клучните реформски приоритети. Конечниот модел за тоа како ќе изгледа спроведувањето на овие реформи ќе се знае по истекот на првите сто дена од формирањето на Владата најави министерот за правда Бојан Маричиќ. Дел од овие реформи беа напишани и во партиските изборни програми во последните два изборни циклуса.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG